Водата во Крива Река е сериозно загадена и спаѓа во најлошата категорија на загадени води, неупотреблива за било која намена.
Ова го соопшти градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, на 3 април, откако Општината ги добила резултатите и од втората анализа на водата од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а направена на барање на риболовното друштво „Мрена“.
И претходната анализа од минатата недела, направена на барање на општината од страна на лабораторијата „Технолаб“, покажа загадување со тешки метали, вклучително олово и цијанид.
Одговорноста за токсичната вода во и во Крива Река и во Тораничка, локалната власт ја гледа кај фирмата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ, која стопанисува со рудникот Тораница.
„Апелираме од надлежните да реагираат соодветно и без дополнителна задршка. Апелираме и Јавното обвинителство да отвори постапка согласно кривичната пријава што ја поднесовме минатата недела“, повика Митовски.
А, Основното јавно обвинителство Куманово, како што потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ), веќе води предистрага и ги испитува можностите за кривична одговорност за БУЛМАК 2016 ДООЕЛ.
„Обвинителството ќе продолжи да презема дејствија во форма на соодветни наредби, насоки и вештачења за испитување на евентуална одговорност“, велат од Јавното обвинителство за Радио Слободна Европа.
Јавноста очекува одговори за случајот, откако дента на 14 март на социјалните мрежи беа споделувани фотографии и видеа што покажуваат како низ Крива Река тече морничава сива вода, наместо бистра.
Што покажаа анализите?
На прес-конференцијата денеска, 3 април, презентирајќи ги резултати од Инситутот за јавно здравје (ИЈЗ), Митовски посочи дека водата спаѓа дури во петатта класа согласно уредбата за класификација што е најлоша категорија. Оловото, тврди, било присутно со 36,65 микрограми на литар во однос на максималната вредност 10 микрограми од дозволените на литар.
Повикувајќи се на анализата, Митовски кажа дека присуството на манган е 188,242 микрограми наспроти дозволените 50, на цинк 113,187 микрограми наспроти дозволените 100, на кадиум 2,158, наспроти 0,1 микрограм.
Матноста, презентираше градоначалникот, е 170 единици, а граничната вредност е 10.
Застрашувачки резултати тој сподели и на 28 март односно по претходната анализа направена од акредитираната лабораторија „Технолаб“. Како што рече тогаш, концентрацијата на олово во Крива Река е зголемено за неверојатни десет пати повеќе. Дополнително, посочи тогаш, за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот во Крива Река.
Видете и ова: Крива Река загадена со олово, цијанид и фосфор, тврди градоначалникот на Крива ПаланкаИстиот ден (28 март) извештај објави и Државниот инспекторат за животна средина во кој не споменува загадување од цијанид, но наведува дека отпадните води од рудникот содржеле суспендирани материи, минерални масла и метали: олово, цинк, кадмиум, манган, арсен и друго и дека во водите не биле забележани мртви риби.
Во првичниот извештај на инспекторатот, објавен дента кога се случи инцидентот, не е наведено какви материи содржеле отпадните води кои се излеале од рудникот во двете реки.
Од друга страна, градоначалникот Митовски вели дека не му е јасно како БУЛМАК 2016 тврди дека тие не се причина за хаваријата ако се имаат предвид двете анализи и А еколошката дозвола што ја поседува рудникот, а од која се гледа дека „Тораница“ во производствениот процес користат токму кадиум, цинк, олово и цијанид.
Обвинителите и инспекторите за животна средина, пак, пред два дена одржаа состанок за случајот, а врз основа на доказите кои ќе бидат собрани ќе се одлучи дали и како ќе го продолжат случајот понатаму и за какво дело.
Компанијата „Булмак 2016“, која е сопственик на рудникот „Тораница“ ги отфрла обвинувањата дека ја загадиле водата во Крива и Тораничка река. На дел од новинарите кои вчера ги поканија во Крива Паланка им покажале анализи направени во независна лабораторија, кои, како што тврдат, покажуваат дека од рудникот се излеала техничка вода кво која немало тешки метали, а „водата во реките била заматена од порој“.
„Можеби имало некакво загадување во Крива Река, но ние сме убедени дека по добивањето на резултатите од лабораторијата и сите чекори што ги презедовме, како компанија која има највисока А интегрирана еколошка дозвола, постапивме целосно согласно законските прописи и дека причината за заматување или загадување или било каква друга последица не е компанијата Булмак, односно не е рудникот Тораница“, изјави директорот на БУЛМАК, Тони Тоневски.
Добиените наоди од лабораториската анализа, велат од БУЛМАК, укажуваат дека нивото на цијанид било пониско од граничните вредности за води од трета класа како што е Тораничка Река.
Рудникот проблемот го решава со спогодба со Министерството
Но, за инцидентот истовремено е започната спогодбена постапка во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Законот за животна средина предвидува вакви спогодбени постапки за случаи за загадување во кои се одредува глоба во зависност од големината на инцидентот.
Државниот инспекторат за животна средина објавувајќи дека е започната спогодбена постапка рече дека БУЛМАК сторил прекршок од трета категорија според Законот за животна средина и дека компанијата се согласила на постапката за спогодување а дека предвидената глоба изнесува до 200.000 евра за правниот субјект и 10.000 евра за одговорното лице.
Но, ако компанијата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ која го експлоатира рудникот Тораница, лани остварила приход од 32 милиони евра, казната од 200.000 отвора прашање дали вакви санкции навистина можат да имаат одвраќачки ефект врз големите загадувачи.
Над два милиони евра компанијата остварила истата година, според податоците на КОМПАНИВАЛ ДООЕЛ - рејтинг агенција која прави анализи на финансиски податоци.
Поранешната В.Д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска која беше на функцијата во 2021 година, вели дека за голем дел од прекршоците за загадување се водат вакви спогодбени постапки, посочувајќи дека „секогаш кај нас индустријата била заштитена“ со образложението дека вработува луѓе, но и поради тоа што „повеќе или помалку тие индустрии придонесуваат во политичкиот живот.“
Таа вели дка за отворање на кривична постапка за вакви случаи потребни се докази земени „во моментот на излевањето на тие токсичните материи“ и доставени до Обвинителство и на МВР.
„Во тие ситуации кога некој сака да постапува, треба да постапува навремено, да има пристап до акредитирана лабораторија, примерокот да се земе на адекватен начин, за да обвинителството и судот да имаат по што да постапуваат“, вели Петровска.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Отровен мазут влегува во земјава, истрагите го игнорираат загадувањето
Во извештајот на Државниот инспекторат се вели дека инцидентот се случил поради пукање на цевка која доведува технолошка вода, при што се излеала вода и ги заматила двете реки, но дека компанијата го санирала дефектот и го сопрела истекувањето.
Министерот за животна средина, Изет Меџити, по инцидентот рече дека нема да има толеранција за загадувачите, најавувајќи засилени инспекциски контроли и целосна транспарентност.
Инспекторатот утврдил дека компанијата не составила задолжителен записник за инцидентот, ниту доставила известување до Министерството за животна средина, како што е предвидено со А-Интегрираната еколошка дозвола.
„Минстрој“, Николај Валканов и некогашната „Мултигруп“
Илија Павлов од некогашната „Мултигруп“ и Николај Валканов (десно) фотографирани на отворањето на комплексот „Рајска плажа“ кај Влас на бугарското приморје на 29.7.2002 година
БУЛМАК 2016 ДООЕЛ е во сопственост на „Минстрој“, на која сопственик и директор е Николај Валканов. „Минстрој“ една од водечките компании во рударството во Бугарија, а во 2016 година ги купи македонските рудници „Злетово“ и „Тораница“.
Валканов важи за влијателен бизнисмен во Бугарија, потпретседател на поранешната озлогласена компанија „Мултигруп, симбол на транзицијата, која отсекогаш била блиску до власта. Компаниите под капата на корпорацијата работеа главно во бизниси со државна сопственост, пишуваше бугарскиот сервис на РСЕ во 2022 година.
Пред две години, Николај Валканов се закити со орденот „Стара планина“, највисока државна награда што ја доделува претседателот Румен Радев. Во образложението на указот на претседателот Радев пишуваше дека орденот му се дава на Валканов за „исклучителниот придонес и заслуги за економскиот развој на државата“. Одлуката за орденот на Валканов била потпишана и од тогашниот технички премиер Галаб Донев и како што пишуваше бугарскиот сервис на РСЕ, му била доделена во тајност, а во биографијата бил „изоставен“ фактот дела Волканов бил потпретседател на Мултигруп.
Кривична постапка за случајот бараа и еколошките граѓански здруженија. Со последните измени на Кривичниот законик од минатата година, земјава воведе построги казни за загадување на животната средина, вклучувајќи го и кривичното дело „екоцид“, кое се дефинира како долготрајно и широко распространето загадување што предизвикува сериозна штета.
Екоцидот тешко се докажува
За екоцид е предвидена казна од најмалку десет години до доживотен затвор, што го става ова дело во редот на најтешките кривични дела.
За загадување на воздух, вода и почва над дозволените граници, се предвидуваат казни од една до пет години затвор, зависно од степенот на загадување.
Дополнително, за предизвикување сериозна опасност по здравјето на луѓето или уништување на растителен и животински свет, казните се од три до десет години затвор.
Иако новите казни се сметаат за превентивни и механизми за одговорност, правните експерти укажуваат на предизвици во докажувањето на кривичните дела, особено на екоцидот.
Видете и ова: Екоцидот најстрого ќе се казнува, но тешко ќе се докажуваРадио Слободна Европа и ги анализираше измените на Кривичниот законик. Тогаш Александра Цветановска – претседателка на Македонското здружение на млади правници ни кажа дека за докажувањето на ова дело ќе се бара каузалитет.
„Сериозен предизвик ќе биде докажување токму на таа каузална врска помеѓу преземањето или пропуштањето на некое дејствие и настанатата широко распространета штета на животната средина. Дополнителен предизвик за докажувањето на ова дело е намерата кај сторителот да ја предизвика штетата. Несомнено е дека за истражувањето и докажувањето на ова кривично дело ќе бидат потребни вешти наоди“, вели Цветановска.
Тие исто така нагласуваат дека ефикасното спроведување на законот ќе зависи од капацитетите на обвинителите, инспекторите и полициските службеници, како и од потребата за специјализирани одделенија за истражување на еколошки криминал.