Нова офанзива на силите на Гадафи во Мисрата

Силите лојални на лидерот Муамар Гадафи денеска организираа нови офанзиви против бунтовниците во градот Мисрата, центарот на антивладиното движење во западниот дел на Либија. Неколкумина цивили загинале во судирите, јавија медиумите. Според болнички извори, 240 луѓе загинале а илјадници се повредени од почетокот на немирите во ова населено место.
Во меѓувреме, НАТО соопшти дека ги проверува извештаите за цивилни жртви во бомбардирањата на меѓународната коалиција која интервенира со цел затворање на воздушниот простор над северноафриканската земја – една од одредбите на резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации. Според изјави на бунтовници, најмалку 13 лица загинале во петокот во бомбардирањата на областа меѓу градовите Ајдабија и Брега во источниот дел на земјата. Алијансата ја превзема контролата на операциите во Либија во четвртокот. САД претходно ја диригираа офанзивата на меѓународната коалиција.