Властите заобиколиле неколку контролни механизми при носењето на Законот за коридорите 8 и 10 д, со што се зголемува ризикот за корупција. Во таа низа на заобиколување на закони и на деловници за работа учестувале и Владата и Собранието и Претседателот на државата, покажува анализата Интегритет при носење одлуки: Системски пропусти во случајот „Бехтел Енка“, изработен од Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје.
„На очиглед на сите пропусти, иако го имале правото да спречат, тоа не го направиле и со тоа овозможиле ризикот од корупција да се озакони“, вели Поповиќ.
За спроведување на Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ со кој е предвидена изградба на четири автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10д, Собранието прво изгласа посебен закон за таа намена, а потоа беа изгласани измени на пет други закони.
Договорот за изградба е таен, а според проценките на Владата изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра. Во тие пари не влегуваат плус околу 238 милиони евра од буџетот.
Анализата на Поповиќ покажува дека низ сите етапи, од идејата за носење на Законот, до промената на другите закони, се забележува искористување на монополот и дискрецијата при носење одлуки, занемарувајќи ги постоечките механизми кои преку отчетност, треба да ги зауздаат ризиците кои произлегуваат при носењето одлуки.
Како ќе се приближува влезот во Европската унија, така ќе се подобрува и транспарентноста, вели Поповиќ, па корумпираните актери ќе го искористат просторот за да го намалат ризикот од кривичен прогон при евентаулната корупција.
„Односно да донесат политики и закони кои директно внатре во законите ја вградуваат привилегијата за одреден приватен интерес, во случајот бизнис интерес“, вели Поповиќ.
Закон за стратешко партнерство со Бехтел и Енка беше изгласан во јули 2021, а речиси две години подоцна беа променети пет други закони за да може конзорциумот брз и без отежнати процедури да ги гради предвидените патишта.
Законот и дозволува на Владата да склучи директен договор со конзорциумот, наспроти општите правила за јавни набавки, според кои, со оглед на големината на трошоците, ќе требало да се објави меѓународен тендер и да се избере најдобар понудувач, се наведува во анализата.
Северна Македонија веќе има слично искуство поврзано со автопатот „Кичево-Охрид“ каде што пред суд се изведени повеќе челници од владата на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и порашениот премиер Никола Груевски, со обвинение за злоупотреба на службена должност.
Видете и ова: На сметка на „Бехтел и Енка“ досега легнале околу 167 милиони евраЗа случајот со Бехтел и Енка Обвинителството отвори предистрага за коридорите, но од Обвинителство досега не се изјасниле до каде се проверките и дали има одлука за понатамошна постапка.
За изградба на автопатите беше заобиколен Законот за јавни набавки, и беше донесен нов закон за договор во „четири очи“. На Уставен суд падна член од законот поврзан со работнички права. Еден обид за избор на надзор на изградбата пропадна, откако победи фирма на која ѝ најдоа „руска врска“. На вториот тендер, пак, победи конзорциум што се доведува во врска со корупциско - дипломатски скандал. Медиумите уште од почетокот критикуваат и алармираа на пропусти, но власта не се поколеба да го склучи договорот, да измени закони и да се фали дека тоа е стратешка инвестиција, најголема во поновата историја на земјата.
Не се прават подлабоки анализи на кого се даваат државни пари
Порталот „Призма“ на 2 март годинава објави истражување за конзорциумот кој го доби тендерот да врши надзор. Тие открија дека дел од конзорциумот е и фирма во која удел има македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ. Тој е под истрага на ерменското обвинителство заради вмешаност во корупциски скандал поврзан со изградба на патишта, а од таму побегнал со помош на македонски дипломати.
„Нашето истражување покажа дека надлежните не прават посериозна и подлабински проверки на оние кои конкурираат на тендерите, дури и кога даваат многу пари од државниот буџет и се задолжуваат со кредити и друго што државата не ја научи лекцијата од кинескиот автопат Кичево – Охрид“, рече новинарката на Призма, и авторка на истражувањето Фросина Димеска.
Од фирма за долна облека до надзор на автопатишта
На темата работеа и новинарите од 360 степени, зафаќајќи се со другата македонска фирма, дел од конзорзумот избран за надзор. Нивните пишувања открија дека фирмата немала никакво искуство за надзор, туку преку ноќ добила лиценца за надзор откако тендерот веќе бил распишан.
„Од фирма што се занимавала пред се со текстил, со шиење на долна облека, за релативно кратко време стекнала капацитет да биде дел од надзорот на, како што беше преставен, најголемиот инфраструктурен проект“, рече новинарот Александар Димитиревски од 360 степени.
Видете и ова: Новоизбраните координатори за автопатите на Бехтел и Енка ќе земаат плати од над илјада евраАнализата на Поповиќ покажала дека е заобиколен Закон за лобирање, односно и двете страни, и Владата и конзорциумот имале обврска тоа да го пријават пред Државната комисија за спречување корупција, но нема евиденција дека такво нешто е сторено.
Потоа не се проценило како ќе влијае регулативата и немало јавни консултации.
Исто така, е искористено европско знаменце за да се избегне потенцијалната блокада во Собранието.
Видете и ова: Пендаровски: Указите што ги потпишав не се однесуваат на Договорот со Бехтел и ЕнкаВо анализата е наведено и ветото на Претседателот на државата, кој според Устав, може да не потпише закон донесен во Собранието, доколку оцени дека законот што е изгласан би бил штетен. Државната Комисија за спречување корупција го повика Претседатлеот на државата да не го потпишува зкаонот, но тој го стори тоа, искористувајќи ја олеснитлената околност, што ниту еден од пратениците во Собранието не гласал против.
Досега државата му плати на конзорциумот „Бехтел и Енка“ повеќе од 180 милиони евра за изградба на коридорите, но градежните работи се уште не почнале, иако камен теемелници за почеток на градба се ставени пред повеќе месеци.
Коридорот 8 треба да биде долг 68 километри, со автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-Д од Прилеп до Битола ќе биде долг 40 километри и исто ќе има шест ленти.