Американскиот државен секретар Марко Рубио на 3 април рече дека администрацијата на Трамп е посветена на останување во НАТО и ги повика 32-те членки на воената алијанса да се заложат за зголемување на трошоците за зајакнување на нивните одбранбени способности.
По пристигнувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, Рубио рече дека САД се „активни како што некогаш биле“ во алијансата, додека се обидува да ја смири загриженоста на сојузниците дека Трамп ги поткопува трансатлантските односи.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека го поддржува НАТО. Ќе останеме во НАТО“, рече Рубио пред средбата.
„Сакаме да заминеме одовде со разбирање дека сме на пат, реален пат, секоја земја-членка да се обврзе и да го исполни ветувањето дека ќе достигне пет проценти од потрошувачката. Тоа ги вклучува и САД“, рече тој.
Пред состанокот, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, исто така, се обиде да ја намали загриженоста за посветеноста на Трамп кон алијансата, велејќи дека според него, посветеноста на САД кон НАТО е „апсолутно јасна“.
„Знам дека има остри зборови. Знам дека има сојузници, на пример, од оваа страна на океанот кои се загрижени за долгорочната посветеност на САД кон НАТО“, рече Руте во средата.
Видете и ова: Состанок на НАТО во Брисел - Разговори за напорите за прекин на огнот во Украина„Апсолутно сум убеден дека оваа алијанса е тука да остане со САД. Нивната посветеност е апсолутно јасна“, додаде тој.
Сојузниците на НАТО се решени да претстават обединет фронт против руската инвазија на Украина, но европските сојузници чувствуваат дека нивните напори се маргинализирани.
Барајќи брз договор за прекин на огнот, Вашингтон сугерираше дека Украина можеби ќе треба да направи територијални отстапки и да преземе чекори за повторно започнување на дијалогот со Русија.
Се очекува Рубио да се соочи со прашања од сојузниците кои се вознемирени, лути и збунети од потезите на администрацијата на Трамп да ги поправи односите со Русија, како и нејзините вербални напади врз долгогодишните трансатлантски партнери.
Врз основа на она што го виделе и слушнале откако Трамп ја презеде функцијата во јануари, европските претставници изразија длабока загриженост за идната улога на САД во алијансата.
Рубио, исто така, веројатно ќе биде принуден да ја објасни желбата на Трамп да ја направи Канада 51-ва држава и неговиот притисок да го анектира Гренланд, кој е автономен во рамките на Данска, уште еден сојузник на НАТО.
Лидерите на НАТО се очекува да одлучат во јуни дали да ги зголемат трошоците за одбрана за секоја членка од сегашниот минимум од два отсто од бруто домашниот производ (БДП).
Администрацијата на Трамп претходно ја промовираше идејата за минимално трошење од пет проценти од БДП, додека Руте повика секој сојузник да се обврзе да потроши најмалку 3,7 проценти од БДП за одбрана што е можно поскоро.
Видете и ова: На самитот на министрите за надворешни работи на НАТО вниманието ќе биде насочено кон РубиоНекои европски сојузници нема да бидат подготвени да трошат премногу брзо за одбрана со оглед на проблемите со нискиот раст и зголемените дефицити.
Најавата на Трамп за царини за речиси секоја земја ширум светот - што еврокомесарот за трговија Марош Шефчовиќ ги нарече „неоправдани“ - ги зголеми стравувањата дека економскиот раст би можел уште повеќе да забави.
На состанокот на НАТО ќе присуствува и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој се очекува да даде ажурирање за ситуацијата на бојното поле во војната против Русија.
Иако членството на Украина во НАТО засега не е на маса, повеќето европски сојузници сакаат барем да добијат гаранции дека американското оружје ќе продолжи да оди во Украина и дека мисијата на НАТО за обука на украински војници ќе продолжи да функционира.
Сепак, САД повеќе не претседаваат со Контакт групата за одбрана на Украина, позната како Рамштајн група, која ја координира воената поддршка за Киев.
Обединетото Кралство претседаваше со последниот состанок на групата во февруари, а наредниот, кој е привремено закажан за 11 април, би можеле да биде копретседаваат ОК и Франција.