Германските партии постигнаа договор за формирање нова влада

Водачот на германската партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) Фридрих Мерц (лево) и Ларс Клингбејл, од германската Социјалдемократска партија (СПД), Берлин, 8 март 2025 година

Водачот на германската партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) Фридрих Мерц (лево) и Ларс Клингбејл, од германската Социјалдемократска партија (СПД), Берлин, 8 март 2025 година

Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ) постигна договор за коалиција со Социјалдемократската партија (СПД).

Договорот го отвора патот за нова влада во најголемата европска економија по неколку месеци политички ќор-сокак.

Притисокот за постигнување договор стана уште поголем бидејќи владата ја презема власта во време на глобални турбуленции предизвикани од ескалирачкиот трговски конфликт предизвикан од огромните увозни царини на американскиот претседател Доналд Трамп.

Фридрих Мерц, лидерот на ЦДУ, треба да стане нов германски лидер. Тој ќе го замени канцеларот во заминување Олаф Шолц.

Мерц, кој ја нарече Америка на Трамп несигурен сојузник, веќе вети дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана, додека Европа се соочува со непријателска Русија. Тој вети и поддршка за компаниите кои се борат со високите трошоци и слабата побарувачка.

Мерц претходно изјави дека ќе ја заостри миграциската политика, оддалечувајќи ја Германија од полибералните имиграциски политики што ги водеше неговата конзервативна претходничка Ангела Меркел за време на мигрантската криза во 2015 година.

Видете и ова: Германски избори: Опозицискиот блок ЦДУ/ЦСУ освои најмногу гласови, АфД постигна рекорд

Коалицискиот договор меѓу ЦДУ и СПД допрва треба да биде ратификуван со гласање на членовите на СПД.

Доколку членството на СПД го поддржи договорот, канцеларството ќе се врати во рацете на конзервативците по тригодишниот мандат на Олаф Шолц од СПД, чиј мандат беше обележан со економските и политичките последици од целосната руска инвазија на Украина во 2022 година.

Ќе помине уште некое време пред парламентот да го избере Мерц за канцелар, и тоа најверојатно ќе се случи на почетокот на мај.

Новиот коалициски сојуз ги обединува двете традиционални големи партии во модерна Германија.

Изборните резултати на Унијата во февруари беа разочарувачки, а социјалдемократите паднаа на својот најлош резултат на националните парламентарни избори по војната.

Овие партии заедно имаат 328 места во 630-члениот Долниот дом на парламентот, Бундестагот.