Ибрахимовиќ: Рубио за годинава најави посета на Западен Балкан

Рубио на пристигнувањето во Брисел за состанокот на НАТО, 3 април 2025 г.

Рубио на пристигнувањето во Брисел за состанокот на НАТО, 3 април 2025 г.

Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Марко Рубио, најави посета на Западен Балкан во текот на оваа година, соопшти министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.

Тој се сретна со Рубио на првиот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.

„Краткиот, но значаен разговор за актуелни билатерални и регионални прашања, што го имав со американскиот државен секретар Марко Рубио, ќе го продолжиме во Подгорица за време на неговата посета на Црна Гора и регионот, која ми ја најави за оваа година“, објави Ибрахимовиќ на социјалната мрежа Икс.

Видете и ова: Рубио: САД остануваат посветени на НАТО, повик за зголемување на одбранбените трошоци

Црногорскиот министер истакна дека размениле мислења за билатерални и регионални теми и ја истакнале важноста од континуиран дијалог и партнерство меѓу Црна Гора и САД, особено во контекст на заедничките безбедносни предизвици.

„Тие се согласија дека посетата (на Рубио) ќе претставува дополнителна можност за подобрување на билатералната соработка и потврдување на силните сојузнички односи меѓу двете земји“, се наведува и во соопштението на црногорското МНР.

Дека имал краток разговор со Рубио на маргините на состанокот на НАТО, вчера објави и министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски.

„Разменивме мислења за актуелни прашања од заеднички интерес, како и за соработката на билатерално ниво и во рамки на НАТО Алијансата. Се согласивме за важноста од натамошно интензивирање на политичкиот дијалог на високо ниво. Следуваат многу заеднички иницијативи“, соопшти Муцунски на социјалните мрежи.

Видете и ова: Муцунски се сретна со Рубио во Брисел, најавени нови иницијативи за соработка

Во Брисел се одржува дводневен состанок на министрите за надворешни работи на НАТО на кој меѓу другото ќе се одлучува дали членките ќе ги зголемат трошоците за одбрана од сегашните минимум два отсто од БДП.

Администрацијата на Трамп претходно ја промовираше идејата да се одвојуваат пет проценти од националните буџети, додека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, бараше секоја земја членка да се обврзе да потроши најмалку 3,7 проценти од БДП за одбраната што е можно поскоро.