Пописот од 2021 година изброи дека Берово е општина во која живеат 10.890 жители, од кои 9.925 се етнички Македонци и има само еден Албанец. Но, на неодамнешниот оглас за вработување на неопределно време во „Национални шуми“ се бараат вкупно 22 шумарски работници, најмногу дрвосечачи, од кои само еден Македонец, еден Турчин, а другите 20 според етничката припадност наведена во огласот, треба да бидат Албанци.
Подружницата „Малешево“ во Берово е меѓу првите со 30.000 метри кубни дрвна маса која може да сече за една година. Таа обезбедува огрев за локалното население и повеќе градови во државата - Свети Николе, Штип, Радовиш и Кочани.
Слична е состојбата и со другите два града во Малешевијата - Пехчево и Делчево, каде доминантно живее етничко македонско население, а во минорни бројки е изразена застапеноста на сите други етнички заедници.
Во огласот се бараат повеќе етнички Албанци од Македонци
- четири наспроти еден во Пехчево и шест Албанци наспроти еден Македонец во Делчево.
Радио Слободна Европа ги контактираше директорите на трите подружници од истокот, барајќи одговор на прашањето - дали стравуваат дека огласот ќе биде неуспешен, имајќи го предвид предзнакот за исполнување на условот за Бадентер - алатката која одредува од која националост треба да бидат идните кандидати при оглас за вработување.
Директорот на подружницата во Берово, Марјан Соколчевски, вели дека огласот генерално е наменет за оние 16 лица кои досега биле со договор на определено, со цел да им се трансформира на неопределено.
„Ние веќе одржавме работна средба со нив по објавувањето на огласот. Имаше коментари дека има и други неколку случаи во Берово каде луѓето во пријавите напишале друга етничка заедница за да добијат вработување. На средбата, поголемиот дел од нив рекоа дека ќе се пријават на огласот, а како причина беше наведено егзистенцијалното прашање, односно тоа што луѓето ќе останат без плата и придонеси“, вели Соколчевски за РСЕ.
Директорот на подружницата „Голак“ од Делчево, Љупчо Петровски има одредена резерва дали огласот за вработување ќе успее.
„Не знам дали огласот ќе успее, документите за аплицирање се праќаат во Скопје, немаме увид за тоа дали некој ќе ја промени националноста. Треба да се дочека одлуката, се прегледуваат документите се донесува одлука за кои работни позиции кој ќе биде вработен, се објавува јавно и осум дена има рок на жалба. Тоа е постапката. Можеби во истокот тешко ќе се најдат луѓе од бараната националност, а не дека не треба да има или не смее. Тешко ќе се најдат луѓе - дали некој од Тетово би дошол да работи во Делчево“, вели директорот Петровски за РСЕ.
Го контактиравме и неговиот колега, директорот на подружницата во Делчево, Златко Николовски. Иако вети дека ќе не побара, сепак, тоа не се случи.
Во првиот оглас услов етничката припадност, во вториот не
За првиот човек на јавното претпријатие „Национални шуми“, Валентин Груевски, „реакциите се јасни“, велејќи дека од една страна се работи за неинформираност, а од друга, смета дека целта е да се наштети тенденциозно на конкурсот.
За огласот за вработувања во „Национални шуми“ вели дека е согласно Балансерот за правична застапеност на етничките заедници во јавниот сектор.
„Според Законот и според Балансерот, кој е донесен во 2015 година, ние мораме да ги објавуваме работните места како што налага тој Балансер. Бидејќи Јавното претпријатие функционира на ниво на држава, тој Балансер не препознава дали работното место ќе го објавиме во Берово, Делчево или во Тетово или Гостивар, каде што живеат повеќе Албанци. Балансерот ги вади како податок. Балансерот прави едноставно математичка формула. Тој Балансер автоматски ни кажува дека за тоа работно место треба да биде Албанец, Турчин, Ром или Македонец. Постои можност некој да се напише во графата дека е Албанец и ние како јавно претпријатие не навлегуваме во тоа. Во последните шест години, откако се користи Балансерот, ние не сме имале никогаш оглас и во тој период не е вработен ниту еден човек“, изјави Груевски за РСЕ.
Груевски смета дека може да се случи да има и втор оглас, но, не е исклучена можноста и сега да се пријават заинтересирни за работните позиции. Сепак, вели дека тоа не може да го предвиди во моментов, бидејќи огласот сè уште трае.
„Ние не можеме да бираме дали во Берово ќе вработиме Македонци или Албанци. Постои можност во Берово да не се пријави никој како Албанец и конкурсот да пропадне. Според закон, треба да се објави втор конкурс и да го примиме оној кој ќе се пријави на него. Во вториот оглас нема етничка припадност, може да биде секој примен без разлика како се изјаснил во пријавата како што ја има во огласот“, вели директорот Груевски за РСЕ.
Според податоците кои Груевски ги сподели, „Национални шуми“ од 2019 година до сега има вработено на неопределно време само тројца луѓе. Во тој временски период, пак од јавното претпријатие си заминале над 700 вработени по разни основи - пензионирање, заминување во странство или смрт.
„Ние во овој момент се доведуваме во ситуација да не можеме да ги извршуваме основните работи кои се предвидени“, вели тој.
На прашањето дали ова мириса на предизборни вработувања, како што обвинува опозициската партија, Груевски тврди дека и досега како јавно претпријатие барале вработувања, но, никогаш не добиле согласност од Министерството за финансии.
„Ние мораме да добиеме согласност. Таква согласност сме добивале само за вработување на определено време. Во овој момент имаме 450 луѓе кои до 31.12.2023 година беа вработени на определено време. На нив им завршија договорите. Мислам дека најголем дел од нив ќе се пријават на конкурсот и ќе бидат примени“, вели Груевски.
Видете и ова: Вработувањата во администрација без амин од Министерството за финансии(Не)законски вработувања
Освен во Национални шуми, етничката припадност на кандидатите за вработување беше клучен елемент и во огласот на Клиниката за гинекологија и акушерсто.
ГАК бара двајца доктори на специјализација по гинекологија и акушерство, еден од турска и еден до албанска етничка припадност, двајца специјализанти по педијатрија од албанска етничка припадност и специјализанти по анестезија и интензивна медицина каде што се бараат Ром и Албанец.
Вчера, се појавија и нови огласи во кои се бараат двајца референти Албанци и тоа во Управата за имотно-правни работи во Виница и во подрачната единица на Министерството за земјоделство.
Премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи го огласот на Клиниката за гинекологија и акушерсто истакна дека етничка припадност не може да биде професија и дека тоа е случај само на Западен Балкан. Но, и тој, исто како и министерот за здравство Фатмир Меџити, истакнаа дека сепак вработувањата се според закон.
Но, со ова не се согласува претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. Таа ги нарече „неуставни и незаконски сите огласи за вработувања во јавната администрација во кои се бара кандидатите да бидат припадници на соодветна националност“.
„За огласите на другите институции во кои веќе две децении се нагласува од која националост треба да бидат примените кандидати, не сум ги видела, но ако се такви, огласите се противуставни“, смета Кацарска.
Невладината организација Центар за управување со промени (ЦУП) на крајот на август минатата 2023 година, спроведе истражување за целисходноста на Балансерот.
Истражувањето покажа дека мерките за обезбедување соодветна и правична застапеност во јавниот сектор веќе се контрапродуктивни, така што дејствуваат спротивно на принципот на заслуги.
Високи три четвртини односно (76 насто) граѓани, ја оцениле како лоша досегашната пракса на вработување според начелото на соодветна и правична застапеност во јавната администрација.