Нема решение за градската (не)хигиена во Скопје, а проблемите со старите и нередовни градски автобуси во пресрет на учебната година извесно е дека ќе останат. Наместо на план, скопјани вчера и денеска посведочија на нови јавни препукувања и префрлање одговорност меѓу градоначалничката Данела Арсовска и власта, редводена од ВМРО-ДПМНЕ, партија со чија поддршка во 2021 таа дојде на функцијата.
На вчерашната средба во Владата со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за локална самоуправа Златко Перински, Арсовска тврди дека настапила со план во кој биле детално разработени, како што рече, „сите работи кои се блокирани и треба да се решат за да има функционални јавни претпријатија и функционален град“.
„Еден по еден ги презентиравме и како ги презентиравме беа одбивани, за на крај да ни се предложи да дојдеме со нов план мислејќи дека ќе одбиеме. Ние прифативме, веќе отпочнавме и ќе видиме дали ќе им се допадне планот“, изјави градоначалничката на прес-конференција, денеска, на 20 август.
Видете и ова: Перински: Не слушнавме ништо конструктивно од Арсовска, очекуваме план до четврток
Средбата, според неа, наликувала на политички циркус за добивање политички поени.
Ваквите нејзини тврдења следуваат откако вчера министерот Перински кажа дека од состанокот со градоначалничката излегле позагрижени за очајната состојба во Градот Скопје од претходно и тврдеше дека градските власти во Владата дошле без никаков план.
Новиот план, според најавите од двете страни, треба да се презентира во четврток. Но, дали ќе донесе решенија, во Владата не се оптимисти.
„Нашите очекувања не се големи, морам да признаам, за жал“, рече вчера Перински.
За градоначалничката вината е кај Советот
Арсовска, пак, тврди дека тоа што можела да го реализира сама го направила, а решението за сите останати проблеми лежи во Советот на Град Скопје бидејќи советниците не ги гласаат годишните програми и планови. Како примери ги посочи планот за работа на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, програмите за животна средина и за сообраќај, кои седум месеци не добиваат зелено светло. Без нив, вели таа, претпријатијата ниту може ниту смеат да работат.
„Скопјани гласаа 45 советници кои сега само земаат 500 евра за една седница и на Совет не гласаат ништо. Јас да можев без нив, досега Градот ќе беше среден“, вели Арсовска.
Во изборната кампања, посочи таа, ништо не ветила сама туку на секој настап со неа стоеле советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои гарантирале за програмата и проектите што сега ги кочат.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека градоначалничката денеска ја покажала својата „неспособност“ и сметаат дека треба да се разгледа можноста за кривична постапка поради неисполнување на законските обврски што се нејзина надлежност. Советникот од оваа партија, Мартин Стојановски, ја обвини дека делува синхронизирано со СДСМ додека социјалдемократите претходно порачаа „Арсовска и Мицкоски да се договорат за медот за на Скопје конечно да му тргне“.
„Ќе сториме сè што е во наша моќ да ги коригираме нејзините испади, неработење и неодговорно и детско однесување“, рече Стојановски.
Инаку, Арсовска денеска уверуваше и дека градскиот буџет е ликвиден и оти од Владата не бара пари туку да се има политичка волја и да се одблокира градот преку Советот.
Единствените пари што ги бараат е долгот од 8 милиони евра што централната власт го има за бесплатниот превоз на студентите, а коишто пари треба да ги добие ЈСП.
Зборувајќи за блокадите и за јавниот превоз, таа потсети и дека 20-тина пати на седниците на Советот бил ставен предлогот за набавка на нови автобуси, но не се гласа. Вчера и во Владата предложила самите советници да формираат комисија и да ја спроведат целата постапка, а таа само да потпише. Но, тврди повторно била одбиена.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Негласањето на останатите програми и планови за јавните претпријатија, според неа, за првпат по 30 години придонеле и да не се ангажираат околу 120 работници кои треба да ја одржуваат јавната чистота.
Јавниот превоз и градската хигиена биле во фокусот и на средбата во Владата.
Во Владата очај за Скопје
Според оценките на Владата, најакутен е проблемот во „Комунална хигиена“. Наспроти обвинувањата од Арсовска дека не се гласа годишната програма за работа за ова претпријатие, министерот Перински вчера ги прозва градските власти дека немаат никаков заклучок – ниту за механизацијата со која располагаат ниту за бројот на вработени.
Јавниот превоз, според неговите очекувања, ќе се најде во голем проблем кога за десетина дена ќе почне школската година.
„Очајна е состојбата во Градот и во јавните претпријатија и како генерален заклучок се донесе дека немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје е една фаза од препреките за реализација на проектите од страна на Градот“, рече Перински.
Ваквата изјава според Арсовска, пак, е прво признание од самата ВМРО-ДПМНЕ дека сите блокади се организирани и оркестрирани од оваа партија и нејзините советници.
Ниту оставка ниту втор мандат за Арсовска
И додека си упатуваат меѓусебни прозивки отстапувања никој не планира. Арсовска префрлајќи ја вината кај Советот не планира повлекување, но нема намера ниту да бара втор мандат од скопјани.
Од Владата, пак, не побарале оставка од неа, а немаат намера ниту да и поднесат кривични пријави за, како што тврдеше Перински, делата што се прават со неисполнување на надлежностите.
Во меѓувреме, покрај скопјани кои очекуваат решение на проблемите, одговори од централната власт чекаат и градоначалниците на скопските општини.
„На Скопје му фали генералка за да заличи како што треба. Овде е срамота да дојде турист!“, рече градоначалникот на Кисела Вода и претседател на Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓоргиевски, на 14 август кога бараа Владата да одземе дел од надлежностите на Арсовска.
Видете и ова: „На Скопје му фали генералка“ - Скопските градоначалници ги бараат Комунална хигиена и Паркови и зеленилаКонкретно, предложија, Владата преку свој повереник да ги расформира јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“ и секоја скопска општина да си ги превземе обврските за чистење и собирање на сметот.
Но, за ова Мицкоски, Перински и Арсовска на средбата не ни разговарале.
Според министерот за локална самоуправа, прашањето прво треба да се разгледува од два аспекти.
„Прво легалистички, согласно Закон, и второ што ќе се случува во пракса. Во моментот како Влада го разгледуваме барањето врз основа на Закон дали согласно Закон може ова да се направи. Второ, дали во пракса ќе го реши проблемот на Скопјани утре. Јас мислам не. За такво нешто, да се влезе во некоја таква авантура, мислам дека ќе треба подолго време за да се донесе некакво подобрување од аспект на хигиената на Скопје“, вели Перински.
Од актуелниот мандат на градската власт во Скопје, како и во останатите општини, се потрошија речиси три години. Последните локални избори се одржаа во октомври 2021, а следните треба да се организираат истиот месец наредната година.