Со оглед на тоа што резултатот од контроверзниот референдум за нуклеарна енергија во Казахстан беше убедливо „ДА“, вниманието сега се свртува кон тоа која земја ќе го изгради објектот.
Владата на Казахстан се залага оваа задача да ја преземе меѓународен конзорциум од компании за нуклеарна енергија, притоа истакнувајќи дека конечната одлука нема да биде донесена до следната година.
Но, ако Казахстан целосно го игнорира рускиот нуклеарен гигант „Росатом“, тоа би претставувало глобален тренд.
Среде војната во Украина и зголемената дипломатска изолација на Москва, проектите за нуклеарна енергија во странски земји станаа уште поважен дел од напорите на Русија да го задржи влијанието на меѓународната сцена.
Навистина, во трудот за руската „дипломатија за нуклеарна енергија“ објавен минатата година, научниците од Норвешкиот институт за меѓународни односи тврдат дека нуклеарната енергија може да биде „занемарениот адут на Русија во светот што се декарбонира“.
Со високиот влог, Кремљ несомнено ќе очекува од своите партнери во Централна Азија кои се ограничени со енергија да играат на таа карта, со Узбекистан кој веќе се пријави за мала нуклеарна централа изградена од Росатом, а Киргистан размислува за објект кој би бил уште помал.
Но, по која цена? Дали финансиска или на друг начин, би можело да дојде до растечки дострел на компанијата Росатом во соседството?
„Централна Азија има посебно место во руската нуклеарна енергетска дипломатија поради постсоветското наследство, што значи дека операциите на Росатом во регионот се полесни и понепречени отколку на друго место - нема јазична бариера, институционални и лични контакти кои се враќаат во советско време“, изјави за РСЕ коавторот на истражувањето, Качпер Шулецки.
На овој начин, „нуклеарната енергија може да биде елемент на руското економско и симболично присуство во регионот“, рече тој.
Видете и ова: Незамисливо: Како би изгледала нуклеарна војна во Европа?Во исто време, проектите за нуклеарна енергија можат да создадат „тешки зависности“ за земјите-домаќини, доколку нивниот удел во вкупното производство на енергија стане значаен, притоа поставувајќи безбедносни ризици кои се карактеристични за нуклеарната енергија, тврди Шулецки.
„Некои од ризиците што ги испитавме во истражувањето, како саботажата на пример, се работи што имаат мала веројатност да се случат, но потенцијално имаат многу деструктивни влијанија“, рече тој.
Според Извештајот за статусот на светската нуклеарна индустрија (WNISR) 2024 година, компанијата Росатом „е примарен конструктор и извозник на реактори, градејќи 26 од 59-те единици во изградба ширум светот од средината на 2024 година“.
Најмалку 20 од тие единици се градат надвор од Русија, а меѓу клиентите се Бангладеш, Кина, Египет, Индија и Турција.
И додека нуклеарната енергија како целина го загуби својот дел од глобалното производство на енергија од несреќата во Фукушима во 2022 година, Русија останува „бесрамно нуклеарна“, според зборовите на Светската нуклеарна асоцијација, застапник на глобалната индустрија, давајќи им приоритет на новите реактори, наместо обновливите извори на енергија.
Не е тешко да се види зошто.
Сметките за нуклеарните централи се големи и навидум растат.
Нуклеарната централа Аккују од 4,8 гигавати (GW) што Росатом почна да ја гради во турската провинција Мерсин во 2018 година, во медиумите најчесто се нарекува објект од 20 милијарди долари.
Но, уште во јуни, генералниот директор на Росатом, Алексеј Лихачев, ја зголеми цената на централата што ќе снабдува околу 10 отсто од вкупната енергија на Турција на 24-25 милијарди долари.
Објектот од 2,2 GW во Бангладеш е со цена од 12,65 милијарди долари, а најголемиот дел од финансирањето доаѓа преку руски заем. Договорот за тој објект е постигнат во 2011 година, а изградбата започна дури во 2017 година.
И казахстанскиот вицепремиер Роман Склиар призна (откако резултатите од референдумот веќе беа објавени) дека цената од 10 до 12 милијарди долари за моделот на кој се обврзува неговата влада може да се зголеми за дури 50 отсто во текот на следната декада со инфлација.
Додека агресивната потрага по клиенти на Росатом е во тек, таа исто така изгуби некои како резултат на војната.
Во 2022 година, конзорциумот Феновоима предводен од Финска објави дека се повлекува од планираниот проект за реактор со компанијата, наведувајќи ги доцнењата и зголемените ризици поради војната во Украина.
„Росатом“ не беше директно цел на санкции, но некои од неговите синџири на снабдување беа погодени, што ги одложи проектите.
Тие ризици навидум, се во главите на креаторите на политиката и во Централна Азија.
Скајлар рече дека Казахстан ќе вклучи „клаузула за санкции“ во секој договор за нуклеарната централа, без конкретно да ја именува Русија.
Узбекистан, во меѓувреме, ја заузда својата нуклеарна визија.
Во 2018 година, кога рускиот претседател Владимир Путин беше во посета на Ташкент, двете земји почнаа да градат нуклеарен капацитет со проектиран капацитет од 2,4 гигавати (GW), што би сочинувало околу една петтина од енергетските потреби на Узбекистан. Изградбата требаше да чини 11 милијарди долари.
Видете и ова: Се гледа ли крајот на контролата на нуклеарното оружје?Работите на проект никогаш навистина не мрднаа после тоа, а кога Путин и неговиот колега Шавкат Мирзиоев го потврдија новиот договор за Росатом за изградба на нуклеарен објект во земјата со 35 милиони жители претходно оваа година, тоа беше за објект во кој ќе има шест нуклеарни реактори, од кој секој со капацитет од само 55 мегавати (MW).
Договори за конзорциуми
Централноазискиот сосед Киргистан во 2023 година соопшти дека исто така е во преговори со Росатом за релативно мал нуклеарен капацитет со пријавен капацитет од 110 мегавати (MW).
Но, во мај, заменик-министерот за енергетика Таалаибек Бајгазиев рече дека само подготовката на специјалисти и поставувањето на теренот за таков проект ќе потрае цела деценија. Спротивно на тоа, Росатом се очекува да го заврши својот прв странски проект со употреба на енергијата на ветерот, осносно изградба на „фарма на ветер“ од 100 мегавати (MW) во киргистанската провинција Исик-Кул во следните две години.
Иако дефицитот на електрична енергија во Киргистан и Узбекистан се се поизразени, тие стануваат проблем и во Казахстан, каде властите се категорични дека нуклеарната енергија е голем дел од решението.
Оваа недела, откако резултатите од строго контролираниот референдум на 6 октомври покажаа дека повеќе од 70 отсто од гласачите се „за“ за изградба на нуклеарна централа, претставниците на претседателот Касим-Жомарт Токаев го повторила својот став за „меѓународен конзорциум“ за изградба на фабриката.
Склијар рече дека таков конзорциум ќе се состои од „не повеќе од пет земји“, бројка што се претпоставува дека ја сочинуваат Кина, Франција, Русија и Јужна Кореја, земјите кои веќе го пријавиле својот интерес за изградба на објектот, исто така како и самиот Казахстан.
Оваа идеја за меѓународен конзорциум е во согласност со желбата на Казахстан да најде заеднички јазик со партнерските земји во услови на многу високи геополитички тензии.
Но, дури и да се игнорираат компликациите од натерувањето на ривалите да работат заедно, нуклеарните централи всушност не се градат така, вели Мајкл Шнајдер, координатор и издавач на истражувањето на WNISR за индустријата од 2024 година.
„Да, проектите за нуклеарна енергија се меѓународни и често стотици компании можат да бидат вклучени. Но, главното прашање е секогаш: „Кој ќе биде одговорниот градител што ќе го преземе инвестицискиот ризик?“ Пет компании со по 20 проценти удел во проектот?“, прашува Шнајдер.
„И од оние компании кои орбитираат околу проектот - кинеската CNNC, француската EDF, јужнокорејската KEPCO и Росатом, токму Росатом е единствената која навистина успешно добива странски договори за изградба на реактори во последно време“, истакна експертот од индустријата.
Пред да биде одржан референдумот за изградба на нуклеарна централа, казахстанската влада ги уверуваше оние кои се плашат дека објектот може да биде манипулиран од странска сила, што може да има влијание врз земјата, дека прашањето е „чисто комерцијално, а не политичко“.
„Избраната компанија или група компании ќе бидат вклучени само во изградбата, не во работењето на станицата“, повторуваа официјалните лица.
Повторно, Шнајдер тврди дека тоа не е толку едноставно.
„Прво, купувањето на нуклеарна централа е политичко прашање само по себе. Второ, секој дизајн на енергетски реактор е многу специфичен и не може да се ракува без техничка помош од тој што го изградил. Операторите се дури и обучени за поединечни модели на реактори и не можат едноставно да се менуваат од еден на друг. Обуката на автономните оператори трае со години“, објаснува за РСЕ, Шнајдер.