- ДЕНА ПРОДУКТ е во сопственост на Атанас Костов, зетот на екс премиерот Зоран Заев. Според пресудата, тој го прекршил договорот, продавајќи ги корнишоните на Глобал Трејд ДММ, односно на својата сопруга, Емилија Костова - Заева, братучетка на Заев.
- Во пресудата, еден од клучните сведоци во постапката е Зоран Костов, кој сведочи против неговиот брат, Атанас Костов. Зоран Костов пред арбитарот во Виена доставил испратници кои покажуваат продажба на корнишони на фирмата Глобал Трејд ДММ.
- Австриската пресуда се уште не е потврдена пред македонските судови. По нејзиното донесување, сопружниците Костов – Заева со повеќе дејства се обидуваат да го отуѓат имотот на ДЕНА ПРОДУКТ во низа нотарско - извршителски постапки. Сопружниците не одговорија на прашањата на РСЕ за пресудата и постапките кои се водат против нив.
- Поранешниот австриски амбасадор во земјава, Георг Вуцас, упати директни критики кон македонските судови поради неможноста на австриската компанија да ја наплати отштетата, барајќи смена на судии и јавни обвинители.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од производство на корнишони до меѓународен спор во милиони евра
Меѓународна пресуда за која треба да плати речиси 4 милиони евра отштета и кривична пријава се на товар на компанијата ДЕНА ПРОДУКТ за измама во производство на корнишони наменето за австриската компанија АММА. Пред домашните судови, пак, ДЕНА ПРОДУКТ и фамилијарно поврзаната компанија ГЛОБАЛ Трејд ДММ се товарат и за изигрување на законите за да избегнат наплата на побарувањето.
Со договорот за соработка за ексклузивен извоз на корнишони, ДЕНА ПРОДУКТ се обврзува да ја продава робата исклучиво на австриска АММА.
Деловниот однос се одвива на начин што Австријците и овозможуваат на македонската компанија финансиска поддршка преку авансно плаќање за сигурно производство, споделувајќи и го целокупното знаење за одгледување и производство на корнишони.
Преку погрешен е - мејл до детективско разоткривање
Како што се наведува во една од кривичните пријави на оштетената компанија, еден погрешен мејл на ДЕНА ПРОДУКТ ќе биде причина австриската компанија да тргне во истрага на случајот. Наместо до АММА, македонската ДЕНА ПРОДУКТ случајно испратила мејл на германска компанија на која скришум и надвор од договорот ѝ продавала корнишони.
Затоа, Австријците ангажирале лиценциран приватен детектив за да обезбедат материјали за евентуална измама. Детектив од Скопје обезбедил докази и фотографии според кои во периодот од јули до септември 2021 година, ДЕНА ПРОДУКТ организирала продажба на други компании. Доказите на детективот, подоцна ќе бидат искористени и во постапката во Меѓународниот центар за арбитража во Виена.
На 1 септември 2021 година, австриската компанија поведува постапка против македонската ДЕНА ПРОДУКТ за непочитување на договорот за ексклузивитет.
Во постапката, АММА се осврнува главно на две барања: за враќање на авансните уплати и за отштета поради прекршување на клаузулата за ексклузивност. Како причина се наведени продавањето на корнишоните на македонскиот пазар и тоа што секој корнишон што го произведувала ДЕНА ПРОДУКТ не се нудел првенствено на Австријците.
Според документите кои ги приложил адвокатскиот тим на австриската компанија, ДЕНА ПРОДУКТ продавала на компаниите - Глобал Трејд ДОО, ДЕНТИНА, КАПРОДУКТ ФРЕШ ДООЕЛ, германските Карл Кине и Штангл и други.
Хронологија на случајот
- 13.04.2016
АММА увоз - извоз ДОО Хеонемс Австрија склучува договор за соработка за ексклузивен извоз на корнишони со ДЕНА ПРОДУКТ увоз - извоз ДООЕЛ Валандово. Кон основниот договор, потпишани се и 4 дополнителни анекси во кои се дефинирани квалитетот на корнишоните, количество кое треба да се произведе и купопродажна цена.
- 2020
АММА ДОО открила дека лажно и се прикажуваат податоци за производствени количини на корнишони. Утврдила дека ДЕНА ПРОДУКТ ДООЕЛ Валандово, голем дел од производството го испорачува на Глобал Трејд ДООЕЛ Валандово, која подоцна ги извезувала во Германија.
- 05.07.2021
Валандовска ДЕНА ПРОДУКТ, во е-маил комуникација по грешка испраќа кредитни белешки на австриската АММА, а кои гласеле на германската компанија Carl Kuhne KG. На овој начин, австриската фирма утврдува дека е прекршен договорот за соработка и корнишоните се продаваат и на други компании.
- 28.08.2021
Оштетената австриска компанија АММА испраќа барање за враќање на авансната уплата од 2.116.431 евра до крајот на август.
- 04.10.2021
ДЕНА ПРОДУКТ Валандово ги префрла вработените во Глобал Трејд ДОО, каде го пренасочил и целокупното производство на корнишони. Во ДЕНА ПРОДУКТ остануваат само тројца вработени.
- 21.10.2022
За време на арбитражната постапка, ДЕНА ПРОДУКТ го променува седиштето на друштвото од Валандово со адреса во Велес на ул. Димитар Влахов бр.27/2.
- 03.01.2023
Пресуда на Меѓународниот Центар за Арбитража во Виена, Австрија. Македонската компанија ДЕНА ПРОДУКТ треба да и плати на австриската АММА 3.866.473 милиони евра отштета.
Брат против брат - едниот сведок против другиот тужен
Радио Слободна Европа дојде до пресудата на Меѓународниот центар за арбитража во Австрија која е во корист на австриската фирма и со која ДЕНА ПРОДУКТ на зетот на Заев, Атанас Костов, должи над 3.800.000 евра.
Според виенската арбитражна одлука напишана на 150 страници, еден од клучните сведоци во постапката против ДЕНА ПРОДУКТ е Зоран Костов, брат на тужениот Атанас Костов, кој е сопственик на компанијата.
Всушност, Зоран Костов бил одговорен во компанијата на неговиот брат во периодот од 2014 до 2021 година за сортирање, пакување и товарање на сите корнишони. Во пресудата пишува дека за Атанас Костов изјавата од неговиот брат треба да биде занемарена бидејќи е лажна и дадена поради нарушени односи, за што му поднел и кривична пријава. Сепак, за арбитерот во постапката не постоел убедлив доказ со кој би се заклучил дека сведочењето на Зоран Костов е неточно.
Зоран Костов доставил голем број на испратници од компанијата на неговиот брат во која работел. Сведочел дека испораките до фирмата Глобал Трејд ДОО и германските Карл Гине и Штангл во главно се состоеле од корнишони одгледани во стаклениците на ДЕНА ПРОДУКТ во Богданци.
Врз основа на документите од одбраната и братот на тужениот, виенскиот арбитер утврдува дека најмалку 26 продажби кои ги содржат спецификациите што се опишани во анексот на договорот, се направени од ДЕНА ПРОДУКТ кон Глобал Трејд ДОО во 2020 година.
Со тоа, АММА бара исплата на отштета од 1.3 милиони евра за 26 продажби на најмалку 2.300 тони корнишони на ДЕНА ПРОДУКТ кон Глобал Трејд ДММ поради прекршување на договорот за ексклузивна испорака.
ДЕНА ПРОДУКТ во своја одбрана посочила дека корнишоните доставени до Глобал ТРЕЈД ДММ имаат различен квалитет од корнишоните доставени до австриската АММА. Без притоа да наведе јасно објаснување за тоа која е причината за различните методи на спецификација при соработка со австриската и фамилијарно поврзаната компанија.
Според тужениот Атанас Костов, опсегот на договорот за ексклузивитет е ограничен на корнишони кои се извезуваат, но, не и на оние кои се продаваат на локалниот пазар во Македонија.
Но, како што наведува арбитерот во пресудата, тужениот бил обврзан да ја продаде целата стока на АММА, односно целото производство на корнишони со одреден квалитет, дури и кога тие се купени од трети лица, а калибрирани и спакувани од ДЕНА ПРОДУКТ. Договорот не дозволува продажба на корнишоните на никој друг освен на австриската компанија, без разлика дали биле продадавани во Северна Македонија или извезувани.
На 3 јануари 2023 година, Меѓународниот центар за арбитража во Виена, носи одлука со која македонската компанија ДЕНА ПРОДУКТ треба да и плати на австриската АММА отштета од 3.866.473 милиони евра за прекршување на договорот за ексклузивност. Во отштетната сума влегуваат авансните плаќања, прекршување на договорот, камати и правни услуги. До 29 август 2023 година, врз основа на овие трошоци, сумата порасна на 4.353.087 евра.
Две недели пред донесувањето на пресудата, на 21 декември, ДЕНА ПРОДУКТ врши промена на името на компанијата и нејзиното седиште го сели од Валандово во Велес. Менувањето на адресата е само првата од низата промени што после пресудата ги прави компанијата, а со кои на австриската АММА ќе и се отежни патот да ги наплати побарувањата добиени во меѓународниот спор.
Тоа е и причина АММА да поднесе две кривични пријави против ДЕНА ПРОДУКТ и ГЛОБАЛ Трејд ДММ- една до Обвинителството во Гевгелија за оштетување и повластување на доверители и една кривична пријава до скопското Обвинителство против службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за несовесно работење, фалсификување службена исправа и компјутерски фалсификат.
На овие две им претходи и уште една кривична пријава до Обвинителството во Гевгелија од 2021 година за измама и злоупотреба на службената положба, за кој веќе има арбитражна пресуда во Виена, но, не и пред македонските судови.
Која е Глобал Трејд ДММ?
Емилија Заева - Костова освен што е прва братучетка на екс премиерот Зоран Заев, има и ист избор за дел од името на сопствената фирма Глобал Трејд, име по кое и Заев и стана особено познат на јавноста по случајот за Трговскиот центар Глобал. Во 2008 година беше уапсен за злоупотреба на службената положба како тогашен градоначалник на Струмица за изградбата на трговскиот центар. Но, тогашниот претседател Бранко Црвенковски го аболицираше.
Сега Глобал, фирмата на неговата братучетка, Заева Костова е дел од аферата со корнишони која ја актуелизираше екс амбасадорот на Австрија во земјава, Георг Вуцас. Тој преку соопштение реагираше дека се одолговлекува процес за наплата на долг на австриската фирма АММА од македонската ДЕНА ПРОДУКТ.
Но, додека да ја потврдат македонските судови и Австријците да си наплатат, РСЕ открива дека сопружниците Костов - Заева освен приватни, имаат и бизнис релации. Низ македонските судско, нотарски и извршителски лавиринти нивните фирми остваруваат и должничко доверителски односи, со кои имотот на ДЕНА ПРОДУКТ може да биде предмет на лицитација, а Австријците да не си го наплатат побарувањето.
Валандовски корнишони со адреса во Велес, Основниот велешки суд станал надлежен за новите процеси
Податоците од Централниот регистар покажуваат дека додека Арбитражниот суд во Австрија одлучувал, ДЕНА ПРОДУКТ добила нова адреса. На десет дена пред Новата 2023 година и две недели пред да се добие пресудата во корист на австриска АММА, фирмата за корнишони од југот на земјава се преселила во централна Македонија.
На 21.12.2022 година е пререгистрирана во Велес. Основачот и управител Атанас Костов одлучил новата адреса да биде на локација на влезот во Велес на улицата Димитар Влахов бр.27-2, попозната како зградата на поранешен ДОС (Друштво за осигурување), каде сега се наоѓаат канцелариите на Осигурување Македонија, но, и на адвокати, проценители, консултантски бироа.
Се обидовме да дознаеме зошто Костов одлучил фирмата за корнишони да ја пресели во градот на Рацин, токму во овој период, но, тој одлучи да не одговори на прашањата.
Според документите со кои располага РСЕ, во поштенското сандаче во Велес по само една недела „стигнува писмо“: Решение за издавање нотарски платен налог од 28 декември 2022 за присилна наплата на побарување. Сумата која ја должи ДЕНА ПРОДУКТ била околу 188 илјади евра, врз основа на фактури и позајмици книжени најголем дел во период од јануари до декември 2022 година. Побарувач е Глобал Трејд ДММ, а потписник на ваквото решение е нотарот Гоце Ѓуракоски од Велес.
Според податоците од Нотарската комора тој станал нотар во 2017 година. Иако доаѓа од Скопје го добил реонот на Велес. Претходно, според информации на РСЕ од Агенцијата за катастар, тој бил вработен токму во оваа институција.
Нотарскиот налог кај извршител пристигнал за 20 дена, односно на 18 јануари 2023 година и е распределен кај извршител Анѓел Костадиновски од Кавадарци.
Но, истиот нотар од Велес, Гоце Ѓуракоски, во ек на новогодишните и божиќните празници, на 4 јануари 2023 година, носи решение кое оди кај истиот извршител во Кавадарци, со истите фирми во улога на должник и доверител, но, овој пат сумата е многу поголема.
ДЕНА Продукт му должи на Глобал Трејд 3. 885 474 евра. Тоа е сума речиси идентична со онаа од пресудата на арбитражниот суд во која ДЕНА Продукт е должник и на австриска АММА.
Извршувањето требало да се реализира врз недвижен имот надвор од Богданци, односно стаклениците каде се произведувале и пакувале корнишоните за Австрија. Ова било доволен аларм за застапниците на австриската АММА да побараат од Основниот суд во Велес, две времени мерки за пониската сума од помалку од 200 илјади евра, но и за високата од околу 4 милиони евра.
Со назнака „итно“ се поднесени две барања за времена мерка врз извршувањето на нотарското решение. Во една од тужбите адвокатите пишуваат дека:
„Укажуваме дека постапката по платен налог и барањето за извршување помеѓу првни лица основани од сопружници самите по себе се “неприрoдни постапки”. Тие претставуваат стратешки смислени сценарија од тужените за комплетно да го оневозможат тужителот да го намири своето побарување кое произлегува од Арбитражната пресуда“, се вели во тужбата поднесена до Основен суд Велес.
Каква историја имаат фирмите ДЕНА Продукт и Глобал Трејд ДММ?
Влошките на двете фирми кои се наоѓаат во Централниот регистар откриваат неколку интересни детали. Регистрирани се во период од повеќе од една деценија, но, и двете се наоѓаат на иста адреса во Валандово. ДЕНА Продукт е многу постара фирма од Глобал Трејд ДММ.
Како се менувала влошката на „Дена Продукт“ и „Глобал Дена Трејд“
Дена ПРОДУКТ увоз извоз Валандово
Регистрирана 18.06.2007
Сопственик и управител Атанас Костов
Адреса Првомајска 16/1-6 Валандово
Дена ПРОДУКТ увоз извоз Велес
Преименување на 21.12.2022
Сопственик и управител Атанас Костов
Адреса Димитар Влахов бр.27/2 Велес
ГЛОБАЛ ДЕНА ТРЕЈД Валандово
- 05.04.2016 - Регистрирање; Сопственик и управител Емилија Заева Костова; Адреса Првомајска 16/1-6 Валандово
- 21.06.2018 - Сопственик Емилија Заева Костова; Управители Атанас Костов и Атанас Чичанов
- 30.04.2020 - Промена на име: ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ Валандово; Сопственик Емилија Заева Костова; Управител Атанас Костов
- 16.08.2021 - Сопственик и управител Емилија Заева Костова
- 30.11.2021 - Сопственик Емилија Заева Костова; Управител Атанас Костов
- 26.12.2023 - Промена на адреса Пиринска бр.27 Валандово
- Моментална состојба - Сопственик Емилија Заева Костова; Управител Томчо Органџиев
Сопругот Костов има „борч“ кај сопругата Заева - Костова речиси ист колку и кај Австријците
Двата нотарски налози и решенија за извршување кои ги има како побарување Глобал Трејд ДММ на Емилија Заева - Костова кон ДЕНА Продукт на Атанас Костов, чинат заедно нешто повеќе од 4 милиони евра. Тоа е сума која е речиси идентична со долгот на ДЕНА кон австриската АММА за непочитување на договорот за корнишони.
Долгот меѓу фирмите на сопружниците се трупал во најголем дел во 2022 година. Временски, нивните бизнис релации со кои се создал долгот се интензивирале речиси во периодот кога Австријците го почнале процесот пред меѓународната арбитража. Ова го нотирале и адвокатите на австриска АММА подоцна кога и побарале две времени мерки со кои сакаат да го стопираат извршувањето, за да се спречи оттуѓување на имотот на ДЕНА на сопругот во корист на Глобал Трејд ДММ на сопругата, а на штета на Австријците.
Тие во барањето за времена мерка напишале дека „ДЕНА презема координирани дејствија за дејноста да ја префрли на Глобал Трејд ДММ“.
Двете фирми склучиле договор за закуп на стаклениците на период од 15 години, во кои ДЕНА Продукт до тогаш произведувала корнишони, а според адвокатите вклучително и договорените исплатени, но, неиспорачани количини на корнишони за Австрија.
ДЕНА Продукт ги префрла дури и вработените во Глобал Трејд ДММ. Според податоците од Агенцијата за вработување на 31 август 2021 година, во Глобал Трејд ДММ имало само тројца вработени, а веќе на 04.10.2021 година, 91 вработен.
Според она што го напишале австријците во тужбите во завршните сметки на фирмите, ДЕНА Продукт за 2021 година има приход од 268.210.370 денари (4.361.144 евра), додека во 2022 година, драстично опаднал на 26.113.312 денари (424.606 евра), односно дест пати помалку.
Од друга страна, Глобал Трејд ДММ во 2022 година остварил приход од 218.264.755 денари (3.549.020 евра), што е двојно повеќе од неговиот приход за 2021 година, се вели во тужбата.
За адвокатите исто така е сомнително што токму пред крајот на арбитражната постапка се појавуваат двата платни налози од нотарот со кој Глобал Трејд ДММ сака да си го наплати долгот од ДЕНА Продукт преку извршување, а компанијата воопшто не поднела приговор на ова. На тој начин, постапката се скратила, па уште во јануари 2023 година, Глобал Трејд ДММ преку извршител си ги барал парите од ДЕНА Продукт.
„Фактот што помеѓу прво и второ тужениот како поврзани друштва, одеднаш се појавува потреба за присилно извршување, јасно укажува на умисла и намера за планирани дејствија за осуетување на имотот и оштетување на доверители, односно тужителот“, пишува во тужбата од АММА против двете фирми.
Ист суд, исти странки, две барања за времени мерки - две различни одлуки
Едно позитивно и едно негативно решение доби австриската фирма АММА од Основниот суд во Велес за барања за времени мерки врз имотот на ДЕНА Продукт од која треба да си ја наплати арбитражната одлука.
Судијата Лорета Тодорова му забранува на Глобал Трејд ДММ да ги наплати побарувањата од повеќе од 3 милиони евра што се од решението на нотарот и од налогот за извршување. Оваа времена мерка трае до изминување на 30 денови од завршувањето на спорот кој го имаат австриска АММА со ДЕНА.
Според одговорот кој Радио Слободна Европа го доби од судот во Велес, ваквата одлука е донесена на средината на јули, а бидејќи ДЕНА Продукт се жалела, целиот предмет оди во Апелациониот суд во Скопје.
Но, истиот суд, само друг судија, пресудил поинаку на барањето на австриска АММА за да не се извршува, овој пат вториот нотарски налог со кој се побаруваат речиси 200 илјади евра.
Судијата Валентина Петровска на 14 август годинава одлучила да го отфрли барањето за времена мерка, па така истиот имот кој е заштитен со првата одлука, сега може да се продава, бидејќи тој е опфатен и во второто решение за извршување по барање на Глобал Трејд ДММ.
Судот сметал дека АММА во оваа фаза на постапката не докажала дека нема да може да си го наплати побарувањето од ДЕНА. Во одговор кој РСЕ го доби од Судот, а на прашањето зошто се донесени две различни одлуки се вели:
„Не се работи за иста постапка, иако се исти странките. Во овој предмет се работи за поднесена тужба со поднесено тужбено барање и со предлог за привремена мерка за одредени акти кои се побиваат од тужителот спрема тужените, додека во другиот предмет истите странки се предлагач и противници само по предлог на привремена мерка без тужба и тужбено барање, се однесува на друг износ и за побивање на други акти па сметам дека не може да се работи за исти докази и за исто поставено барање иако се исти странките“, се вели во одговорот на Судот.
На 10 јули 2023 година, беше закажана лицитација за имотот на ДЕНА Продукт која требаше да се изврши кај извршителот Анѓел Костадиновски во Кавадарци. Во последен момент беше одложена по барање на австриската АММА, а одлуката тогаш како надлежен, ја донесе Гевгелискиот суд.
Лицитацијата е одложена за 5 октомври и бидејќи една од одлуките на Велешкиот суд го отвора патот за извршување, застапниците на Австријците стравуваат дека ќе ја изгубат трката со времето.
Тоа значи дека Апелациониот суд каде по жалба во моментов се наоѓа предметот за извршување на арбитражната одлука со која АММА треба да си ја наплати отштетата, има рок од неполн месец и половина да ја направи правосилна пресудата од Виена.
Кој купува време во случајот со австриска АММА?
Според македонските закони за одлуката на меѓународната арбитража да стане извршна, мора да ги помине и македонските судови. Поради ова, случајот се нашол пред Граѓанскиот суд во Скопје кој и ја потврди одлуката од Виена.
Но, поради жалба на ДЕНА Продукт, процесот треба да е во Апелациониот суд во Скопје. Оваа постапка трае повеќе од половина година и за тоа време застапниците на австриската АММА се обидуваат да спречат отуѓување на имотот на ДЕНА Продукт.
Веднаш барале привремена мерка во судот во Гевгелија каде и поднеле кривични пријави против фирмите ДЕНА Продукт и Глобал Трејд ДММ и против лицето Атанас Костов.
И покрај тоа што судот на барање на обвинителството носел одлуки за привремени мерки, токму Апелациониот суд ги поништувал.
Основниот суд во Гевгелија во едно од решенијата одлучил дека времена мерка може да трае до 15 дена од извршувањето на арбитражната пресуда. Последната одлука на Апелација и судијката Мери Дика била дека мерката може да важи, но, 15 денови по приемот на пресудата од Виена. Рок што доспевал на 18 јануари годинава. За застапниците ове е прекус рок за да се изврши една арбитражна одлука со оглед што треба да се поминат домашните судови.
Од Апелација за РСЕ велат дека постапувале по одредбите за парнична постапка. Тоа што и нивниот суд индиректно беше прозван од австрискиот амбасадор не го коментираат.
„Судот напоменува дека одлучува согласно Уставот, законите и меѓународните ратификувани договори и притоа се произнесува со своите одлуки. Во моментов заведен е предмет помеѓу странките, а по изјавени жалби на решение за определување на времена мерка. Постапката е во фаза на одлучување, а овој суд при постапувањето го има предвид итниот карактер на предметот“, велат од Апелациониот суд во Скопје.
Во меѓувреме, поднесени се и кривични пријави против непознати лица од Агенцијата за катастар на недвижности за компјутерски фалсификат, за несовесно работење во службата и фалсификување на службена исправа. Застапниците на австриската фирма се сомневаат дека е впишан извршен налог за имотот ретроактивно и тоа му го посочиле на Обвинителството. За сите пријави од обвинителството велат дека работат ажурно.
„ОЈО Скопје изврши проверки по кривичната пријава за неименувани службени лица од Агенцијата за катастар на недвижности, при што утврди дека во конкретниот случај постапувало Одделението за катастар од Гевгелија и предметот го препрати на надлежно постапување на ОЈО Гевгелија. Тоа постапува по уште една кривична пријава од австриската фирма за кривично дело - Оштетување или повластување на доверители. Постапката во овој предмет е во тек, се прибираат докази по што ќе бидат наредени и соодветни вештачења“, велат од Обвинителството.
Меѓународната арбитражна одлука сепак може да не го помине филтерот на македонското судство. Може да се оспори по неколку основи, што валандовско - велешката компанија веќе го сторила. И двете страни се во исчекување на одлуката на Апелациониот суд.
Валандовски корнишони се продаваат на австриски пазар
Името на Емилија Заева - Костова последно во јавност можеше да се прочита и како директор на комуналното претпријатие во Валандово, назначена од градоначалникот Перо Костадинов.
Во разговор за РСЕ, Костадинов потврди дека пред околу повеќе од два месеци, таа самата си поднела оставка од функцијата. Од Државната комисија за спречување на корупцијата потврдуваат дека додека била на функција, Заева - Костова не го пријавила имотот кој го поседува. ДКСК неодамна отвориле постапка по сопствена иницијатива бидејќи како функционер имала законска обврска да поднесе анкетен лист.
Во меѓувреме, соработката меѓу фирмата на сопругот ДЕНА Продукт со австриската АММА е прекината, но, тоа не значи дека корнишони од југот на земјава не се наоѓаат на австрискиот пазар. Според написите по македонските медиуми уште пред околу 5 години фирмата Мамас, позната како компанија со која раководи дел од семејството Заеви почнала да извезува на австрискиот пазар. Главно оваа компанија е позната по извозот на ајварот „Мамас“. Но, на сајтот на „Мамас Австрија“ може да се види дека се нудат и тегли со корнишони.
Меѓу последните објави на социјалните мрежи која ја има братот на Емилија Заева - Костова, Бобан Заев, а се јавува како сопственик на МАМАС заедно со уште еден братучед на поранешниот премиер Зоран Заев, е дека го шират бизнисот на австрискиот пазар. Тоа се потврдува и со последното видео објавено од каналот на фирмата „Мамас Австрија“, каде се вели дека производите ќе ги има во големиот ланец маркети СПАР.
Сопружниците без коментар за австриската пресуда и постапките против нив
РСЕ ги побара сопствениците на засегнатите компании во приказната - ДЕНА Продукт и Глобал Трејд ДММ, Атанас Костов и неговата сопруга Емилија Заева Костова на 24 август.
Во телефонски разговор, Заева Костова рече дека во моментов нема коментар и дека кога ќе имаат нешто официјално ќе излезат со соопштение.
За разлика од неа, поинаку течеше комуникацијата со нејзиниот сопруг, Атанас Костов. Во телефонскиот разговор ни рече дека сака да говори на темата, но, откако ќе се врати од одмор на 28 август. Во писмената комуникација, пак, на мејл во однос на испратените прашања упатени до него, ни посочи дека се препратени до неговиот правен тим.
Вуцас: Пристрасност на судии и обвинители во случајот со братучетката на Заев
На 28 јуни, тогаш се уште актуелниот австриски амбасадор во земјава, Георг Вуцас, испрати допис до медиумите, упатувајќи жестоки критики до македонското правосудство. Вуцас побара разрешување на како што ги нарече сите пристрасни судии и јавни обвинители. Но, и укинување на лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спорот што го води АММА со ДЕНА Продукт.
Видете и ова: Австрискиот амбасадор – Судот попречува наплата на долг од фирма на блиски на ЗаевВуцас во писмото прашува „што ќе надвладее - владеење на правото и заштита на австриските инвестиции во Северна Македонија или криминални договори за заробување на судството и правните службеници.
„Зошто австриски инвеститор мора да ангажира три адвокатски канцеларии и да поднесе над десетина правни документи и предлози за признавање на арбитражна одлука во Северна Македонија? Како тоа може да се манипулира со Централен катастар, со еден официјален јавен регистар? Како може да продолжат овие постапки кога за овој предмет има граѓански тужби и тековни кривични истраги? Зошто надлежните институции во државата, пред се, Советот на јавни обвинители, Републичкиот јавен обвинител, Вишиот јавен обвинител во Скопје, не се активни и веднаш не истражуваат“, праша во писмото Вуцас.
На јавното обраќање на Георг Вуцас, реагираше поранешниот премиер Зоран Заев. Тој целосно негира негова вмешаност во споменатито деловен спор. Го предуреди сега веќе екс амбасадорот доколку уште еднаш го спомне неговото име во ваков негативен контекст ќе го тужи за нанесена штета врз честа и угледот.