Русија тврди дека не е лесно да се постигне мировен договор за Украина со САД

илустрација

илустрација

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека не е лесно да се постигне договор со САД за клучните делови од евентуалниот мировен договор за завршување на војната во Украина.

Прашан дали Москва и Вашингтон имаат договор за некои аспекти од евентуалниот мировен договор, тој изјави:

„Не е лесно да се постигне договор за клучните компоненти на решението. Тие се дискутираат“ вели Лавров во интервју за весникот „Комерсант“.

Во меѓувреме, украински напад со дрон уби 85-годишна жена, повреди девет лица и предизвика пожари во неколку згради во рускиот град Курск, во близина на границата со Украина, соопштија локалните власти.

„Курск синоќа беше подложен на масовен непријателски напад“, се вели во објавата на Телеграм од управата на регионот Курск.

Како резултат на нападот, оштетена е повеќекатна станбена зграда, при што избувнал пожар во неколку станови, изјави вршителот на должноста градоначалник на Курск, Сергеј Котљаров. Жителите биле евакуирани во блиското училиште.

Дронови погодиле и гаража за брза помош при што биле оштетени 11 возила, известија од регионалната управа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како Русија регрутира платеници од Кина да се борат во Украина?

Размерите на нападот сè уште не се јасни, но руските телеграмски канали Baza и SHOT, кои често објавуваат информации од извори во безбедносните служби и агенциите за спроведување на законот, објавија дека повеќе од 20 експлозии го потресоа градот. Тие објавија фотографии на кои се гледа запалена повеќекатна станбена зграда.

Министерството за одбрана соопшти дека руските сили пресретнале и уништиле 115 дронови што синоќа ги користела украинската армија за напад. Руските системи за противвоздушна одбрана неутрализирале украински дронови над пет руски региони, вклучително и Московскиот регион.

Украинските војници, кои извршија прекугранична инвазија во Курската област, чиј административен центар е градот Курск, сè уште се присутни во некои делови од регионот, иако руските сили вратија голем дел од изгубената територија.

Нападот уследи по рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми за време на викендот, во кој загинаа 35 лица, а најмалку 119 беа повредени.