Прво темелна проверка на имотната состојба на избраните и именуваните функционери, а потоа сеопфатна проверка и на вработените во администрацијата, реагираат синдикатите.
Тие се збунети по изјавата на премиерот Димитар Ковачевски кој откако почнаа штрајковите за повисоки плати на вработените во Царинската управа и Управата за јавни приходи (УЈП), ги повика директорите на овие институции да најдат модел за проверка на имотната состојба на нивните вработени.
Проверката на состојбата треба прво да почне од врвот – од имотот на функционерите, како што вели Бојан Трипуноски – Генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани УПОЗ, кој во изјавата на премиерот гледа притисок и закана во обид да се „скршат луѓето кои штрајкуваат во овој момент.“
„Прво треба да се почне со нив самите, затоа што овие скрининзи за Европската Унија што треба функционерите да ги направат, ги водат токму административните службеници. Голем број од административните службеници се веќе во тие преговори. Сметам дека првично треба да се почне од функционерите, а потоа, зошто да не се дојде и до вработените. Изјавата на премиерот Ковачевски може да се окарактеризира и како притисок“, вели Трипуноски.
Видете и ова: Стејт департмент - неказнивост, дискриминација и корупција во МакедонијаКовачевски се дообјаснува
Премиерот Ковачевски вчера изјави дека директорите на Царина и на УЈП треба да најдат модел за проверка на имотната состојба на нивните вработени како дел од процесот за усогласување на платите и дека тоа било поттикнато од скринингот во Брисел кој дал „интересни податоци“ во делот на ефикасноста на Царината. Но, тој денеска се дообјасни дека проверката не значи ветинг, туку дека таа можела да се направи преку интерни постапки.
„Мислам дека ако тоа се примени во Царина, ќе се зголеми нивната транспарентност, ќе добијат на тежина и на општествен кредибилитет, бидејќи ако некој нема што да крие, нема ни потреба да не поддржи еден таков процес“, изјави денеска Ковачевски.
Вработените во овие две институции од минатата недела започнаа да протестираат барајќи повисоки плати за 30 проценти.
На изјавата на Ковачевски реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија го обвини дека е „неспособен“ да го реши проблемот со вработените во Царинската управа и Управата за јавни приходи и дека преку изјави им се заканувал на вработените.
Директорите и на Царината и на УЈП не гледаат проблем во изјавата на премиерот Ковачевски, па дури и најавуваат дека ќе ја спроведат законската обврска за проверка на имотите на вработените.
Директорите на Царина и УЈП најавуваат проверки
Директорот на Царинската управа Стефан Богоев во одговор за Радио Слободна Европа вели дека разговараат за барањата за покачување на платите на вработените, но дека во периодот што следи ќе ги интензивираат и унапредат ваквите мерки како дел од борбата против корупцијата.
„Во Царинската управа, согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и согласно Законот за Царинска управа и интерните акти, системски е регулирана обврската за поднесување на анкетни листови, односно секој царински службеник е должен да поднесе анкетен лист при вработување или при секоја промена на имотната состојба“, вели Богоев.
Од Управата за јавни приходи не ја коментираа изјавата на Ковачевски, но потврдуваат дека обврска за поднесување на анкетен лист имаат и вработените на УЈП, според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Оттаму додаваат дека надлежноста за водењето на постапките за испитување на имотната состојба е на Државната комисија за спречување на корупцијата, но дека од друга страна УЈП има надлежност да води посебни постапки за потекло на имот, чие потекло не може да се докаже: „Данокот на непријавениот доход се пресметува по стапка од 70 проценти. Од оваа постапка и пропишана законска регулатива не се изземени ниту вработените во УЈП“, наведува институцијата.
Видете и ова: Претстои жешко синдикално лето: притисок на јавниот сектор за повисоки платиСпоред Законот за спречување на корупцијата, секој избран или именуван функционер, одговорните лица во јавните претпријатија, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, службено лице во државните органи, во општинската администрација и администрација на Град Скопје, има обврска да пополни анкетен лист со опис на целиот имот.
Но, државата има донесено низа други закони со кои може да спречува евентуални злоупотреби, на пример во Царинската управа и во Управата за јавни приходи.
Затворање граници и блокада на исплата на плати?
Вработените во УЈП протестираат два часа дневно, а вработените во Царина од минатиот петок излегоа на предупредувачки протест со барање да ги добијат своите додатоци на плата од 30 проценти.
Тие се заканија со генерален штрајк ако министерот за финансии Фатмир Бесими не го потпише колективниот договор, кој што го договарале заедно. Тоа би значело запирање на сите исплати на граѓаните и фирмите или финансиски крах. Цариниците се заканаија дека ако не се потпише договорот, ќе ги блокираат граничните премини.
Видете и ова: Отчетноста на функционерите и транспарентноста на Владата - на паузаОва не е прв пат функционери на актуелната власт да зборуваат за проверка на имотот на вработените во администрацијата, додека за закон за ветинг на функционерите се зборува долго, но партиите не доаѓаат до консензус.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во јануари 2019 година во Собранието зборуваше дека се планира ветинг систем во полицијата.
Тој рече дека постоеле сериозни индиции дека некои од полицајците, командирите и началниците имаат повеќекратно зголемен имот, повеќе од бизнисмени кои 20 години работеле во Македонија.
Спасовски тогаш најави донесување на посебен закон за ветинг и формирање на комисии на три нивоа, со кои ќе се анализира професионалното досие на вработените, нивната имотната состојба и интегритет. Но до сега ништо од тоа не е направено.