Ремонт на „балансерот“ за државно вработување или целосна замена?

Илустрација

Масовно се злоупотребува алатката за правична застапеност на заедниците во институциите, поради што ВМРО-ДПМНЕ предложи т.н.„балансер“ целосно да се укине. Допрва ќе се утврдува кое ќе биде следното решение и дали ќе се надминат злоупотребите и ќе се обезбеди вработување на најдобрите кандидати

Еден кандидат за пет работни места се пријавил под три различни националности - бил Ром, па Турчин, па Македонец. Како се барало во огласот за вработување, така се изјаснувал.

Ова е само еден од примерите што пред две години(2022) го објави Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), за тоа како (не) функционира таканаречениот „балансер“, алатка воведена во 2016 година за да помогне за соодветна и правична застапеност на етничките заедници при вработувањта во администрацијата.

„Балансерот беше наметнат како политичко решение по што стана законско решение. Но, почна на големо да се злоупотребува, кандидатите на огласите за вработувања се повикуваа на тоа дека етничката припадност е чувство и секој може различно да се изјаснува, што според мене не е во ред. Луѓето лажеа за да можат да се вработат. Институциите немаа унифициран став дали различното изјаснување за етничката припадност е слободно чувство или злоупотреба“, вели Нури Бајрами, поранешен член на ДКСК, за Радио Слободна Европа.

И партиите против

Укинувањето на „балансерот“ влезе и во партиската програма „Платформа 1198“ на ВМРО-ДПМНЕ пред парламентарните избори на 8 мај.

Во Програмата „Платформа 1198“ ВМРО-ДПМНЕ предлага да се укине оваа алатка.

„Ако целта е постигната, тогаш зошто да создаваме фрустрација кај граѓаните? Сега или сме искрени и сакаме да создадеме општество во кое ќе се напредува по мерит системот односно според квалитетот на индивидуата или ќе создадеме општество кое ќе се води по етнократијата“, рече Мицкоски при претставувањето на Програмата.

ВМРО-ДППМНЕ укинувањето на „балансерот“ го постави и како услов за идниот коалициски партнер во евентуална постизборна коалиција.

Видете и ова: ДКСК ќе бара Уставен да го преиспита балансерот за вработување административци

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, не беше конкретен дали ваквата идеја би ја поддржал. Тој смета дека треба да се најде решение за предизвиците, зашто оваа мерка за рамномерна застапеност се злоупотребувала при вработувањата во администрација.

„Ние мора да воведеме закони, принципи и механизми, бидејќи овој механизам, балансер, којшто е софтверско решение направено во времето на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно дека почна да се злоупотребува. Било кого да прашате, тоа ќе ви го потврди. Мора да изнајдеме решение сите заедно, бидејќи тоа решение е направено врз основа на Рамковен договор“, рече Ковачевски.

Коментирајќи ја најавата за можно укинување на алатката за вработување според етничка застапеност, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, оцени дека „балансерот е институционална одлука за следење на реализацијата и имплементацијата на Охридскиот договор. Но, тоа не беше многу силен услов“.

Можни решенија во други закони

Законско решение за правична застапеност во јавната администрација би било можна замена за „балансерот“, предложи поранешниот министер за информатичко општество, Азир Алиу, во интервју за Радио Слободна Европа.

„Ние мора да имаме законско решение, бидејќи имаме институции каде процентот на една или друга припадност е многу голем, но има и други институции каде процентот е нула или многу мал. Затоа мора балансерот да го менуваме со законски решенија и мора да имаме строги правила. Јас сум за законско решение според кое квалитетот ќе биде пред секој друг можен индикатор“, рече Алиу во интервјуто.

Според Бајрами, пак, решение е предвидено и во Законот за административни службеници. Тоа е кандидатот за вработување еднаш да се определи за својата етничка припадност, потоа Агенцијата за администрација да спроведе стручен испит, врз основа на кој му издава на кандидатот сертификат со важност од три години. на тој начин, етничката припадност веќе е впишана и не би можела да се менува според тоа што се бара во огласите за вработувања во администрацијата.

Видете и ова: Административци по националност

Невладината организација Центар за управување со промени (ЦУП) на крајот на август минатата 2023 година, спроведе истражување за целисходноста на „балансерот“.

Истражувањето покажа дека мерките за обезбедување соодветна и правична застапеност во јавниот сектор веќе се контрапродуктивни, така што дејствуваат спротивно на принципот на заслуги. Високи три четвртини односно (76 насто) граѓани, ја оцениле како лоша досегашната пракса на вработување според начелото на соодветна и правична застапеност во јавната администрација.

„Во сите нивоа од органите на државната власт и во другите јавни институции, да се дефинираат насоки за постигнување соодветна и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на помалите заедници. Насоките не мора нужно да подразбираат употреба на одредена алатка како што е балансерот, туку едноставно да се има предвид соодветната и правична застапеност на заедниците во постапките за вработување по примерот на вработените во Армијата на РСМ и во Министерството за внатрешни работи каде што не се користи алатка, но сепак застапеноста е на задоволително ниво“, е една од препораките во Извештајот на ЦУП.

Според Рамковниот договор потпишан во Охрид во 2001, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили, една од главните промени беше вработувањето по етнички клуч во јавната администрација.

Но тоа донесе и небулози, оти имаше примери кога Македонци се пишуваат Албанци или други заедници и обратно за да се вработат во администрација. Како последици на Договорот, на државно беа вработени таканаречени рамковни вработени, кои повеќе од една деценија беа вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, земаа плата, но не одеа на работа чекајќи државата да им најде соодветно работно место. Одговорноста за нив потоа ја презеде Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.