Најавена постапка поради посетата на Вучиќ на повредените во пожарот во „Пулс“

Посета на Вучиќ на повредените од пожарот во Кочани, кои се лекуваат во Србија / 17 март 2025

Посета на Вучиќ на повредените од пожарот во Кочани, кои се лекуваат во Србија / 17 март 2025

Народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ потврди за Радио Слободна Европа дека ќе биде отпочната постапка во врска со тоа кој им дозволил влез на претседателот Вучиќ и новинарите на Интензивна нега во српскиот Клинички центар.

Пашалиќ изјави дека постапката ќе отпочне на иницијатива на студентите во блокадата. Медиумите претходно ја пренесоа изјавата на Пашалиќ дека ќе се обрати до Министерството за здравство, преку кое се врши контрола над Клиничкиот и Ургентниот центар.

Студентите во блокадата вчера (7 април) го објавија своето шесто барање со кое всушност бараат смена на оние кои се одговорни за посетата на претседателот, Александар Вучиќ на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“.

Видете и ова: Шестото барање на српските студенти во блокадите е за посетата на Вучиќ на повредените македонски пациенти

По пожарот во Кочани некои од потешко повредените беа пренесени на лечење во Белград. Тие се сместени на одделението за интензивна нега на Ургентниот центар во Универзитетскиот клинички центар на Србија, каде што Вучиќ ги посети на 17 март заедно со медиумски екипи.

Вучиќ тогаш изјави дека имал прилика да ги посети пациентите кои се повредени во пожарот.

Студентите во блокадата бараат да се започне постапка за утврдување одговорност и за разрешување на директорката на Клиничкиот центар Јелена Друловиќ, директорот на Ургентниот центар Марко Ерцеговац, како и началникот на одделението за интензивна нега, Душан Мициќ.

Видете и ова: Тивко „пулсира“ истрагата за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани

„Овие лица прекршија низа хигиенски мерки кои имаат за цел да ги заштитат пациентите од различни фактори кои би можеле да доведат до сериозно загрозување на нивните животи и здравје“, се наведува во нивното соопштение.

Дел од барањето на студентите, исто така, беше адресирано до Народниот правобранител на Србија, од кого тие бараат да се спроведе постапка за контрола на работата на Ургентниот центар „во врска со повреда на правата од областа на здравствената заштита и загрозување на здравјето и животот на пациентите" на 17 март.