Дијабетичарите во агонија - или нема инсулин, или нема како да се аплицира

Илустрација - Мерење на нивото на глукоза во крвта за тестирање за дијабет

Околу 45 илјади граѓани со дијабетес повторно се во неизвесност дали ќе обезбедат инсулин и редовна контрола на шеќерот во крвта. Веќе 7 месеци има инсулинска терапија, но нема сетови за пумпи, сензори и глукомери, со што во опасност се 700 деца и млади.

Четириесетгодишниот скопјанец Виктор Лукарски веќе 27 години е дијабетичар. Памети повеќе ситуации кога во земјава имало недостаток на инсулин или средства за мерење и контрола на болеста, бидејќи секогаш имало проблем околу тендерите и се чекало. Но да се чека толку долго како сега, вели дека не се случило никогаш претходно.

Има инсулин, но дијабетичарите не може да го користат кога немаат игли за апликација. За да го проверат нивото на шеќер треба да се боцнат 7 пати во текот на денот, а нема ни тест ленти, ниту глукометри, над 7 месеци. Виктор во борбата не е сам, но средствата на сојузниците се исцрпени.

„Да нема игли за аплицирање на инсулин повеќе од седум месеци е недозволиво. Добивам инсулин, немам како да го аплицирам. Сојузот на здруженијата на дијабетичарите на Македонија заедно со локалните здружениja кои се 29 и со дел од фармацевтските компании кои на наша среќа донираа глукометри и апаратчиња ги делеа низ социјално загрозените семејства, на деца. Сите средства, наши и нивни, се веќе исцрпени затоа што оваа агонија трае предолго. А ние имаме многу јасни барања кои се загарантирани со Уставот“, вели Лукарски кој е и член на надзорниот одбор во Сојузот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Добивам инсулин, немам како да го аплицирам“

Проблем е и што ги нема новите терапии кои помагаат многу дури и на лицата со Тип 2, а кои, како што вели Лукарски, според Министерството и Фондот постојат, меѓутоа никако да стигнат до дијабетичарите. Според него, сѐ се врти во некој магичен круг, поради заглавување во тендерски и административни процедури, многу смени на министри и еден куп бирократија.

Како се снаоѓаат македонските дијабетичари?

Во недостаток на средства дома, често чарето се бара преку граница и се празни џебот.

„Македонскиот граѓанин најчесто купува од сопствени средства. Сѐ што може да купи... Сензори се носат од странство, но се купуваат и од македонските фирми кои за прв пат оваа година почнаа да го увезуваат како CGM односно, мерач за континуирано мерење на гликемија. Сето ова како нови технологии се релативно скапи, но луѓето поради немање на основни средства за контролирање на дијабетесот го прават и тоа“, вели дијабетичарот.

Видете и ова: Институционалната борба на лицата со дијабетес

Тој е дециден дека некористењето на инсулин, и немањето на основна контрола на дијабетесот доведува до тешки компликации и смрт.

За дијабетес Тип 1 не постои друга терапија освен инсулински инекции и пумпи.

Ако нема основни услови за живот, има билет во еден правец

Многу од членовите во здружението за лица со дијабетес „Алегрија“ каде членува Виктор, веќе не нарачуваат од странство, бидејќи веќе се иселиле. И други постојано размислуваат да заминат засекогаш во држава каде ќе можат да живеат нормално со болеста.

„Македонија порано во регионот важеше за земја која има доста напредна грижа за лицата со дијабет. Последниве десеттина години тоа е непостоечко. Дури веќе би мигрирале и во соседните држави затоа што дури таму веќе имаат отворен пазар на референтни цени за купување на пумпи, инсулини, ленти за мерење на шеќер, сензори за мерење. Дури и во соседството, а со тоа ние бевме години, години пред нив“, заклучува Лукарски.

Министерот Меџити ветува - тендерите нема да доцнат

Податоците на Сојузот покажуват дека најмладите дијабетичари во земјава се бебиња на околу 6 месечна возраст. 150.000 граѓани се дијабетичари, од кои 45.000 се на инсулин. Сетови за пумпи, сензори, глукомери и терапија недостасуваат и за 700 деца и млади кои најчесто имаат дијабетес Тип 1.

Видете и ова: Меџити ветува набавка на лекот „трикафта“ до Нова Година

Додека сум јас министер, доцнење на набавки за лекови повеќе нема да има. Oва им го порача министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, на денешната средба со претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари.

„Правиме сѐ во наша моќ што побрзо се завршат правните процедури кои како институција мора да ги почитуваме. Како што веќе во неколку наврати информиравме, во моментот течат жалбените постапки на набавката на ленти, процедура која не зависи од Mинистерството. Доколку Второстепена комисија ја одбие жалбата веднаш ќе се пристапи кон склучување на договорот за набавка на ленти и глукометри за пациенти со тип 1 и тип 2“ информираше Меџити.

Тој на претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари им објасни дека откако ќе стигне решението од Второстепена комисија при Државна комисија по жалби за јавни набавки - одлуката станува конечна, по што веднаш ќе биде склучен договорот за набавка на ленти и глукометри за тип 1 и тип 2 и во најбрз можен рок ќе се почне со распределба во инсулинските аптеки, велат од Министерството за здравство. Додаваат дека Mинистерот денеска ја потпишал одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на сензори за континуирано мерење шеќер во крвта.