Овогодинешниот раст на цените на македонските акции го „бутка“ берзанскиот индекс МБИ-10 кон историската маргина од 10 илјади поени. Последната вредност на МБИ -10 на 19 декември е 10.012 поени. Рекордот на берзанскиот индекс е достигнат во 2007 година и изнесува 10.057 поени.
МБИ индексот го сочинуваат десетте најтргувани акции на компаниии. Во него влегуваат „Комерцијална банка“, „Гранит“, „Алкалоид“, „Макпетрол“, „Македонијатурист“, „Македонски Телеком“, „НЛБ Банка“, „Стопанска банка“, „ТТК Банка“ и „Реплек“. Последната компанија „Реплек “ пред два дена беше додадена во оваа листа на најтргувани. Претходно на нејзино место беше “„Уни Банка“.
Зошто толку пораснаа акциите на македонската берза?
Продажбата на акциите на хотелскиот гигант „Македонијатурист“ заедно со глобалниот оптимизам на светските берзи од победата на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп се главните причини за сериозниот раст на вредноста на акциите на македонската берза, велат брокерите.
Според последниот билтен на Македонската берза, вкупниот промет од тргувањето со хартии од вредност во ноември изнесува 41,3 милиони евра.
За споредба, во октомври прометот од продажбата на акции достигнал 32 милиони евра, додека во септември тој изнесувал 14,2 милиони евра.
Според брокерите еден од клучните стимулатори за раст на цените на акциите на македонската берза се должи на продажбата на акциите на хотелскиот гигант „Македонијатурист“, која минатиот месец инкасираше од нив околу 20 милиони евра. Од почетокот на декември до сега се спроведени вкупно 10 трансакции на хартии од вредност од оваа фирма.
„Нагло се зголеми ликвидноста, баш поради Македонијатурист, затоа што имаше големи трансакции и се ослободија многу пари кај клиентите – акционери, па претпоставувам дека дел од тие пари се вложени во акциите што пораснаа, и придонесоа за зголеменo потурнување од страна на побарувачката и на тоа се должи на растот на цените“ вели извршниот директор на брокерката куќа Инвест брокер Филип Петрушевски.
Видете и ова: Берзата на пониско ниво од „црниот ден“ по рускиот напад врз Украина„Македонијатурист“ поседува десет објекти, од кои хотелите „Холидеј ин“, „Бест вестерн“, „Белви“ и „Карпош“, кои се активни на пазарот и затворените „Бристол“, „Јадран“, „Водно“ и „Сарај“, пишуваше Бирн Призма. Според нивното истражување компанијата ја поседува и познатата „Пивница“ во центарот на Скопје, неколку станови на атрактивни локации, како и поранешната зграда на „Интеримпекс“, во близина на домот „Даре Џамбаз“.
Со последните трансакции на 11 декември акционерот „Скопски пазар“, докупи уште 3 илјади акции со што сега поседува речиси 20 проценти од овој хотелски гигант. Сега најголем поединечен акционер е „Скопски пазар“, па по него се и скопските фирми „Промедика“, „Фешн МГ“ и „Чеза комерц“.
„Скопски пазар“ е компанија во која претседател на Надзорниот одбор е контроверзниот бизнисмен Фатмир Етеми кој е еден од најмоќните градежници и инвеститори во Македонија. Неговите роднини Арменд Етеми и Бесар Етеми се во Управниот одбор на оваа компанија.
Алкалоид и Комерцијална банка во врвот на најтргувани акции
Во меѓувреме за играчите на берза покажаа интерес и за акциите од фармацевтскиот и банкарскиот сектор. Во изминативе две недели акциите на Комерцијална банка чија цена на една акција од 24 илјади денари на 26 ноември, достигна вредност од 27 857 денари по акција на 19 декември.
Според статистиката за минатиот месец, на берзата беа забележани 946 трансакции преку кои биле истргувани 11.497 акции, со промет од 4,6 милиони евра. Вкупната вредност на сите акции на „Комерцијална Банка“ за прв пат во историјата на македонската берза ја надминаат вредноста од милијарда евра.
„По ослободувањето на средствата од продажба на хартии на вредност кои во изминатиов период позасилено се тргуваа, тие пари се усмеруваа кон најликвидните акции на Комерцијална, Алкалоид, Тутунска банка и други“, вели главниот извршен директор на КБ Публикум инвест, Горан Марковски.
Петрушевски додава дека банките им се најпривлечни на акционерите поради нивното портфолио.
„Луѓето веруваат во акциите кои ги купуваат и дека тие компании ќе продолжат да испорачуваат добри резултати и да исплаќаат солидни дивидени“, вели Петрушевски.
Видете и ова: Македонската берза „заздравува“ од коронавирусотСпоред деветмесечните биланси на успех Комерцијална банка покажала профит од 72 милиони евра што е за 45 проценти повеќе од лани истиот период.
Додека по неа на листата е Стопанска банка со профит од 45,4 милиони евра, а бронзата ја добива НЛБ банка со 44,2 милиони евра.
Оптимизмот по победата на Трамп се прелева и врз македонската берза
Покрај македонските „тектонски“ промени на берзата врз нејзиниот раст делува и оптимизмот кој настана на глобалните берзи по победата на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, објаснува Марковски.
„Очекувањата се дека новата администрација во САД ќе влијае позитивно не само врз американскиот пазар, туку и глобално, и тоа на некој начин се рефлектира и во Македонија како зголемен оптимизам и инвестирање кој се пренесува од странство“, вели Марковски.
Светските берзи, особено американската достигна рекорден раст една недела по победата на Трамп, затоа што, како што велат економистите, очекувањата се новата админстрација да ги исполни предизборните ветувања за даночни намалувања и поттикнувајќи раст на доларот, како и зголемена распродажба на американските државни обврзници. Ветувањата за намалување на корпоративните даноци и дерегулација во основа имаат тенденција да ги поттикнат финансиските иновации, а со тоа берзанските пазари стануваат и поактивни.
Кои се берзанските очекувања за 2025 година ?
Дали акционерите ќе тријат раце и догодина, зависи од резултатите на компаниите. Но она што се случува сега во Европа, не ветува многу објаснува Марковски. Според него причината е во тоа што од една страна се европските земји бележат мал економски раст, а од друга страна инфалцијата се уште е над посакуваната и проектирана вредност од 2 отсто, па тоа, како што вели, ги усложнува работите. Тој очекува следната година Централните банки низ Европската Унија да позасилено да ги намалат каматните стапки за да го пресретнат нискиот раст и да ја динамизираат економијата.
„Јас како што стојат работите во 2025 година не очекувам спектакуларни резултати во Македонија и во Европа првенствено, затоа што Македонија е само рефлексија од состојбите на главните трговски партнери“, објаснува Марковски.