Затворениците штo ќе излезат од другата страна на затворската капија, откако во Собранието ќе помине Законот за амнестија, ќе бидат слободни граѓани. Никој нема да го надгледува како ќе се однесуваат, затоа што државата нуди рехабилитација и ресоцијализација само во затворите, а не подлежат ни под системот на пробација – каде се надгледува само спроведувањето на алтернативните мерки и условниот отпуст.
Закон за амнестија предложи Министерството за правда, поради потреба од ресоцијализација на определен број осудени лица, пренатрупаност на затворите и лоши услови за престој во нив.
„Амнестијата е начин затворениците помалку да се криминализираат внатре во затворите – веројатно е тој што ќе влезе во затвор со пресуда од една година, ако државата не му овозможи рехабилитација, да се врати дома како тежок криминалец“, објаснуваше на брифинг министерот за правда, Кренар Лога.
Видете и ова: Лога: Не се амнестираат академци туку осуденици, но имиња не потврдувамСамо 4 часа на слобода, повторно направил разбојништво
Досегашното искуство покажува – во Македонија, повеќе од половина од затворениците за кратко време на слобода повторно завршуваат во затвор. Проф. Д-р Александра Груевска – Дракулевски од Катедрата за криминологија и пенологија на Правниот факултет во Скопје објаснува дека многу фактори влијаат на оваа состојба. Тука е континуираниот недостаток на лица задолжени да го спроведуваат процесот на ресоцијализација - со години еден воспитувач наместо да работи со 30-тина затвореници, односно 15 високо ризични затвореници, согласно стандардите, се соочуваат со ситуација да работат со 60, 90, а во КПДУ „Идризово“ и со 120 затвореници. Во такви услови не може да ги спроведат ниту основните програми за третман, а не специфичните програми, наменети за специфични категории затвореници. Следен проблем е проблемот на неефикасна постпенална помош. Со години освен одреден минимален паричен надомест што го добиваат лицата по отпуштањето од затвор (еднократно по 4.500 денари), не добиваат речиси никаква помош. Ако немаат каде да се вратат, не се вработени и немаат пари, многу е веројатно дека ќе извршат ново кривично дело.
„Високите стапки на поврат, особено високите стапки на пенолошки поврат, односно фактот дека повеќе од 55 отсто од затворениците се повратници, односно по издржана казна затвор за краток период по отпуштањето (шест месеци или една година) повторно вршат ново кривично дело за кое повторно им е изречена казна затвор, се потврда дека успешна ресоцијализација во затворите не се остварува. И искуствата со Законот за амнестија од 2018 година покажаа висока стапка на поврат кај лицата кои беа опфатени со тој закон. Како карактеристичен случај го истакнуваме случајот на амнестирано лице кое само четири часа по отпуштањето стори ново кривично дело разбојништво“, вели Груевска Дракулевски за РСЕ.
Проблемот само привидно се решава
Според податоците од Министерството за правда, заклучно со 27 септември, 286 лица целосно се ослободуваат од затвор. Тоа се осудениците на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци и сториле полесни кривични дела. Осудените на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Тоа се 996 лица. Уште 2.813 нови осудени лица имаат упатен акт и чекаат да влезат в затвор.
Видете и ова: Амнестиите изгубени во политичкиот пазарМакедонското здружение на млади правници од лани почна проект кој се однесува на ресоцијализацијата на осудените лица и пост-пеналната заштита. Според нивните наоди, речиси воопшто не се работи на ресоцијализација на осудениците, што треба да се спроведува пред отпуст и по нивен отпуст од затвор.
„Оваа ситуација со амнестијата, нема да се промени бидејќи е само привидно решавање на проблемот, или одлагање. Во однос на условите во казнено-поправните установи, тоа не треба да не изненадува бидејќи причина за донесување на Законот за амнестија и во 2018 беа условите во затворите кои долго време се оцененти како нехумани. Истото се наведува и во овој предлог закон, а ситуацијата до денес не е многу променета“, вели Ирена Здравкова, правник и проектен менаџер во Здружението.
Ефектите од пробацијата
Управата за извршување санкции во првите девет месеци од 2023 година постапува по 354 предмети од пробацијата. Од нив, 105 се за условна осуда со заштитен надзор, 11 се општокорисна работа, 58 проценка на ризик во тек на судска постапка и 180 се за надзор над условен отпуст. Оваа бројка е забележливо повисока од ситуацијата од пред три години, во 2020, кога е постапувано по 276 пробациски предмети. Оттогаш, бројот е во постојан пораст. Иако Законот за пробација се применува од 2016 година, во пракса судовите многу ретко изрекуваат алтернативни мерки (општо-корисна работа, куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор....), па затворите се полнат и со осуденици за полесни кривични дела.
„Во моментов имаме 11 функционални канцеларии во кои работат 28 обучени пробациски службеници. Моментално бројот на активни пробациски предмети е 450, што е „втор по големина затвор“ после Идризово. Замислете уште тие кога би биле во затвор колку би се оптоварил затворскиот систем. Сметам дека преку почеста примена на пробацијата ќе се намали пртенатрупаноста на затворскиот систем. Пораката до судиите и до обвинителите е да изрекуваат повеќе алтернативни мерки“, велат од Секторот за пробација при Управата за извршување санкции.
Пробацијата е и поекономично решение за да се намали пренатрупаноста во затворите - еден ден затворска казна ја чини државата чини околу 1. 000 денари, еден ден под надзор на пробациската служба чини околу 50 денари.
Република Северна Македонија има донесено неколку Закони за амнестија (во 1991, 1999, 2002, 2003, 2018, 2023 година). Анализите покажале дека речиси сите Закони за амнестија (особено од 1991, 1999, 2002 и 2003 година) се одраз на моменталната владејачка политичка волја, наместо да претставуваат резултат на длабински студии и идеи за подобрување на системот на кривичната правда и соодветни политики. Тоа е нотирано и во анализата „Создавање (не)правда: Амнестија во Република Северна Македонија и нејзиното влијание врз рехабилитацијата и ресоцијализацијата на осудените лица“ од август годинава, во издание на Македонското пенолошко друштво.
„Ова особено се однесува на феноменологијата на кривичните дела што ги опфаќаа овие акти и индивидуалните карактеристики на осудените лица. Во однос на рецидивот на амнестираните, законски не постои соодветно решение во смисла на нивен третман или следење во заедницата откако се амнестирани. На лице што е амнестирано не може да му се наметнуваат дополнителни обврски, забрани или ограничувања по основ на фактот што е амнестиран, иако можеби се оценува дека е опасен за околината“, пишува во анализата.
Во предлог-законот што власта сака да го донесе, исклучок од амнестијата би биле правосилно осудени лица на доживотен затвор, осуденици за убиство, за дела против изборите и гласањето, против половата слобода и морал, разбојништво, разбојничка кражба, против јавниот ред, човечноста и меѓународното право, измама на штета на средства на ЕУ, перење пари, злоупотреба на службената положба и овластувања, примање и давање поткуп, давање и примање награда за противзаконито влијание, семејно и родово-базирано насилство. Проблемот со пренатрупаноста на затворите, пак, ќе се решава со нов објект во Идризово од 15.000 квадратни метри, кој треба да биде изграден за четири години и би имал капацитет од 900 места.