Успехот во животот го должам на СОС детското село

Илустрација

На само 6 години избегала од ужасот на семејниот дом, а кога ја сместувале по домови прашувала дали има училиште, само таму се чувствувала сигурна. Силвана Ивановска, сега дипломат од кариера, во подкастот Зошто раскажува дека се што постигнала се должи што во СОС детското село не се откажале од неа

Во 2003 година, откако социјалните служби ја сместиле најпрво во Домот 25 мај, а потоа во Домот за деца без родители „11 октомври“, Силвана Ивановска била префрлена во СОС детското село. Тогаш почнувало со работа и нејзиниот помал брат бил првото дете таму, а потоа дошла таа и уште двајцата браќа каде живееле заедно.

Тогаш бев тинејџер со сите предизвици со кои се соочував, но тимот на Детското село не се откажа од мене, ме насочуваа, целиот успех што го имам постигнатиот во животот го должам на СОС детското село.

Често оди таму каде по пет деца живеат во една куќа во таканаречени згрижувачки семејства. Но има и други програми кога средношколци живеат во младински куќи.

Вели дека овие деца често се чувствуваат како обележани.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Успеав зошто тие не се откажаа од мене“

Силвана го раскажува своето тешко детство.

Моите се развеле и како што ми кажуваат моите тетки, кога сум имала 3 години. Мајка ми се премажила и таму живеев до 6 години и бевме сосема изолирани во планина. Ни со кола не се стигнуваше, Пендек се викаше селото. Во прво одделение одев во Страцин и беше далеку и не сакаа да ме носат. Ситуацијата беше лоша, очувот беше алкохоличар и јас избегав прв пат на 6 години. Не знам од каде ми беше храброста, ама бегав неколку пати и ме однесоа во Центарот за социјални работи,. Само прашав дали ќе има училиште, само таму се чувствував сигурно.

Прво била сместена во Домот 25 мај, каде имало и малолетни деликвенти, но сите таму биле едногласни дека треба да ме преместат. По една година била преместена во Домот за деца без родители.„11 Октомври“.

Може да се каже дека сум бунтовник, но не без причина. Не можам да премолчам пред неправда. Дали е за мене или за друг, не можам да трпам и да гледам неправда. Ми помогнало тоа, но и ми одмогнало во животот.

Силвана Ивановска во подкастот „Зошто“ со Сања Васиќ

Силвана Ивановска е првото дете од СОС Детското село што завршило факултет. Тогаш почнала и кампањата наречена Д-10 на Владата за вработувања на ранливи категории и таа била вработена во Министерството за надворешни работи, каде што денеска гради дипломатска кариера.

Преку оваа програма биле вработени во јавна администрација 130 лица без родители, секој согласно квалификациите. Но по промена на Владата програмата прекинала.

Немаме ние кој да не подбутне, немаме родители зад себе кои можат да ни помогнат во овој процес на вработување. Многу не се вработени, има многу кои се невработени и чекаат вработување. Не мора во администрација. Бараат активно, работат по кафулиња, има човек со економски факултет кој работи како ѕидар.

Како до сопствен дом за Силвана Ивановска е невозможна мисија со оглед на платите во земјава. Тоа е сон и нејзин и на нејзините браќа кои живеат како подстанари, иако верува дека државата и за тоа може лесно да најде решение. Но оптимизмот никогаш не ја напушта, ниту борбеноста, а најважно нешто во животот вели дека и се пријателите.

Слушајте не, следете те го Поткастот Зошто на Слободна Европа и на Спотифај, Јутјуб и Ејпл . Кликнете на Зошто и давајте ни идеи и теми кои сакате да ги слушате, а ние ќе прашуваме преку нашите социјалните мрежи.