„Старото и дотраено игралиште близу трговскиот центар Зебра го заменивме со инклузивно модерно и безбедно“, објави градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на Фејсбук, на 6 септември.
Само два месеца подоцна, на терен видовме дека една од нишалките е целосно извадена и тргната на страна.
Недостасуваат дел од металните шрафови со кои оградата била прицврстена за подлогата. Поради ова, оградата полека почнува да се навалува на страна.
Освен тоа, некому му биле потребни и врвовите на моливите од кои се составена оградата.
Многупати досега од Општина Центар, велат, пријавувале вандализирање на игралиштата. Имале позитивен одговор од полицијата и барале поголемо полициско присуство.
„Еден комунален инспектор и тројца редари ја проверуваат состојбата. Доколку има вандализирање на урбаната опрема и сторителот се затекне на лице место, му се изрекува глоба“, велат од Центар, каде добиваат по две или три поплаки неделно, а бројот варира зависно од временските услови.
На територија на оваа општина има 39 детски и 12 спортски игралишта. Во општина Аеродром, пак, има околу 80 детски игралишта. Во Карпош има 56 детски/ урбани игралишта.
И Аеродром и Карпош ја имаат истата мака со игралиштата како и Центар.
Општините велат дека комуналните инспектори се секојдневно на терен, казнуваат и реагираат на поплаките од граѓаните. Но, и покрај ова, како да не постои неоштетено или целосно безбедно детско игралиште во главниот град. Ова го забележува Елена од Скопје, мајка на тригодишник која со синот најчесто ги користи игралиштата во Карпош каде живеат, но одат и на лулашки во Аеродром и Центар.
„Никако не е безбедно. Можеби има исклучоци, но не сум ги видела. Задолжително нешто не е во ред. И сите сме виновни за тоа, бидејќи не знаеме како да го одржуваме тоа што ни се дава. Не ја сфаќам поентата на кршење на лулашки. Се качуваат со нозе, се лулаат 15-годишници... Никогаш не сум видела некакви обезбедувачи. А и се прашувам - зарем сме дојдени до тоа дереџе некој да треба да стои и да кажува - не, немој така?“, вели Елена.
Како посебен пример за „квалитетно“ уништено го посочи игралиштето кај Градски ѕид, на местото познато како Плочник. Реквизитите од дрво, на површина од 250 м2, таму беа поставени во 2015 година.
„Од далеку не изгледаат оштетени. Но кога ќе се доближите, гледате дека делот кој поврзува една со друга страна е искршен. Може да се случи дете да падне во дупката помеѓу. Целосно се исчкртани, а ова беа можеби најубавите лулашки во Скопје“, додава мајката.
Неа ѝ изгледа како речиси никој да не се оптоварува со тоа што прават децата додека се на игралиште.
„Родителите најчесто не водат сметка. Битно им е да пијат кафе со комшиките додека не внимаваат што им прават децата и колку тоа се кршат лулашките“, децидна е Елена.
Според неа, дополнителен проблем е и локацијата на некои игралишта, бидејќи се на сама улица, а или немаат ограда, или ако ја има е толку ниска што дете може да ја прескокне и да истрча директно кон автомобилите во движење.
Игралиштето спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, на пример, се наоѓа покрај улица и е обиколено со ниска ограда. Ова е едно од ретките игралишта во Скопје каде сите лулашки се на број, но затоа пак делови од подлогата се „расфрлени“ насекаде.
Колкав буџет се издвојува и колку често се реконструира?
Според податоците кои ги добивме од трите општини, Центар за реконструкција и одржување планира околу 5 милиони денари годишно. Во Аеродром, за тековната година, за оваа намена издвоиле околу 2.5 милиони денари. Карпош, пак, наменил околу 2 милиони денари.
Од Центар велат дека вршат реконструкција на секои два до три месеци. Од Аеродром истакнуваат дека детските игралишта се одржуваат и се реконструираат континуирано во текот на целата година согласно потребите.
Помош од полицијата
Бидејќи, како што велат од Општина Карпош, многу е тешко да се откријат сторителите, тие бараат навечер, кога најчесто се случува уништувањето на урбаната опрема, да има патролна полиција и засилена контрола.
Од Министерството за внатрешни работи за РСЕ, велат дека во текот на оваа година пријавени се 5 кривични дела, од кои 3 кривични дела „Оштетување на туѓи предмети“ каде гонењето се презема по приватна тужба и 2 кривични дела „Тешка кражба“. Се преземаат мерки и по истрагата се поднесува кривична пријава до Основното Јавно Обвинителство Скопје.
На општините им останува и натаму да апелираат до граѓаните да се пријавува уништување на урбаната опрема бидејќи тоа е прекршочно дело, за кое следува парична казна, да се надеваат на екстра помош од полицијата и на посовесни граѓани.
На родителите, пак, добро да отворат очи пред да го пуштат детето на некое игралиште, но и да се надеваат дека токму тие ќе помогнат во будење на свеста за тоа дека не треба да се уништува заедничкото, бидејќи како што вели скопјанката Елена, сѐ почнува од дома.