Симона утрово излегла во 7 часот од приградска населба на Скопје, на работа во центарот на градот стигнала во 9.30. На станица чекала градски автобус повеќе од еден час, заедно со средношколци кои тргнале во училиште, возрасни луѓе за на лекар и други граѓани кои цела година се возат со автобуси на ЈСП.
„Залудни се месечните билети, залудно ѕвониме во ЈСП, никој не крева телефон. Летоска колабиравме во автобуси без клими, зимава смрзнуваме на постојки. Подобро нека го укинат јавниот превоз, барем ќе знаеме дека ич ќе го нема“, вели револтирано Симона.
Проблемите со недостиг на гориво, втор ден по ред ги остави паркирани автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ( ЈСП). По колапсот со јавниот превоз, Владата на вонредна седница донесе одлука со која прогласи кризна состојба со топлинска енергија, за да може да му позајми гориво на ЈСП од државните нафтени резерви.
Бирото за јавни набавки, пак одлучи дека сега се исполнети условите за набавка на гориво ба тендер без објавување на оглас, само со преговарање, со цел, како што велат од Владата, да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје.
„Со ова, Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај“, се вели во кусото владино соопштение.
Градот Скопје ја поздрави одлуката на Владата истакнувајќи дека секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает.
„ Потсетуваме дека Владата се уште има долг од 500 милиони денари кон ЈСП Скопје за студентскипт стандард и бесплатниот студентски превоз, со кои ќе се стабилизира во целост состојбата во претпријатието“, се вели во реакцијата од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.
Видете и ова: Владата ќе му позајми гориво на ЈСП од државните резервиДенеска на терен беа активни само 40 автобуси кои користат гас како гориво, и неколку двокатни автобуси во кои од вчерашната смена им останале 50 до 100 литри гориво, велат вработените возачи на ЈСП за Радио Слободна Европа.
Во автобазата на ЈСП се паркирани околу 350 автобуси од кои повеќе од една половина се исправни, само без гориво, вели вработениот Миќо Стојановски кој е претставник на синдикатот на ЈСП дел од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
„Ние вработените возачи не сме виновни што скопјани немаат градски јавен превоз, причините за тоа е големиот отворен долг кон Пуцко петрол. Втор проблем е поништениот тендер за гориво од Бирото за јавни набавки, и третата е тригодишниот проблем меѓу градоначалничката (Данела Арсовска) и советниците и претседавачот на Советот Трајко Славески, тоа се ненадминливи разлики. Тука се работи за политика, и за големи тендерски дубари, за кои вработени не се воопшто виновни“, вели Стојановски.
Тој додава и дека од понеделник може да се случи и камионите на комунална хигиена да немаат нафта за да го собираат сметот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме и тивкиот штрајк на приватните превозници е во тек, тие до сега возеа само втора смена, таму каде што е можно, затоа што градот Скопје им должи пари за четири месеци. Еден од претставниците на приватните превозници Јовица Зафировски за РСЕ вели дека можно е денеска да има дополнително редуцирање и на бројот на автобуси.
„Доколку се вклучи ЈСП во втората смена од 17 часот, ние ќе се вклучиме исто така од 17 часот, ако не се вклучи ЈСП, можно е и ние да намалиме, затоа што немаме како да го испочитуваме возниот ред, ќе биде преоптоварено, нема да можеме да ги пренесеме луѓето. Ако не возат ЈСП, нема да возиме ни ние“, вели Зафировски.
Според последното владино соопштение не е дефинирано кога и колку гориво ќе му позајми Владата на ЈСП за да може да функционира според предвидениот возен ред.
Зафировски објаснува дека нивниот проблем со Градот Скопје се уште не е решен и дека приватните превозници поседуваат околу 200 автобуси со кои ќе можат да го надополнат сериозниот недостаток на автобуси на ЈСП и да го задоволат јавниот превоз. Но, со месеци не се повикани на состанок за да се договорат да бидат дел од решението.
Видете и ова: Град Скопје купува дрвја од по 600 евра додека долговите растатПрофесорот на Правниот факултет Борче Давитковски смета дека во овие услови Владата има неколку опции, со кои согласно законот за локална самоуправа може да ги одземе ингеренциите на Градот за јавниот сообраќај. Втората опција е да прогласи вонредна состојба, имајќи го предвид и загадувањето на воздухот, и со тоа автоматски ќе ги преземе ингеренциите и ќе може интервентно да делува.
„Го слушам градоначалникот на Кисела Вода вели дека цела година ќе треба да го трпиме ова, ама не може ние граѓаните да трпиме некого цела година за да имаме регулиран градски превоз“, вели Давитковски.
Владата одржа вонредна седница за проблемите со ЈСП
Владата на вонредна седница одлучи да му позајми гориво на ЈСП, откако прогласи вонредна состојба во градот со топлинска енергија. Но, во соопштението не се наведени детали за тоа како ќе се спроведе и дали се разговарало за барањето за одземање на ингеренциите на градоначалничката Арсовска.
Претходно, во август годинава, премиерот Христијан Мицкоски спомена одземање на ингеренциите велејќи дека алармантни повици пристигнувале до Владата во врска со институции под ингеренции на Градот Скопје. Тогаш, тој ги повика да си ја вршат работата за што се платени.
Видете и ова: „На Скопје му фали генералка“ - Скопските градоначалници ги бараат Комунална хигиена и Паркови и зеленилаОваа изјава следуваше по барањето на скопските градоначалници да и се одземат ингеренциите затоа што Градот Скопје летово се „гушеше “ во смет. Но, до сега Владата не презеде никакви мерки.
Давитковски вели дека Владата може и со актуелниот закон за локална самоуправа да и ги одземе ингеренциите на Арсовска, но и на долг рок Владата имала шанса да го реши овој проблем.
„Тие има шанса кога преку ноќ го сменија законот за тројца градоначалници да не се прават избори требаше да се стават одредби за смена на градоначалници и тогаш многу елегантно и ефикасно ќе се завршеше целата работа. Но, сега што да правиме кога само се гледаат личните и партиските интереси, а не се гледаат интересите на граѓаните“, објаснува Давитковски.
Советот на Град Скопје ќе одржи вонредна седница
Во меѓувреме и Советот на градот во 18 часот ќе дискутира за актуелниот проблем.
„Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена“, сподели претседателот на градскиот совет Трајко Славески преку социјалните мрежи.
Од кабинетот на Арсовска преку соопштение ја повикаа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го следи, како што е наведено, позитивниот пример на Владата и разумно со грижа за интересот на граѓаните како приоритет, да ги донесе одлуките во Советот на град Скопје неопходни за подобрување на состојбите во јавниот превоз.
„Апелираме на следната седница конечно по повеќе од 2 години советниците да ги изгласаат точките за нови автобуси за ЈСП како и за отпочнување на реализација на проектот за БРТ каде се предвидени дополнителни 60 автобуси, адаптирано согласно ветувањата од програмата „За Модерно Скопје““, се вели во соопштението.
Претходно во изминативе неколку дена градоначалничката Арсовска ги обвинуваше советниците на ВМРО-ДПМНЕ за проблемите со јавниот превоз во главниот град.
„Три години, скопјани се жртви на секташкиот партиски менталитет на ВМРО-ДПМНЕ и нивните наводни душегрижници. Луѓе одвоени од реалноста, манипулатори и лажговци“, се вели во соопштението од кабинетот на Арсовска.
Видете и ова: Арсовска крои нов план за проблемите во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ бара да го одблокира градот
Опозициската СДСМ вели дека Скопје не смее повеќе да биде жртва на политички битки. Оттаму ги повикуваат советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска да преземат одговорност и да почнат да работат за доброто на граѓаните. Тие нудат и решенија во три точки, според кои во скратена постапка се потребни да се донесат измени на законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив.
„Предлагаме Владата на РСМ да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, кои би биле доволни за функционирање на јавниот превоз до крајот на 2024 година. Ова е мерка што мора да се реализира веднаш, за да се стави крај на агонијата со јавниот превоз“, е втората точка од нивното решение.
Како трета точка велат дека нивната пратеничка група во Собранието е подготвена да иницира Надзорна расправа во Собранието за состојбата во Град Скопје.
Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, синоќа најави и можно повлекување на советниците од СДСМ од Советот на Град Скопје доколку не се преземат мерки по вонредната седница.
Финансиска полиција ја проверува набавката за гориво за ЈСП
Обвинителството соопшти дека ги следи информациите за проблемот со јавниот превоз.
„Дадени се одредени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП“, се вели во кусото соопштение од Обвинителството.
Проблемот со јавниот превоз повторно кулминираше откако Бирото за јавни набавки го оспори последниот тендер за набавка на гориво за ЈСП.
„Во однос на конкретната постапка, управната контрола најде дека договорниот орган ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна“, се вели во соопштението на Бирото за јавни набавки.
Оттаму ги отфрлаат обвинувањата на градоначалничката Арсовска причината за поништениот тендер е политичка.
Претходно, ЈСП се снабдуваше со гориво од нафтената компанија Пуцко петрол, но оттаму за Телма велат дека немаат повеќе обврска да го прават тоа и дека долгот кон нив достигнал 10 милиони евра. Договорот со оваа компанија беше склучен во 2022 година, и тогаш во јавноста се крена „прашина“ затоа што ЈСП потпиша двегодишен договор со кој требаше да да набави гориво од нив во вредност од 27 милиони евра, по 118 денари за литар, иако цената во мало продажба тогаш изнесуваше по 90 денари за литар.
Во меѓувреме, за утре се најавени протести поради состојбата со превозот во градот.
Најавен протест – студентите со ултиматум
За утре (22 ноември) протест поради нефункционалниот градски превоз најавија жителите на Општината Шуто Оризари, а ултиматум испратија и студентите од Универзитетот „Кирил и Методиј“ Скопје (УКИМ).
Во Шуто Оризари сообраќаат само неколку автобуси на ЈСП, со број 19 и 20, а жителите изминатиот период реагираа дека чекаат и по два-три часа и доаѓањето на автобус за нив се претворило како лотарија – може и ќе има, може и ќе нема.
Ултиматум испратија и студентите преку Универзитетското студентско собрание при УКИМ – побараа во текот на денешниот ден да се среди ситуацијата и да се обезбеди редовен превоз или во спротивно тие како претставници на над 28.000 студенти ќе се приклучат на протестот најавен за утре. „Оставка секогаш е отворена опција“
Студентите, како што тврдат, спровеле анкета во која одговориле над 3.150 студенти и од нив 85 отсто чекаат автобуси подолго од 15 минути.
Големо мнозинство, според тврдењата во ултиматумот, или 93,4 отсто од студентите не се задоволни од квалитетот на јавниот градски превоз односно над 65 отсто воопшто не се задоволни.
Ова не е прв пат, скопјани да имаат проблем со јавниот превоз. Во февруари годинава, за прв пат Скопје остана цел ден без јавен превоз, затоа што вработените во ЈСП стапија во штрајк поради неисплатени плати. Претходно во 2022 година неколку дена штрајкуваа и приватните превозници затоа што градот со месеци не им исплаќаше за извршената услуга.
Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за да се нормализира јавниот превоз во Скопје.