Да се формира заеднички регионален пазар и со тоа Западниот Балкан да се приближи кон единствениот европски пазар, е заклучокот на состанокот на лидерите од Западен Балкан што се одржа на 22 јануари во Скопје.
Тие се собраа во главниот град на Северна Македонија за да разговараат за Планот за раст на Еврoпската комисија (ЕК) кој предвидува шест милијарди евра за шестте земји од регионот во замена за нивна соработка и спроведување на реформи.
Пораките кои ги слушнаа лидерите, пак, беа дека никогаш регионот не бил поблиску до ЕУ и оти со малку работа може да се направат работите подобро.
Нив им ги испрати помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, кој беше еден од учесниците на состанокот, заедно со генералниот директор за соседство и преговори за проширување во ЕК, Герт Јан Копман.
„Како ќе знаеме дека ова ќе функционира, кога многу други иницијативи базирани на политички поделби коишто ги има во овој регион не успеале? Во оваа програма никој не може да стави вето на другиот, секоја земја е одговорна за своите реформи и за работата на соседите. Сега државите што ќе прифатат оваа иницијатива ќе ги добијат придобивките брзо и нема да чекаат решавање на некој неповрзан билатерален спор. Ова се неверојатни достигнувања“, рече американскиот дипломат О’Брајан зборувајќи за Планот за раст.
Видете и ова: Економијата и Планот за раст за Западен Балкан во фокусот на лидерскиот состанок во СкопјеЕдинствена европска зона на плаќање
Со таков фокус, рече О’Брајан, ЕУ проценува дека може да се видат резултат и „да се видат првите пари во џебовите на граѓаните уште оваа година“.
„Некои земји во регионот ќе напредуваат побрзо, некои може да заостануваат во некои иницијативи и да имаат помалку придобивки. Но ќе зависи од граѓаните на секоја земја да одлучат дали им се допаѓа тоа што го прави нивната влада за да ја искористи оваа прилика“, рече О’Брајан.
Тој зборуваше за два клучни чекори – воспостување Единствена европска зона за плаќање која ќе донесе заштеда од околу пет проценти за секој поединец или фирма кога ќе префрла пари во и надвор од регионот, како и воспостување „зелени ленти“ со кои камионите за транспорт нема да чекаат на граничните премини.
Поединечни, наместо заеднички настап пред медиумите
На состанокот во Скопје премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски ги пречека српскиот претседатал Александар Вучиќ и премиерите на Албанија, Косово и Црна Гора – Еди Рама, Албин Курти и Милојко Спајиќ.
Од Босна и Херцеговина, пак, преку видеообраќање на настанот во Скопје се обрати Борјана Кришто, претседавач со Советот на министри.
Лидерите потпишаа заедничка изјава со која се обврзуваат на развој на своите држави по европски стандарди.
Сите лидери зборуваа за економска соработка и создавање заеднички пазар. Но по состанокот не излегоа на заедничката прес-конференција која беше најавена од организаторите. Неполн час пред почетокот на прес-конференцијата, од големата бината беа остранети дел од говорниците.
„Прес конференцијата не се одржа во толкав формат со оглед на времетраењето и на тоа дека дел од лидерите требаше да заминат и затоа во исто време си држеа прес-конференции секој за медиумите кои имаа интерес да ги следат нивните изјави“, рече премиерот Ковачевски.
Пред тој да се појави на прес-конференција, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, одржаа посебни средби со новинарите само од своите земји.
Ковачевски: Јасна порака од ЕУ и САД дека сметаат на проевропски лидерства
Кога е во прашање Планот за раст, премиерот Димитар Ковачевски, оцени дека тој е најсериозна политичка потврда дека ЕУ има конкретен план за ефикасна интеграција на Западен Балкан.
Тоа што Планот за раст во декември 2023 година не помина на Советот на ЕУ не го загрижува Ковачевски.
„Планот за раст беше претставен од страна на претседателка на ЕК, и согласно процедурите тој секако ќе се најде на една од следните седници на ЕК со оглед на тоа дека ЕК работи сигурно до јуни и тоа зависи од нивниот распоред на одржување на состаноците“, рече премиерот.
Во однос на воспоставувањето заеднички регионален пазар тој оцени дека тоа е од витално значење затоа што ги прифаќа и применува стандардите на Унијата.
Вучиќ - Србија е отворена за сите идеи
Кога станува збор за заедничкиот регионален пазар, и српскиот претседател Вучиќ посочи дека Србија ќе биде целосно отворена за сите идеи и подготвена е да ги реализира.
Тој потенцираше дека Србија веројатно ќе ја формира новата влада до 15 март, а потоа ќе може да ги добие и првите пари од Планот за раст.
„Србија треба да донесе важни закони до крајот на март, а потоа во Европа би донеле одредени одлуки, така што првата распределба на средствата би можела да биде веќе во мај или почетокот на јуни, пред нивните избори, но за нас поважни се т.н. зелени линии за нашите камиони, кои во голема мера би ги намалиле оперативните трошоци, доколку ги имавме од ЕУ“, рече Вучиќ.
Видете и ова: Вучиќ: Се надевам дека новата Влада ќе биде формирана до 15 мартКосовскиот премиер Албин Курти, пак, уште при доаѓањето на состанокот кажа дека Косово денеска ќе предложи листа реформи, а во наредните денови ќе излезе и со листа конкретни проекти. Она што тој го посочи како главни реформи на кои ќе се фокусира неговата земја се тие на јавната администрација и менаџирањето на јавните финансии, а во однос на проектите ги спомена дигитализацијата, инвестициите во приватниот сектор и развивањето на инфраструктурата.
Рама - Планот за раст е тест за зрелост
За премиерот на Албанија Еди Рама ова е тест за зрелоста што државите од регионот треба да го поминат.
Иронично, во негов стил, тој рече дека „да се биде мотивиран од конкретен чекор од ЕУ е нешто историско“.
„Затоа, извинете за мојот ентузијазам и оптимизам. Не сум глупав. Ви велам, навистина е добра причина да се биде оптимистичен денеска, откако синоќа имавме вечера, на која одеднаш сфативме дека можеме да имаме цивилизиран разговор и можеме да размислуваме за економијата и луѓето, без да ја имаме историјата меѓу секои два оброка“, рече Рама.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, пак, порача дека планот за раст на ЕУ е голема можност за сите и сигнал за бизнисите на ЕУ да инвестираат и да се ангажираат во земјите од регионот.
Копман: Без интеграција нема придобивки
На пленарниот состанок зборуваше и генералниот директор за соседство и преговори за проширување во ЕК, Герт Јан Копман, кој исто така испрати пораки за неоходна соработка меѓу земјите од регионот.
„Овие работи одат рака под рака. Затоа воведовме услов во овој дел од планот за раст кој вели дека вие не треба да ги блокирате вашите соседи -сакаме да дојдете со нас, може да се блокирате самите себе, ако не ги блокирате соседите тогаш ќе ве примиме, но ако ги блокирате тогаш нема да биде можен пристапот до внатрешниот пазар затоа што заедничкиот трошок од несоработката е многу висок“, рече Копман.
Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен БалканШто претставува Планот за раст?
Планот за раст на Западен Балкан, на кој е посветен состанокот во Скопје, Брисел го презентираше на 8 ноември 2023 година заедно со извештаите за напредокот на земјите. Тој се однесува на периодот од 2024 до 2027 година, а содржи шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан – две како неповратни средства, а четири милијарди како поволни заеми. Меѓу целите на планот е создавање единствен регионален пазар и пристап до пазарот на ЕУ, удвојување на економиите и намалување на социоекономскиот јаз помеѓу државите од регионот и членките на Унијата.
За да ги добијат парите предвидени со Планот, земјите од регионот треба да се исполнат услови. Од регионот се бараат конкретни социо-економски реформи, но и фундаментални реформи како владеење на правото, демократијата, почитувањето на основните човекови права и слободи. Тука се и макрофинансиската стабилност, здравото управување со јавните финансии, транспарентноста и надзорот на буџетите…
За Србија и Косово, како што беше наведено кога се објави Планот, има и посебен предуслов – конструктивно да учествуваат во дијалогот за нормализација на меѓусебните односи со цел да ги спроведат обврските од досега постигнатите договори и анекси.
Амбициозниот план, како што наведе ЕК кога го објави во ноември лани, предвидува првите исплати да се случат првата половина од 2024, меѓутоа земјите треба да подготват реформски агенди кои ќе бидат одобрени и од Брисел, а врз основа на нив ќе може и да се оцени напредокот.