Почнува предизборната кампања во Романија, за претседателската функција се борат 11 кандидати

илустрација

илустрација

Во Романија денеска (4 април) официјално започна претседателската изборна кампања, а 11 кандидати ќе се натпреваруваат за функцијата шеф на државата. Кампањата се одвива во сенка на неодамнешната дисквалификација на кандидатот Калин Ѓоргеску, кој првично важеше за фаворит.

Актуелниот претседател Клаус Јоханис, кој во моментов нема уставно право за уште еден мандат, ги повика граѓаните да учествуваат во демократскиот процес и да изберат кандидат кој ќе ја одржи стабилноста на земјата.

Политичките аналитичари очекуваат неизвесна трка, бидејќи дел од гласачите на дисквалификуваниот Ѓоргеску сè уште не одлучиле кого ќе поддржат.

Изборите се закажани за 4 мај, а евентуален втор круг би се одржал на 18 мај.

За функцијата ќе се борат 11 кандидати, меѓу кои четворица независни и седум кандидати, поддржани од партии и коалиции. Изборите ќе се одржат по вторпат, откако на крајот на минатата година Уставниот суд на земјата го поништи првиот круг одржан во ноември и нареди изборниот процес да започне одново.

Видете и ова: Одбиена е претседателската кандидатура на прорускиот кандидат во Романија

На претходните избори, пред вториот круг, закажан за 8 декември минатата година, се појавија сомнежи дека кандидатот Ѓоргеску, кој се пласираше на прво место, се користел со недекларирано финансирање и масовна онлајн кампања, зад која можеби стои Русија. Москва ги отфрли овие обвинувања. Врз основа на извештаи од разузнавањето, Уставниот суд на 6 декември го поништи резултатот од првиот круг и одлучи целиот процес да започне од почеток.

На неколку кандидати, меѓу кои Ѓоргеску, не им е дозволено учество во повторените избори оваа година. Меѓу нив е и крајно десничарската европратеничка Дијана Шошоака, на која ѝ беше забрането учество и минатата година поради ставови што го загрозуваат членството на земјата во ЕУ и НАТО.

Видете и ова: Романскиот екстремно десничарски кандидат одобрен за претседателските избори

За првпат во посткомунистичката историја на земјата, најголемата партија-Социјалдемократската (СДП), нема да има свој кандидат на изборите. Премиерот Марчел Чолаку-единствениот досегашен кандидат на СДП што не успеа да стигне до вториот круг, одби повторно да се вклучи во трката. Владејачката коалиција на СДП, Национално-либералната партија (НЛП) и Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија (ДСУР) се определи за заеднички кандидат-поранешниот лидер на либералите Крин Антонеску.

Сепак, на гласачките ливчиња ќе се појави името на еден поранешен лидер на СДП-Виктор Понта, кој се враќа во трката за претседателската палата Котрочени по 10 години, овој пат како независен кандидат.

Елена Ласкони, претседателка на опозициската реформаторска партија „Сојуз за спас на Романија“ (ССР), која беше еден од финалистите на минатогодишните избори, ќе се натпреварува „во истиот коридор“ со градоначалникот на Букурешт Никушор Дан, кој ја основаше оваа партија, но подоцна ја напушти и сега влегува во трката како независен, посочува телевизијата Диџи 24.

Суверенистичките партии-Алијансата за обединување на Романците (АУР) и Партијата на младите луѓе (ПОТ), одлучија лидерката на ПОТ Анамарија Гаврила да се повлече од трката за да не ги дели гласовите, додека лидерот на АУР Џорџе Симион остана нивни заеднички кандидат.

Големото прашање на новите претседателски избори е кој од кандидатите ќе успее да ги привлече симпатизерите на Калин Ѓоргеску, кои според анкетите на јавното мислење од последните месеци се близу 40 проценти.