Мицкоски и Филипче договориле работни групи за реформи во неколку области

Илустративна фотографија - премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицијата Венко Филипче.

Илустративна фотографија - премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицијата Венко Филипче.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја оцени како конструктивна денешната средба со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека ова е позитивен сигнал дека политичките лидери ги слушаат барањата на граѓаните.

Филипче и Мицкоски се договориле да формираат работни групи за реформите во правосудството, енергетиката и здравството, со учество на експерти од овие области. Следната средба сè уште не е закажана, а беше кажано дека се очекува и другите партии да се вклучат во процесот.

„Имавме добар и навистина конструктивен состанок со премиерот. Сметам дека и до него јасно е стигната пораката и барањето на граѓаните за некаква форма на заедничка работа во сфери кои што се битни да го подобрат квалитетот на живеење. Начелно договоривме дека ќе работиме на начинот да формираме заеднички тела или работни групи во делот, пред се, на спроведување на реформската агенда“, рече Филипче.

Според него, првичните закони кои треба да стигнат во Собранието се од правосудството како нешто што ги тангира сите граѓани, а потоа и од областа на енергетиката и од здравството.

Видете и ова: Мицкоски по повикот на Филипче: На располагање сум во секое време за средба

Премиерот Мицкоски на социјалните мрежи кусо напиша дека се разговара за актуелните случувања, нагласувајќи дека „одговорност, мудрост и чесност ѝ се повеќе од потребни на Македонија.“

На средбата се разговарало и за евроинтеграциите и уставните измени, каде двете страни имаат различни ставови.

Филипче истакна дека состанокот не бил етнички, туку фокусиран на суштински реформи за подобрување на квалитетот на живот во земјата.

Во однос на случајот со Модуларната болница, Филипче изјави дека не чувствува одговорност, но нема проблем истрагата да биде повторно отворена.