Актуелниот началник во Одделот за обезбедување на Министерството за внатрешни работи Аднан Синани дава јавна поддршка на терористичките напади на палестинската организација Хамас врз Израел, објави поранешниот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев.
На профилот на Фејсбук под името Ади Адии, за кој Чулев тврди дека е на Синани, можат да се најдат неколку објави со кои се поддржуваат нападите на Хамас врз Израел, а од истиот профил Синани се впушта и во расправа со Чулев на ФБ.
Над илјада луѓе се убиени во Израел и во Појасот Газа откако палестинските милитанти од Хамас започнаа ненадеен напад врз Израел на 7 октомври, што предизвика одговор од израелските сили.
Министерството за внатрешни работи денеска потврди дека ги осудува таквите коментари и најави дисциплинска постапка против полицискиот службеник. Инаку Синани е началник на Одделот во МВР кој се грижи за обезбедување на функционерите во државата, како и за високи странски делегации и личности кои доаѓаат во посета на Северна Македонија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Чулев на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави фотографии од Ади Адии за кој тврди дека е профил на Аднан Синани, во кои тој објавуваа поддршка кон Палестинците, споредувајќи ги со украинскиот народ кој се брани од руската инвазија.
„ Во време кога светот и Македонија застануваат и даваат недвосмислена поддршка за Израел и ги осудуваат терористичките напади на Хамас, висок началник во Министерството за внатрешни работи дава јавна поддршка на нападите на Хамас врз Израел“, се вели во постот на Чулев.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди постапува по случајот со полицискиот службеник А.С. и неговите објави на социјалната мрежа Фејсбук во врска со нападите на Хамас врз Израел и против него ќе биде поведена дисциплинска постапка, односно ќе следуваат соодветни санкции.
„Ставот на МВР и Владата е јасен и прецизен. Силно ги осудуваме нападите на групата Хамас врз Израел и се солидаризираме со израелскиот народ. Апелираме за решенија преку дијалог. На светот му е потребен мир“, е наведено во соопштението од МВР.
Чулев тврди дека Синани со своите коментари на социјалните мрежи прави кривично дело, затоа што во неговите постови, како што вели, има недвосмислени елементи на говор на омраза.
„Оттука, се поставува прашањето дали безбедносните проверки за ова лице се направени стручно и професионално со оглед на високиот безбедносен ризик при обезбедување на домашни и странски ВИП личности и делегации. Дали функционерите на ДУИ, како Бујар Османи, кој јасно го осуди нападот на Хамас врз Израел, се свесни дека нивен поддржувач има дијаметрално спротивни ставови, а чува нивни колеги од Владата како и претседателот на Собранието, Талат Џафери“, се вели во постот на Чулев.
Видете и ова: Вонреден состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ за израелско- палестинскиот конфликтСинани му одговара на Чулев на обвинувањата со коментар на постот на Чулев на Фејсбук од профилот со име Ади Адии велејќи му дека ставот за поддршка на палестинските милитанти е лично негов и не треба да се меша со политичарите кој ги обезбедувал.
Откако палестинските милитанти во саботата на 7 октомври започнаа голем напад на Израел, по кој израелски воени авиони извршија напади врз цели на Хамас, во Појасот Газа.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ денеска ќе одржат вонреден неформален состанок посветен на „последиците од најновиот развој на настаните во Израел и во регионот.
И министрите за надворешни работи на земјите-членки на Арапската лига закажаа состанок за како што велат, „да се запре израелската агресија“ врз Појасот Газа. Состанокот е закажан за 11 октомври во Каиро. Вонредната седница ќе се одржи на барање на Палестинците.