Османи предложи Косово и Британија да склучат договори за одбрана и економија

Косовската претседателка Вјоса Османи денеска (2 април) му предложи на британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами да склучи договори за одбрана и економија меѓу двете земји.

Лами е во официјална посета на Косово, како дел од турнејата низ Западен Балкан, чија цел, како што соопшти Владата на Обединетото Кралство, има за цел зајакнување на соработката во борбата против нерегуларната имиграција и организираниот криминал.

На заедничката прес-конференција со Лами, Османи рече дека со шефот на британската дипломатија разговарала за „стратешкото продлабочување на соработката“ меѓу Косово и Обединетото Кралство, што, според неа, „особено ќе ги опфати областа на одбраната и економијата“.

Таа истакна дека имала „долг“ разговор со Лами, кој ја поздравил идејата за зајакнување на соработката. Османи рече дека косовските власти се посветени на соработка со Британците на обликување на договорот, така што тој треба да биде потпишан што е можно поскоро. Османи повика и на поактивно присуство на Обединетото Кралство на Косово.

Лами рече дека Балканот е регион кој е важен за Британија денес, како што беше и за време на мандатот на тогашниот премиер Тони Блер. Тој додаде дека Британија „ќе продолжи да ја игра улогата на клучен пријател и партнер“ на Косово.

Шефот на британската дипломатија рече дека неговата земја сака „стабилна и мирна нормализација“ меѓу Косово и Србија и ги повика косовските власти да се вклучат со целосна енергија во дијалогот со Србија со посредство на Европската Унија.

Османи рече дека „Косово останува конструктивна страна, посветена на мирот и стабилноста и покрај тоа што постојано се соочуваме со опструкции и провокации од Србија, вклучително и повторени напади кои почнаа пред неколку години и продолжуваат сега, за што сакам повторно да нагласам дека е императив да има одговорност и Србија да ги изведе одговорните пред лицето на правдата“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Од Косово до Украина: Може ли мисија како КФОР да помогне?

Лами рече дека Британија дава важен придонес во мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР), што, според него, е „апсолутно клучно“ за безбедноста на Косово.

Британскиот дипломат во вторникот вечерта во Приштина беше примен од вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти и министрите од неговата влада. Курти со Лами разговарал, меѓу другото, за актуелната состојба во регионот и геополитиката во Европа, како и за безбедносните прашања, соопштија од кабинетот на премиерот.

Вршителот на должноста шеф на косовската извршна власт „го истакна фактот дека сè уште нема правда и одговорност за терористичкиот напад во Бањска, додека Милан Радоичиќ оди слободно и заштитен од српскиот државен апарат“, се вели во соопштението на премиерот.

Видете и ова: Прават ли Албанија, Хрватска и Косово воен сојуз?

Во септември минатата година, Специјалното обвинителство на Косово покрена обвинение против 45 лица, меѓу кои и Милан Радоичиќ, за вооружен напад врз косовската полиција во Бањска на 24 септември 2023 година, кога беше убиен наредникот Африм Буњаку.

Властите во Србија одбиваат да го екстрадираат Радоичиќ на Косово и велат дека ќе му судат „српски судови“, додека властите во Косово велат дека му понудиле заштита. Курти додаде дека Радоичиќ „треба да биде екстрадиран на Косово каде што ќе му се суди праведно за неговите постапки“.

Обединетото Кралство оваа есен ќе биде домаќин на состанокот на лидерите од Западен Балкан во Лондон во рамки на самитот во Берлинскиот процес, кој, меѓу другото, има за цел да ја поддржи стабилноста, безбедноста и економската соработка меѓу земјите од регионот.