Уапсен директор на здравствена установа за примање поткуп

Директор на здравствената установа е уапсен пораади сомнение дека примил поткуп за да смести пациент.

Според првичните информации, станува збор за директорот на специјализирана болница за Геријатриска и палијативна медицина Скопје, Мухсин Арифи, кој наводно побарал и примил поткуп од 20.000 евра.

Од обвинителството ја потврдија оваа информација, без притоа да го откријат идентитетот.

„Во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи приведени се две лица под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание. Се постапува за целосно расчистување за настанот“, велат од ОЈО.

Случајот го потврдија и од МВР. Министерството за здравство пак, информираше дека „се залага
за што побрзо расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа“.

Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност - се додава во кусото соопштение од МЗ.

Во оваа здравствена установа се примаат возрасни пациенти, во најтешка здравствена состојба, листите на чекање се големи, а бројот на кревети ограничен.