На 31 август годинава премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на отворање на детска градинка во Карпош 3. Покрај Ковачевски, настанот заедно со него го проследија и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, но и градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Целиот пи-ар тим на премиерот исто така беше присутен на настанот, а по завршувањето, на сајтот на Владата беа објавени фотографии од владините функционери со малолетни дечиња.
На овие слики може да се види како премиерот и другите присутни функционери се поздравуваат со дечињата, шетаат со нив и ги следат нивните активности.
Ова пак е само еден пример во низа, кога можеме да видиме политичар – без разлика на која политичка структура и припаѓа, јавно да објавува фотографии од малолетници без притоа да им бидат замаглени лицата на дечињата.
Ова е редовна пракса за повеќето политичари, па така, на социјалните мрежи можат да се видат фотографии од тоа како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се поздравува со деца спортско игралиште, или како на пример градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу е присутен на детска приредба и објавува слики од неаа, а речиси и да нема политичар на чиј профил не можат да се најдат фотографии од средби со најмалите.
Кога сме во предизборна кампања многу почесто гледаме вакви активности од сите политички субјекти – политичарите на средбите кои ги остваруваат тогаш со граѓани неретко објавуваат и се сликаат со малолетни деца и сето тоа го промовираат онлајн.
Што точно претставува злоупотреба на деца во политички цели?
Важно е да се направи разлика меѓу фотографирање на политичари со деца за политички поени и остварување на средби со деца и разговори со нив, вели народниот правобранител за заштита на правата на децата Васка Бајрамоска за РСЕ.
Бајрамоска објаснува дека ако фотографии од политичари со деца од некое основно училиште, на пример, се направени за активностите на училиштето, тогаш тоа не мора нужно да се смета за злоупотреба на детските права.
„При самиот почеток на учебната година градинките и училиштата се обврзани да побараат согласност од родителите за фотографирање на нивните деца за целите на училиштето, со цел да се заштитат податоците на децата. Така, на пример, доколку за одбележување на почеток на учебна година во некое училиште биде повикан премиерот или друг функционер и потоа се прикажуваат слики од децата со политичарот, тогаш тоа не претставува злоупотреба“, објаснува Бајрамоска.
За разлика од овој тип промоција на политичари со деца, кој Бајрамоска го правда преку претходно потпишана изјава на родител, од друга страна вели дека јавното изложување на децата од страна на политичари во време на кампања претставува класична злоупотреба на малолетници за политички цели и вели е редовна пракса и покрај нивните апели пред секоја изборна кампања.
„Постои правна регулатива која го штити детето од злоупотреби како користење на децата за целите на политичките партии, и ние го осудуваме секое вклучување на децата во вакви активности и апелираме оваа пракса да престане, барајќи од надлежните институции да ги преземат сите мерки за да ги обезбедат правата на децата и да спречат можна манипулација за време на изборните процеси“, додава Бајрамоска.
Меѓаши: Секогаш кога политичар јавно ќе се сретне и фотографира со дете може да се смета за кампања
За разлика од народниот правобранител пак, од Првата Детска амбасада во земјава Меѓаши, за РСЕ велат дека секое јавно појавување и фотографирање на политичар со дете може да се смета за кампања, иако и тие го истакнуваат делот дека со претходно потпишана изјава од родител, сликите на политичарите со деца од училишта или градинки можат бидат оправдани.
Од „Меѓаши“ велат дека тие уште од нивното постоење се обидуваат да им укажат на политичките партии и фигури да разберат што е во најдобар интерес за детето, но велат досега ниту еден политички субјект тоа не го разбрал ниту прифатил во целост, и постојано се случуваат злоупотреби.
„Во 30 годишното работење на АлоБушавко – телефонот за деца и млади, често се наоѓавме во ситуации да пресретнеме слики, видеа, објави на социјалните мрежи со злоупотреба на децата за политичко дејствување. Повторно, како и во изминатите години, со загриженост констатираме дека во континуитет со години се случува злоупотреба на деца поради политичко дејствување – акт што е забранет со Законот за заштита на децата, Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. “, додаваат од „Меѓаши“.
Видете и ова: „Ало Бушавко, ми треба помош!“Но и покрај овие апели и укажувања од страна на „Меѓаши“ дека злоупотребата на деца за политички цели е уредена и со закон, сепак речиси и да нема годишен извештај на Првата детска амбасада во земјава, а во него да не се споменува кршењето на правото на дететото особено нотирано во време на изборните процеси.
Зошто политичарите упорно ги користат децата за себепромоција?
Злоупотребата на деца за политички цели се прави или од незнаење или поради тоа што политичарите воопшто не се грижат за идентитетот и правата на дететето, смета Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии.
Според Трајковска, проблемот е во тоа што политичарите немаат морал и прават сѐ само за да добијат политички поен повеќе, а од друга страна вели немаме критична јавност ниту пак систем кој сето тоа ќе го казни.
„Сѐ додека не се воспостави некаков систем којшто условно кажано ќе ги удри по џебот или ќе ги повика на јавна одговорност, ние ќе имаме ваков тип на однесување. Едноставно тоа е себично и егоцентрично од страна на политичарите, бидејќи тие за да освојат политички поени и да бидат подобри во однос на комуникација со јавноста, не размислуваат за правата на децата и за жал од друга страна во ваква состојба во каква живееме јавноста не е толку критична за да може да ги осуди“, истакна Трајковска.
И покрај очигледните злоупотреби на слики од малолетници за политички цели кои особено се случуваат пред изборните процеси, а се посочени и од „Меѓаши“ и од детскиот правобранител, сепак во земјава ниту еден ваков случај не добил судска разрешница и казни за оној кој злоупотребувал фотографии со малолетници за политички цели.