ООН: Сè поголем ризик од злосторства против човештвото во Појасот Газа

Појас Газа

Појас Газа

Високиот комесар на ООН за човекови права Волкер Турк предупреди дека постои сè поголем ризик од злосторства против човештвото во Појасот Газа, поради ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Палестинците.

На итен состанок на Советот за човекови права во Женева, Турк изјави дека „краткотрајното олеснување што го донесе примирјето е уништено, а Палестинците повторно се изложени на жестоки напади“.

Според податоците на Министерството за здравство во Газа, од 1 март израелските воени операции усмртиле повеќе од 1200 Палестинци, од кои најмалку 320 биле деца, се наведува во соопштението на ООН.

Видете и ова: Израел ги проширува копнените операции во Газа „за да го уништи“ Хамас

Турк изрази шокираност од убиствата на медицински и хуманитарни работници и побара итна, независна истрага. Тој нагласи дека во Газа не постојат безбедни места, бидејќи повеќе од половина од територијата е под задолжителна евакуација или е прогласена за забранета зона.

Истовремено, комесарот на ООН изрази загриженост за судбината на израелските заложници кои сè уште се во Газа и потсети дека Израел веќе еден месец има целосна блокада на хуманитарната помош, што го оцени како „колективна казна и потенцијална употреба на глад како воено средство“.

Тој предупреди и на зголемената агресивна реторика на израелските власти за анексија и поделба на териториите, што е спротивно на меѓународното право.