Претставници на САД и Русија ќе разговараат за продолжување на работата на амбасадите

Брифинг за новинарите предводен од Тами Брус во Стејт департментот во Вашингтон

Брифинг за новинарите предводен од Тами Брус во Стејт департментот во Вашингтон

На 10 април во Истанбул, Русија и Соединетите Држави ќе ги продолжат разговорите за нормализација на работата на нивните дипломатски претставништва.

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на 8 април им рече на новинарите дека делегациите од Москва и Вашингтон ќе одржат втор круг консултации фокусирани на работата на амбасадите.

Брус рече дека нема да се разговара за никакви политички или безбедносни прашања и нагласи дека војната во Украина „апсолутно нема“ да биде на дневен ред.

„Овие разговори се исклучиво фокусирани на работата на нашите амбасади, а не на нормализација на севкупните билатерални односи, што може да се случи, како што споменавме, само кога ќе има мир меѓу Русија и Украина“, рече таа.

Портпаролката на руското МНР Марија Захарова претходно информираше дека руската делегација ќе ја предводи рускиот амбасадор во САД Александар Дарчиев, а американската делегација ќе ја предводи заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Соната Култер.

Видете и ова: АНАЛИЗА: Како про-Кремљ медиумите го спинуваат дипломатскиот пресврт меѓу САД и Русија

Последен пат претставниците на Вашингтон и Москва се сретнаа во Истанбул на 27 февруари. И двете страни го опишаа првиот круг разговори, одржан зад затворени врати, како корисен.

Американската страна потоа соопшти дека на средбата биле дефинирани чекорите за нормализирање на функционирањето на дипломатските претставништва на двете земји. Руската страна соопшти дека предложила обновување на директните летови меѓу земјите.

Годините на затегнати односи доведоа до ограничувања на дипломатската работа во главните градови. Двете страни испратија многу дипломати дома откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во 2022 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп се залага за подобрување на односите откако се врати во Белата куќа во јануари.

Русија минатата недела го испрати пратеникот Кирил Дмитриев во Вашингтон на покана на пратеникот на Трамп Стив Виткоф. Дмитриев по разговорите изјави дека гледа „позитивна динамика“ во односите меѓу Москва и Вашингтон, но дека разликите остануваат и дека се потребни уште неколку средби за нивно решавање.

Тој исто така рече дека се работи на обновување на директните летови меѓу Русија и САД.