Судот во Лондон - Асанж може да се жали на одлуката за екстрадиција во САД

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж го напушта Вишиот суд во Лондон на 2 февруари 2012 година.

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, доби право да се жали на одлуката за негова екстрадиција во Соединетите држави, откако судиите во Лондон одлучија дека гаранциите што претходно ги бараа од САД не се задоволителни.

Ова е најновиот развој на настаните во случајот со обидот за екстрадиција на Асанж, кого САД го бараат по 18 точки од обвинението за објавување на стотици илјади доверливи документи.

Минатиот месец, Високиот суд во Лондон пресуди дека, без одредени американски гаранции, на Асанж ќе му биде дозволено да поднесе нова жалба против екстрадицијата.

Тие гаранции вклучуваат дека во случај на судење во САД, Асанж ќе има право да се повика на Првиот амандман и правото на слобода на говор и дека нема да има нови обвиненија кои би можеле да доведат до изрекување на смртна казна.

Видете и ова: Асанж на чекор до конечна одлука за екстрадиција

Што ѝ претходеше на деценијата во притвор?

Во април 2010 година, Викиликс објави видео на кое се гледа американски воен хеликоптер Апачи кој бил користен за престрелка во која загинаа неколку ирачки цивили и двајца новинари на Ројтерс на улиците на Багдад во 2007 година.

Неколку години претходно, поточно во 2006 година, Асанж го основа Викиликс, страница специјализирана за објавување голем број податоци, документи, цензурирани или недостапни официјални материјали кои вклучуваат војни, шпионажа и корупција.

Во интервју за германски Шпигел во 2015 година, Асанж го опиша Викиликс како „џиновска библиотека со најбараните документи во светот“.

Иако мрежата постоеше четири години, објавувањето видеа на конференцијата во Вашингтон од улиците на Багдад и убиствата на цивили и новинари на Ројтерс ги стави Викиликс и неговиот основач во центарот на вниманието.

Публикацијата со наслов „Колатерално убиство“ беше проследена со повеќе од 90.000 доверливи американски воени досиеја од војната во Авганистан, 400.000 од Ирак, а во ноември 2010 година беа објавени околу 250.000 американски дипломатски телеграми кои ги покриваат речиси сите земји во светот. Во објавувањето на овие документи учествуваа и Њујорк Тајмс, Гардијан и германскиот Шпигел, кој подоцна ги осуди потезите на Викиликс да ги објави останатите документи без цензурирање на имињата.

Видете и ова: Австралија бара Асанж да се врати дома, а не да се екстрадира во САД

Почетокот на правната битка

Набргу потоа започнува правната битка на Џулијан Асанж, кого Шведска во 2010 година го обвини за силување и сексуален напад, што тој го негира. Асанж, кој во тоа време бил во Лондон, се предал на полицијата и бил пуштен со кауција.

Две години подоцна, кога Врховниот суд на Велика Британија донесе одлука дека треба да биде екстрадиран во Шведска, Асанж, плашејќи се дека Шведска може да го екстрадира во САД, побара азил во амбасадата на Еквадор.

Тој помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон, која му даде и еквадорско државјанство. Откако му беше одземен азилот во април 2019 година, британската полиција го уапси основачот на Викиликс.

Тој беше уапсен по налог издаден од Судот на Вестминстер на 29 јуни 2012 година, кога Асанж не се појави на суд поради прекршување на условите за кауција, поради што ќе биде осуден на 50 недели затвор. Иако оттогаш ја отслужи оваа казна, тој се уште е во затвор во очекување на одлуката за екстрадиција.

Истиот ден кога беше уапсен, американското обвинителство јавно објави обвинение против Асанж за заговор за пристап до таен владин компјутер со поранешната воена аналитичарка Челзи Менинг во 2010 година.

Видете и ова: САД се жалат на одбиеното барање за екстрадиција на Асанж

Според обвинението, Асанж му помогнал на Менинг да открие лозинка што се наоѓала на компјутер на американското Министерство за одбрана поврзан со мрежа што ја користи владата за доверливи документи и комуникации.

Следеа дополнителни обвиненија, а САД официјално побараа екстрадиција на Асанж во јуни 2019 година по 18 точки од обвинението, вклучително и 17 точки за шпионажа и една точка за хакирање на владина компјутерска мрежа. Британскиот министер за надворешни работи во тоа време, Прити Пател ја одобри екстрадицијата.

Во февруари оваа година, правниот тим на Асанж побара дозвола за конечна жалба, тврдејќи дека случајот е политички мотивиран и претставува напад врз слободата на говорот и новинарството и дека Асанж може да се соочи со смртна казна доколку биде осуден.

Високиот суд ги отфрли неговите аргументи, наведувајќи дека САД мора да обезбедат гаранции дека тој нема да се соочи со смртна казна и дека ќе има право да се потпре на правото на слобода на говор од првиот амандман, иако не е државјанин на САД.

Доколку Асанж биде екстрадиран во САД, може да се соочи со затворска казна до 175 години.