Зеленски го поздрави „напредокот“ со европските воени лидери откако го критикуваше одговорот на САД на смртоносниот напад

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на состанок со Тиери Бурхард, началникот на францускиот воен штаб и неговиот британски колега во Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на состанок со Тиери Бурхард, началникот на францускиот воен штаб и неговиот британски колега во Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави „опипливиот напредок“ на потенцијалните мировни сили по средбата со француските и британските воени лидери, набргу откако го критикуваше Вашингтон за, како што рече, „слаб“ одговор на најновиот руски воздушен напад во кој загинаа девет деца, објави Украинскиот сервис на РСЕ, според извештаите на агенцијата Ројтерс.

„Има опиплив напредок и први детали за тоа како може да се распореди безбедносниот контингент на партнери“, рече Зеленски на социјалните мрежи на 5 април, без да даде конкретни детали.

Изјавите дојдоа откако украинскиот воен командант Олександар Сирски и министерот за одбрана Рустем Умеров се сретнаа со началникот на британскиот Генералштаб, Тони Радакин и францускиот колега, Тиери Буркхард во Киев.

Коментарите се појавија и пред пријавениот руски воздушен напад врз главниот град Киев во раните утрински часови на 6 април.

„Експлозии во главниот град. ПВО е активна“, напиша градоначалникот Виталиј Кличко на апликацијата Телеграм. Веднаш немаше достапни информации за жртви или материјална штета.

На почетокот на март, британскиот премиер Кир Стармер најави формирање на „коалиција на подготвени“ за воспоставување воена мисија во Украина, иако напредокот е бавен и многу прашања остануваат нерешени.

Видете и ова: „Коалицијата на подготвените“ - Доведување на Украина во најдобра позиција за преговори

Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, презеде водечка улога во напорите да се создаде, она што тој го нарекува „сили за убедување“ за Украина по каков било крај на војната која станува сè повеќе смртоносна по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.

„Заедно со Коалицијата на подготвените за Украина, ги продолжуваме нашите разговори за долгорочна поддршка за украинскиот народ“, напиша Макрон на X на 5 април.

Британскиот министер за одбрана Џон Хили треба да биде домаќин на министрите за одбрана на ЕУ на 10 април во Брисел за да разговараат за Украина, соопшти Министерството за одбрана во Лондон. Хили потоа ќе ја води Контакт групата за одбрана на Украина со својот германски колега следниот ден.

Претходно, Зеленски силно го критикуваше, како што го нарече „слабиот“ американски одговор на рускиот воздушен напад што погоди игралиште, при што загинаа најмалку 18 лица, од кои половината беа деца.

Москва тврдеше дека цел на нападот, доцна на 4 април -- за кој Киев рече дека вклучува употреба на касетна муниција -- бил кон воен состанок.

Фотографиите и видеата од местото на настанот, сепак, покажаа уништување на игралиште во станбена населба во градот Криви Рих, родниот град на Зеленски.

Видете и ова: Во руски напад на Криви Рих загинаа најмалку 18 лица, од кои девет деца


Амбасадорката на САД во Киев, Бриџит Бринк, во објава на социјалните мрежи рече дека е „згрозена“ од нападот, во кој исто така беа повредени најмалку 74 лица, велејќи дека „затоа оваа војна мора да заврши“.

Но, Зеленски ја критикуваше изјавата за неименување на Русија, нешто што Бринк -- која беше назначен од поранешниот претседател Џо Бајден -- редовно го правеше во изјавите пред претседателот Доналд Трамп да ја преземе функцијата.

Во објава на социјалните мрежи, тој ги наведе имињата и возраста на деветте деца кои починаа, на возраст од три до 17 години, додека го критикуваше Вашингтон за изјавата на амбасадорката Бринк.

„За жал, одговорот од Амбасадата на САД е изненадувачки разочарувачки – толку силна земја, толку силен народ, а сепак толку слаб одговор“, напиша тој, додавајќи „тие се плашат дури и да го кажат зборот 'руски' кога зборуваат за ракетата што ги уби децата“.

Видете и ова: Песков: Засега нема сигнал од европските земји за вклучување во мировните преговори за Украина

Руските напади се меѓу најсмртоносните против цивили оваа година, рекоа украинските власти, и предизвикаа нов гнев во Украина поради тоа што Москва не е посветена на завршување на војната во услови на тековни разговори предводени од САД со двете земји за постигнување примирје.

Денеска (6 април) е прогласен за ден на жалост поради трагедијата во Криви Рих, соопштија украинските власти.