Брисел предлага ревизија на европската одбранбена индустрија

илустрација

Највисоките претставници на Европската Унија (ЕУ) го претставија планот за ревизија на европската одбранбена индустрија, кој вклучува заеднички набавки и зголемено производство на оружје и помало потпирање од Соединетите Држави, како и намалување на бирократијата за европските одбранбени проекти од заеднички интерес.

Според планот за ревизија на европската одбранбена индустрија, Украина ќе се смета за „квази-членка“ на ЕУ, што ќе и се олесни на земјата зафатена од војна да набави оружје произведено во блокот.

Плановите на Брисел треба да бидат одобрени од Европскиот Парламент и земјите-членки, од кои некои сè уште се претпазливи за зајакнување на заедничкото финансирање на одбраната, пишуваат светските медиуми.

Зајакнување на индустријата за оружје

Во вторник, на 5 март, Брисел ги откри плановите за зајакнување на индустријата за оружје на континентот, тврдејќи дека руската војна во Украина покажа дека членките на ЕУ треба да ги зголемат заедничките набавки на оружје и да инвестираат повеќе во европските фирми, пишува Ројтерс.

Европската Комисија, извршното тело на ЕУ, предложи да се трошат 1,5 милијарди евра за да се охрабрат земјите да купуваат заедно од европските фирми и да се поттикне воената индустрија да го зголеми капацитетот и да развие нови технологии.

„Во изминатите две години се соочивме со ситуацијата на одбранбената индустрија без доволен производствен капацитет за да се задоволи ненадејното зголемување на побарувачката“, изјави за новинарите во Брисел, Маргрет Вестагер, потпретседателка на Комисијата.

Вестагер призна дека 1,5 милијарди евра „не се многу пари кога станува збор за одбранбената индустрија“, но рече дека сепак може да создаде поттик за 27-те влади членки на ЕУ одговорни за одбраната, да работат заедно.

Видете и ова: Идејата на Зеленски за рехабилитација на украински деца и војници се разгледува во Скопје

Официјални лица, додаде Ројтерс, исто така ги претставија можностите дека ЕУ може да го искористи профитот од замрзнатите руски средства за да и помогне на украинската одбранбена индустрија или дури и да купи оружје за Киев. Сепак, членките на ЕУ допрва треба да се договорат за тоа како треба да се користат овие средства.

Од почетокот на војната до јуни минатата година, земјите од ЕУ потрошиле повеќе од 100 милијарди евра на воена опрема, 80 отсто надвор од ЕУ, а повеќе од 60 отсто само во САД, покажуваат податоците на Комисијата.

Комисијата, исто така, предложи пилот-програма за создавање на европска верзија на американската програма за воена продажба, според која Соединетите Држави им помагаат на другите влади да купуваат од американски компании за оружје.

Предлозите, исто така, ќе бидат разгледани од НАТО, кој ги поздрави зголемените одбранбени напори на ЕУ, но предупреди дека тие не смеат да се дуплираат или да се во конфликт со работата на Алијансата.

Доколку биде одобрен, пакетот од 1,5 милијарди евра ќе биде потрошен во периодот помеѓу 2025 и 2027 година.

Кампањата на Фон дер Лајен за втор мандат

Европската Комисија претстави нова одбранбена стратегија со планови за стимулирање на заедничката набавка на муниција и оружје, додека претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен се обидува оваа тема да биде централен дел од нејзината кандидатура за втор мандат, посочува Еуроњуз.

Видете и ова: Војната во Украина веројатно нема да заврши оваа година, но би можела да биде решавачка за крајниот исход

Иако предлогот на Комисијата ги проширува постоечките иницијативи за производство на муниција и заедничка набавка на оружје, планот не предвидува директна набавка на оружје, ниту пак ќе се формира фондот од 100 милијарди евра што претходно го вети еврокомесарот за индустрија, Тиери Бретон.

Комисијата вели дека сака нејзината индустриска база да може да ги обезбеди сите одбранбени производи под какви било околности и се надева дека членките на ЕУ заедно ќе набават најмалку 40 отсто од својата одбранбена опрема до 2030 година.

Фон дер Лајен, поранешната германска министерка за одбрана, минатата недела им рече на пратениците дека е време Европа да се „засили“ за да избегне руска победа во Украина, ветувајќи дека ќе формира комесар за одбрана во нејзиниот втор мандат и Канцеларија за иновации во одбраната во Киев.

Според Еуроњуз, одбранбената акција на ЕУ била поттикната од војната во Украина, можноста идниот американски претседател Доналд Трамп да се врати од НАТО и заминувањето на Велика Британија, која долго време е скептична за создавање армија на ЕУ.

Сè поголем број европски земји сега се подготвени да ги исполнат целите на НАТО за да потрошат 2 отсто од својата економија за одбрана, а минатата година ЕУ воведе нови мерки за активна поддршка на производството на муниција и ги охрабри своите членки да ги здружат силите кога купуваат воена опрема.

Но, во обидот да оди понатаму, фон дер Лајен се соочува и со значителни правни предизвици, имајќи предвид дека некои членки, како што е Ирска, остануваат неутрални.

Исто така, имаше и контроверзии околу тоа дали ЕУ треба да бара оружје само од сопствените добавувачи, а не од добавувачите во САД, Обединетото Кралство или Турција.

„Мораме да ги убедиме даночните обврзници дека создаваме работни места во Европа“, изјави анонимен европски функционер за Еуроњуз, истакнувајќи дека целта - 35 отсто од трошоците за одбрана да бидат во рамките на ЕУ до 2030 година се „необврзувачки и немаат правни последици. "

Внимание на поединечни членови

Фискално конзервативните земји на ЕУ се претпазливи во однос на планот на Брисел за зајакнување на заедничкото финансирање на одбраната, изразувајќи сомнеж за намерата за брзо проширување на индустрискиот капацитет на континентот, според „Фајненшл тајмс“.

Додека мнозинството земји-членки сакаат да ја зајакнат европската одбрана и да ја намалат зависноста од САД, весникот оценува дека постојат големи разлики околу тоа дали на Европската Комисија треба да и се довери надзорот на новите заеднички одбранбени фондови.

Резервите на поединечните членки ги нагласуваат тешкотиите за проширување на воените капацитети на Европа во време на затегнати јавни финансии, како и поделеноста околу заслугите на зајакнувањето на Брисел во одбранбената политика.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Две години во војна: репортерите од „Current Time“ за известувањето од линијата на фронтот во Украина

Сепак, истакнува Фајненшл тајмс, војната во Украина го преобликува стратешкото размислување на ЕУ во врска со заканата од Москва, и поттикна зголемување на трошоците за безбедност и повици на многу лидери континентот да стане посамодоволен во производството на одбрана.

Франција се залага за максималистички пристап за поддршка на индустријата во ЕУ, која има за цел да ги минимизира купувањата надвор од блокот и да ги блокира компаниите кои не се членки на ЕУ од стратегии за развој на критични технологии. Сепак, некои земји, вклучително и Германија и Холандија, не сакаат да издаваат нов долг.

„Холандија не е за издавање нов заеднички долг. Финансирањето на трошоците за одбрана не е одговор на кризата, туку политички одговор на структурните предизвици“, објави холандското Министерство за финансии, заклучувајќи дека „користејќи заеднички долг не е најочигледниот начин“.

Конкуренција на американските компании

Плановите на Комисијата треба да бидат одобрени од Европскиот Парламент и земјите-членки кои историски го штителе својот национален суверенитет кога станува збор за трошење на војската и оружјето, нагласува Политико.

Поради критиките од високи дипломати на ЕУ, извршната власт на ЕУ сакаше да нагласи дека планот не е притисок за промена на договорот.

„Овие прашања се во рацете на земјите-членки, а не во Комисијата. Ние ги обезбедуваме само алатките“, рече еврокомесарот Тиери Бретон.

Идеите се создаваа со месеци, а ќе поминат години пред целосно да се реализираат, пишува бриселскиот портал Политико, со оценка дека предлогот на Брисел, во секој случај, не е добра вест за американската индустрија за оружје.

Уште во септември, неколку официјални лица изјавија дека француските бирократи и бирократите на ЕУ биле вознемирени од студијата на француската организација ИРИС, која покажува дека огромното мнозинство од европските трошоци за одбраната се наменети за изведувачи надвор од Европската Унија. Таа студија се споменува во повеќето консултативни документи на Европската Комисија за стратегијата.

Иако извршната потпретседателка на Комисијата Маргрет Вестагер тврди дека ќе има „доволно договори за оружје за секого“, Бретон пак, кој е многу покритичен во однос на „потпирањето“ на Вашингтон, одговори дека американската одбранбена индустрија не може да ги задоволи сите потреби на Европа, особено за муниција.

Комисијата, исто така, сака да ја олесни продажбата на европските компании за оружје со копирање на американскиот систем, каде што се достапни залихи оружје за побрза испорака до клиентите. Тоа би можело да создаде поголема конкуренција за американските компании.

Една од клучните точки на Комисијата, како што истакнува Политико, е дека Украина ќе биде третирана речиси како членка на блокот, која ќе може да учествува во заедничките набавки на ЕУ и ќе може да го зголеми својот производствен капацитет како и секоја европска компанија.

„Тоа е сигнал за иднината на Украина како членка на ЕУ“, смета Вестагер.