Цените или стагнираат или растат – намалувањето само илузија

Илустративна фотографија

Новогодишната кошница треба да се објави до крајот на оваа недела. Официјалните бројки ветуваат стабилизација на инфлацијата, но граѓани се жалат дека расте товарот врз нивниот буџет. Економски експерти се сомневаат во резултати од празничните кошници додека се зголемува сиромаштијата.

„Едно обично пазарење на неколку основни продукти не поминува без илјада денари,“ се жали пензионерката Билјана К., која ја затекнавме пред маркет во скопската населба Карпош.

Нејзината приказна е само една од многуте што ги отсликуваат секојдневните предизвици на граѓаните во Северна Македонија со високите цени, и покрај тоа што до крајот на ноември важеа мерките од „есенската кошница“.

Во пресрет на новогодишните празници, Министерството за економија и труд најавува новогодишна потрошувачка кошничка која се планира да опфати 600 производи, што е повеќе од претходната.

Официјалните податоци покажуваат забавување на инфлацијата. Владата смета дека мерките даваат резултат, но граѓаните сведочат дека товарот врз нивниот буџет не стивнува.

„Цените само растат или остануваат исти. Намалување? Тоа е бајка за нас,“ додава Билјана.

Видете и ова: Есенска кошница - Според власта заштедата е до 1360, според опозицијата 57 денари

Секој ден поскап живот

Најновите податоци од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) откриваат дека минималната синдикална кошница за ноември била зголемена за 772 денари во споредба со октомври 2024 година.

Поскапувања има на некои од производите што граѓаните секојдневно ги конзумираат:

  • Доматите поскапеле за 40 денари,
  • Краставиците за 20 денари,
  • Оризот за 21 денар,
  • Кравјото сирење за 16 денари,
  • Јајцата за 10 денари.

Покрај храната, поскапуваат и текстилот, услугите и други основни потреби „што дополнително го усложнува животот“, како што вели 60-годишниот Бојан Рангелов.

„Каде и да пазарам, секогаш потрошеното излегува повеќе,“ вели тој.

Слично мисли и Ристо Г., кој додава: „Зеленчукот е значително поскап, а поскапувањата на услугите и други производи се чувствуваат на секој чекор.“

Меѓу производите со зголемени цени се и јогуртот кој е поскап за 8 денари, чајната за 18, морковите 10, кромидот 16, пиперките 18, чајот 20 и зејтинот 8 денари, според кошничката на ССМ.

Некои производи се намалени: овчото сирење за 46 денари, килограм портокали -35 денари, јаболката 10, спанаќот 18, а марулата за 6 денари помалку.

Инфографика - Поскапување и поевтинување во потрошувачката кошница - октомври/ноември 2024

„Намалувањето е смешно“

„Не се во прашање мерките, во прашање се трговците“, вели за РСЕ Марија Зарезанкова-Потевска – професорка на Економскиот факултет во Скопје.

„Тешко дека може да се контролираат трговците. И да има поголеми контроли, тоа не е можно на ниво на цела држава со толку малку пазарни инспектори“, вели Зарезанкова-Потевска.

„Мислам дека новите мерки нема да дадат позначајни резултати, како што не дадоа ни досега. Смешно е намалувањето со овие кошнички, а сиромаштијата се зголемува“, вели таа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Потрошувачка кошничка: Што може да си дозволи семејство со две просечни плати?

Надеж во официјалните прогнози

Додека граѓаните бараат начини да се справат со растечките трошоци, Народната банка на Северна Македонија уверува дека инфлацијата ќе се забавува во наредниот период.

„Следната година се очекува просечната инфлација да се сведе на 2,5 проценти, а на подолг рок на историски просек од 2 отсто,“ изјави вицегувернерката Ана Митреска.

Но, за многумина ова се само статистики. „Реалноста е поинаква – животот е сè поскап,“ велат граѓани за РСЕ.

Владата го фали успехот

Со новата кошничка со опфатени над 600 производи властите најавија дека мерката ќе важи еден месец, но повеќе детали министерот за економија и труд Бесар Дурмиши рече дека ќе објави во четврок или во петок.

Со претходната „есенска кошница за ублажување на растот на цените трговците на големо и на мало требаше да ја намалат до 10 отсто маржата на 73 основни производи.

На листата беа леб, тестенини, брашно, пекарски производи: бурек и банички со месо и сирење, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, масло за јадење и дел од конзервираните производи.

Сега, со новогодишната кошничка треба да бидат опфатени и други производи.

Министерството за економија и труд објави дека есенската кошница „ги дала очекуваните резултати“.

Според Министерството, четиричлено семејство месечно заштедило меѓу 690 и 1.360 денари благодарение на ограничувањето на маржите.

Но, ваквите бројки не се доволни за многу семејства, со оглед на тоа што, според Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), минималната синдикална кошница изнесува над 62.000 денари.

За домаќинство кое изнајмува стан од 60 квадратни метри, потребни се дури 77.369 денари.

Видете и ова: Предлог-законот за минимална плата поднесен од опозицијата пред пратениците

ССМ: „Богатење на грбот на граѓаните“

Од ССМ велат дека веќе разговараат со Министерството за економија и труд за креирањето на идните мерки, но предупредуваат:

„Трговците треба да покажат општествена одговорност или Владата да воведе ригорозни казни за оние кои профитираат на штета на граѓаните“.

Синдикалната минимална кошница во делот за храна и пијалоци, ден по завршување на мерката на Владата повторно е зголемена за 609 денари, а вкупната Синдикална минимална кошница за 772 денари, велат од ССМ.

Пресметките на синдикатот покажуваат дека вредноста на минималната кошница од јануари наваму е зголемена за 4.858 денари.

„Евидентно е дека некој се богати на грбот на граѓаните и работниците, а не ги почитува мерките на Владата кои се креираат за да се помогне на граѓаните со ниски примања“, велат од ССМ.

Што понатаму?

И покрај владините обиди, граѓаните со кои разговаравме сметаат дека вистинската борба против поскапувањата бара поголема ефикасност и построга контрола врз трговците.

Видете и ова: За 14,4 насто намалени откупот и продажбата на земјоделски производи

Освен новата кошничка, Министерот за економија Дурмиши најави и нови намалувања на цените во маркетите од ноември, како резултат на Законот за нефер трговски практики што стапи на сила пред еден месец.

Воведувањето на празничните кошници е дел од напорите на Владата да се справи со растечките трошоци на животот и да понуди олеснување за најпогодените категории на граѓани, додава тој.

Но спротивно на тоа, опозицијата мерката ја оцени како „големо промашување“, посочувајќи дека цените во маркетите не се намалиле, туку дека останале исти.

Во оваа насока СДСМ најави дека ќе поднесе законско решение „за вистинско намалување на цените“.

Иако официјалните податоци покажуваат знаци на стабилизација на инфлацијата, реалноста на теренот укажува дека многу граѓани сè уште се борат со растечките трошоци за живот.

Со воведувањето на нови мерки, како празничните кошници, ќе биде на Владата да обезбеди краткорочно олеснување, но вистинскиот ефект повторно ќе зависи од доследноста во нивната примена и одговорноста на трговците.