Се претпоставува дека Пригожин е мртов по уривањето на авионот на Вагнер близу Москва

Истражители на местото каде што падна авионот на Вагнер, во кој се претпоставува дека бил и Пригожин

Приватниот авион во сопственост на групата платеници Вагнер се урна на пат од Санкт Петерсбург до Москва, а официјални претставници на компанијата соопштија дека нивниот шеф Евгениј Пригожин, бил меѓу десетмината на листата патници.

„Авионот на Ембраер Легаси се урна во близина на Кужнекино, област во регионот Твер. 10 лица, меѓу кои и тројца членови на екипажот беа во авионот. Според првичните извештаи сите во авионот загинале“, соопшти прес-службата на Министерството за вонредни состојби на 23 август.

Сојузната агенција за воздушен транспорт на Русија (Росавијација) додаде дека „според списокот на патници, вклучено е и името и презимето на Евгениј Пригожин“. Сепак, нема потврда дека Пригожин всушност бил авионот.

Лидер на руската платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин

Пригожин и командантот на Вагнер Дмитриј Уткин се наведени меѓу седумте патници на авионот, соопшти воздухопловната управа, цитирајќи ја авиокомпанијата. Во авионот имало и двајца пилоти и една стјуардеса, соопшти воздухопловната управа.

Росавијација соопшти дека е започната истрага за инцидентот.

„Комисијата на Федералната агенција за воздушен транспорт започнува со првични дејствија на местото на настанот и исто така започна со собирање фактички материјали за обуката на екипажот, техничката состојба на авионот, метеоролошката состојба на рутата на летот, работата на диспечерските служби и копнената радио опрема“, се вели во соопштението на воздухопловната управа.

Нема официјална потврда од Кремљ или Министерството за одбрана дека Пригожин и Уткин загинале, но каналот Телеграм поврзан со Вагнер го прогласи Пригожин за мртов.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пад на авионот, во кој се смета дека бил Пригожин

Каналот, Греј зона, го прогласи Пригожин за херој и патриот, кој според него умрел од рацете на неидентификувани луѓе кои ги нарече „предавници на Русија“.

Видете и ова: Можно е Русија веќе да не го плаќа „Вагнер“, тврди британското Министерство за одбрана

Американскиот претседател Џо Бајден е информиран за несреќата, соопшти Белата куќа.

Според досега објавени информации на руската новинска агенција РИА која се повикува на извори во службите за итни случаи телата на осум лица се пронајдени во урнатините. Агенцијата не соопшти дали некое од телата е идентификувано.

Официјалните лица не коментираа каква било можна причина за несреќата. Руските служби накусо соопштија дека е започната истрага за инцидентот.

Војниците на Вагнер одиграа клучна улога во руската инвазија на Украина, помагајќи да се преземат главните делови од градот Бахмут по речиси 10 месеци интензивни борби. Пригожин изјави дека загинале 20.000 мажи за време на операцијата Бахмут.

Пригожин, некогаш близок сојузник на Путин, започна бунт на 24 јуни по тврдењата дека руската војска убила некои од неговите луѓе во воздушен напад.

За време на бунтот беше соборен руски воен авион, а вкупно 13 припадници на руските воздухопловни сили беа убиени. Тоа беше најсериозниот предизвик за Путин во неговите повеќе од две децении на власт.

Пригожин не беше уапсен или приведен во тоа време, но Путин го осуди бунтот како „убод во грб“ и вети дека ќе ги казни сите вклучени „предавници“.

Видете и ова: Лукашенко тврди дека Пригожин се вратил во Русија

За локацијата каде беше конкретно сместен лидерот на Вагнер по бунтот до неодамна беше мистерија. Претходно се веруваше дека тој се движи меѓу Русија и Белорусија, каде што војниците на Вагнер поставуваа кампови за обука на белоруските вооружени сили како дел од договорот за кој беше преговаран што помогна да се стави крај на бунтот.

Бунтот дојде по неколкумесечните интензивни јавни борби со руското воено раководство околу воената стратегија во Украина и снабдувањето со муниција.