Иако новата власт најавува вработувања во јавната администрација врз основа на ефикасност, квалитет, образование и искуство, очекувањата на дел експерти и невладини организации се дека и сега работните позиции во јавниот сектор ќе бидат пополнети со „партиски војници“.
Според нив, партискиот клуч ќе биде применуван особено при именувањата на директори, заменици директори и секретари, како што се случуваше и во изминативе три децении.
Партиите иако постојано велат дека поддржуваат професионализација на јавниот сектор, со години не го донесоа Законот за висока раководна служба кој предлага избор на стручен кадар во агенциите и институциите низ транспарентни постапки, иако за него неколку пати беа организирани јавни дебати во Собранието.
Законот го најавуваше минатата власт на СДСМ заедно со пакет од неколку други закони за реформа во јавниот сектор, коишто не беа изгласани во претходниот парламентарен состав.
Видете и ова: Прво избори, па закон да ги стопира партиските вработувања во администрацијатаДецениска пракса на партиски вработувања
Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ за РСЕ вели дека изразената партизираност при вработување во администрацијата и јавниот сектор и при именувањата на функционери е карактеристичен печат на владеењето последниве неколку децении и затоа според него ситуацијата нема да биде различна ниту со новата власт.
„За жал, очекувањата се дека и сега раководните позиции, кои во многу земји се дел од професионалната служба, кај нас ќе бидат пополнети преку инструментот на партиска припадност“, вели Поповиќ.
Во јавниот сектор во Северна Македонија активни се вкупно 1.371 институции, вклучително министерствата, во кои активно се вработени 128.879 луѓе, според Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација. Бројката стигнува до околу 160 илјади со оние кои се вработени со договор на дело.
ВМРО-ДПМНЕ која ја формираше новата Влада со коалиционите парнери Влен и ЗНАМ, ветуваше реформа на јавниот секор и професионализација на администрацијата.
Тие велеа дека ќе ја зголемат ефикасност на јавната управа преку намалување на бројот на јавни институции за 10 проценти, но и дека ќе ги реоганизираат министерствата. Но, наместо тоа по изборот на новата влада новиот владиниот кабинет доби 20 министерства, четири повеќе од претходната Влада.
Видете и ова: Дигитализацијата нема да ја намали јавната администрацијаПотребна е политичка волја
Искра Белчева Ристовска од Центарот за управување со промени вели дека во програмата за работа на Владата нема изрично наведено дека ќе се подготви и донесе Закон за висока раководна служба. Таа смета дека ако има политичка волја на краток рок Владата може да донесе подзаконски акт (Методологија/упатство) со кој ќе се пропишат критериумите, стандардите и постапката за именување на раководни и управувачки структури во институциите.
„Ова оди во прилог на генералната заложба на Владата за намалување на дискреционите овластувања на носителите на одлуки заради намалување на ризиците од корупција“, вели Белчева Ристовска
Новиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски на 28 јуни изјави дека вработувањата во јавниот сектор ќе бидат врз основа на професионалност, квалитет и образование. Тој зборуваше во насока на укинување на алатката балансер и дека исто така се залагаат да се стави крај вработувања врз основа на етничка припадност.
За вработувањата деновиве зборуваше и министерот за здравство Арбен Таравари, кој пак рече дека не може да гарантира дека вработувањата нема да бидат партиски.
Видете и ова: Кратење на 130 институции и отпуштања во администрацијата?Прво избор на директори, потоа нов закон
Универзитетскиот професор Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје вели дека без законот за висока раководна служба и овој пат може да се очекува дека директори ќе бидат именувани по партиски клуч.
„Тоа го правеше и владата на СДСМ. Откако ќе изберат директори со мандат од четири години, потоа велат дека ќе го носат законот. Толку е демократијата. Овој закон беше дискутиран пред пет-шест години во Собрание’, вели Давитковски.
Реформите во јавната администрација претходната власт ги најавуваше со носење на законите за административни службеници, за вработени во јавниот сектор, за високо-раководна служба и измени на законот за Агенцијата за медиуми.
Со овие закони администрацијата требаше да добие професионален кадар, вклучително државни секретари, директори и заменици директори.
Неколку верзии на Законот за раководна служба беа изработени уште пред повеќе од пет години. Законот предлагаше да бидат воспоставени транспарентни постапки за да се добијат стручни директори во агенциите и институциите кои ќе бидат одбрани врз основа на низа критериуми.
Видете и ова: ДУИ загрижена поради најавите за укинување на „балансерот“Постоечките закони не спречуваат најдобри кандидати
Но, според Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, иако Законот за висока раководна служба ги дефинира потребните карактеристики кои треба да ги имаат раководителите и има јасен процес на евалуација на кандидатите, вели дека професионални кадри може да бидат одбрани и со постоечките закони.
„Со оглед дека предлог Законот е заглавен во лавиринт, веројатно е подобро да се прашаме што од постојното законодавство спречува да се изберат најдобрите кандидати. Накратко - ништо не спречува. Предлог законот во основа додаваше структура онаму каде сегашното законодавство е недоречено. На пример, не постои пречка сегашните законски критериуми за, на пример, директор/ка на јавно претпријатие, да се надополнат со посебни квалификации кои нема да се елиминациски критериум“, вели Поповиќ.
Досега имаше три јавни расправи на различни верзии на Законот за висока раководна служба организирани од државата.
Поранешното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) уште во 2019 го претстави концептот. Ова министерство со реорганизацијата прерасна во Министерство за дигитална трансформација.
На почетокот на 2020 година, пратениците дискутираа за предлог законот во Собранието, но беше вратен назад на доработка.
Јавна расправа по нова верзија на текстот се одржа во МИОА во 2023, но претходната Влада не донесе одлука законот да биде испратен во Собранието.