Националниот ден на студентите – 4 април, во Белград беше одбележан со протест, на кој повикаа студентите кои повеќе од четири месеци ги блокираат универзитетите во Србија, барајќи одговорност за падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад кога загинаа 16 лица.
Протестот заврши со положување венци и цвеќе на спомен плочата на студентот по право, Жарко Мариновиќ, кој беше убиен за време на студентскиот протест во 1936 година во Белград.
Во тишина, неколку илјади студенти и граѓани маршираа од Правниот факултет до Новите гробишта.
На Правниот факултет насобраните демонстранти со 16-минутно молчење им оддадоа почит на загинати при падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Видете и ова: „Тур д Стразбур“- барањата на српските студенти ќе ги слушнат европските институцииПротестот започна со собир пред Институтот за патологија на Медицинскиот факултет, каде за време на студентскиот штрајк во 1936 година, беше убиен студентот Жарко Мариновиќ, кој се бореше за автономија на Универзитетот.
Дуња Цвејанов, студентка на Академијата за уметности во Белград, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека смета оти е важно „студентите да продолжат со својата борба“.
„Да му покажеме на овој систем дека нема да можат така лесно да се ослободат од нас. По речиси 100 години на исто место, ние се бориме за истите работи, поради проблемите во системот, поради нашиот режим“, додаде таа.
Студентите кои се во блокада на Филозофскиот факултет во Белград во повикот за протест напишаа дека „слободната мисла, која Универзитетот ја негува, а за која е неопходна автономија, што подразбира отсуство на репресивен државен апарат, е достигнување за кое академската заедница се бореше во минатото и кое денес бескомпромисно и солидарно го брани“.
Ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, им го честиташе 4 април на студентите и на целата академска заедница, заблагодарувајќи им се за нивните лични напори за зачувување на единството и за одбрана на достоинството на образованите млади луѓе во Србија.
„Универзитет во Белград 70 години го слави Денот на студентите и се сеќава на жртвата на еден поединец за доброто на студентската заедница“, вели Ѓокиќ во својата честитка.
Ректорот ги поддржа барањата на студентите, поради што беше мета на кампања против него од провладините таблоиди и владините функционери.
Видете и ова: „Науката (за)стана“: Протести во Белград и Нови СадМинистерката за образование, Славица Ѓукиќ Дејановиќ, го честиташе Денот на студентите, со порака дека е неопходно „што поскоро да се воспостави редовен процес на настава и работа во сите образовни институции“.
„Во овие сложени околности не смееме да заборавиме на важноста на образованието. Ви посакувам со успех да го продолжите академскиот пат, да се усовршувате и да барате нови знаења“, рече министерката.
Таа во соопштението нагласи дека е исполнето четвртото барање на студентите што се однесува на зголемување на парите во Буџетот за високото образование.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го честиташе Денот на студентите, облечен во маица на која пишува „И јас сум чаци“.
„Чаци“ е термин што студентите кои протестираат го користат за противници на студентските блокади.
Противниците на блокадите, кои себеси се нарекуваат „студенти кои сакаат да учат“, кампуваат во парк во центарот на Белград, блиску до Претседателството на Србија.
Нивното барање е да се прекинат блокадите.
Тие ги отфрлаат наводите дека биле организирани од владата, предводена од Српската напредна партија.
Видете и ова: Нападната деканката на Филозофскиот факултет во НишВучиќ рече дека ја облекол маицата со таков натпис „за да ги поддржи младите момци и девојки кои се многу похрабри од него“.
„Тие млади луѓе во Чациленд (колоквијалниот назив на кампот) не бараат ништо друго освен право на учење, никого во ништо не попречуваат, не блокираат, никого не тероризираат, единственото нешто што го бараат е нивното право да учат“, вели Вучиќ во пораката на својот Инстаграм профил.
Вучиќ пред новинарите во Софија, каде што учествува на самит за Балканот, зборуваше и за барањата на студентите кои блокираат.
Тој рече дека студентите кои се во блокада во следните неколку дена ќе објават дека нивното ново барање е формирање преодна влада и повторно спомена „обоената револуција“, за што не изнесе ниеден доказ.
„Нивното суштинско барање е промена на власта и обоена револуција, во согласност со странските наредби. А тоа ќе им биде јасно на сите во следните неколку дена. Но, нема да има привремена влада. Како што сега стојат работите, ќе се формира влада во согласност со Уставот и законските рокови и ќе ја спасиме Србија“, рече Вучиќ.
Тој оцени дека што и да направат надлежните во однос на исполнувањето на студентските барања, нема да биде доволно бидејќи тврди дека преодна влада е „суштински услов“.
Студентите во блокада, досега не се огласија со такво барање.
Видете и ова: Вучевиќ: Името на новиот мандатар ќе биде познат во следните 24 до 36 часаОбјавувањето на комплетната документација за реконструкцијата на зградата на железничката станица во Нови Сад е клучното барање што студентите го поставија пред институциите на Србија.
До судските органи беа упатени уште две барања на студентите: санкционирање на напаѓачите на учесниците на протестите, како и прекин на кривичната постапка против демонстрантите кои беа уапсени од полицијата.
Се бара и доделените пари за високото образование да се зголемат за 20 проценти.
Надлежните тврдат дека се исполнети сите барања на студентите, ги повикуваат да ги отворат факултетите, а академиците велат дека не се исполнети и дека продолжуваат со блокадите.