Се забранува користење на пиротехника во затворен простор

Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17.03.2025

Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17.03.2025

Пиротехнички сретства во затворени простории нема да смее да се користат. Вакви законски измени донесе Собранието денеска кое го изгласаа 87 пратеници, иницирани од трагедијата во Кочани каде загинаа 59 луѓе, а повеќе од 200 беа повредени. Измените на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир беа предложени од ВМРО-ДПМНЕ и донесени по скратена постапка.

„Констатиравме многу пропусти кои треба да се надминат за да нема импровизации кои ќе резултираат со вакви хаварии и несреќи“, рече пратеникот Тони Јаревски.

Со измените на законот, двојно се зголемени казните за непочитувачите на законот. Доколку прекршокот се повтори, се предвидува и затворска казна.

Инаку вкупниот број на осомничени за пожарот во Кочани досега е 34 лица. Со истрагата се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.

Тимот од јавни обвинители кој работи на случајот, како што информира претходно, работи на активности кои вклучуваат распит на повеќе од 300 сведоци, како и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области.

Јавните обвинители од тимот кој ја води предистражната постапка за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој животот го загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени, континуирано преземаат повеќе истражни дејствија за обезбедување докази, а такви дејствија, кои вклучуваат распити, анализи и вештачења од голем обем и во однос на повеќе различни институции се во тек и денеска, информираат од прес-службата на ЈОРСМ.

Меѓутоа, за да се зачува тајност на постапката и да се спречи компромитирање на доказите, од Обвинителството посочуваат дека не е во можност во моментов да открива повеќе детали за активностите.

Видете и ова: (Не)редовни вежби за евакуација во училишта и градинки



Во однос на барањата на опозициската СДСМ да се формира Анкетна комисија за трагдедијата во Кочани, и на барањето на ДУИ во истрагата да се вклучат и странци, премиерот Христијан Мицкоски, завчера рече дека „не бегаат од никаква Анкетна комисија, но би сакале да ја прошират и за останатите случаи освен за Кочани.

„Јас апсолутно не бегам од никаква Анкетна комисија, претпоставувам ниту пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата нема да бега, но би сакал да ја прошириме со сите овие останати судски случаи кои завршија на начин на кој завршија. Така што, подготвени сме да разговараме, да дебатираме со секој оној којшто може да помогне или да додаде вредност, изјави премиерот Хрстијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање по посетата на Ново Село.

Според премиерот, СДСМ и ДУИ не биле задоволни од истрагата за Кочани, но како што рече би ги прашал дали биле задоволни од истрагата за модуларната болница во Тетово, дали беа задоволно од истрагата за Ласкарци, дали беа задоволни од истрагата за Беса транс, за Трговскиот центар „Соравија“ во Скопје и уште многу други истраги кои изминатиот период беа познати во јавноста.

Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, денеска на прес-конференција во Собранието рече дека би поддржале предлог за таква Анкетна комисија, како и дека „оставаат шанса на институциите за професионална и неселективна истрага за трагегијата во Кочани, потоа ќе излеземе со нашите идни дејствија“.

Видете и ова: Навалица на институциите за обезбедување на противпожарна опрема


„Оставаме шанса на институциите. Истрагата е во тек и затоа нашиот став е дека треба професионално, неселективно да се заврши целата истрага. Да не опструираме во текот на истрагата. По завршување на истрагата како СДСМ ќе излеземе со став за нашите идни дејствија. Во моментот кога ќе заврши истрагата зависно од резултатите од истрагата, рече Тренчевска одговарајќи на прашањето дали СДСМ ќе ја поддржат идејата на ДУИ за формирање на собраниска Анкетна комисија за неселективна правда за случајот во Кочани.

Од ДУИ, денеска повторно побараа независна истрага за „Пулс“, надвор од рацете на оние што, како што велат, ја овозможиле трагедијата.

„Јасно е дека на Власта не ѝ е потребна правда, туку алиби. Тоа не смее да се премолчи и затоа јавно бараме: Итна суспензија на целата командна структура по вертикала во МВР и Бирото за јавна безбедност, кои знаеле за проблемите со ПУЛС, а не реагирале“, изјави Арта Билали Зендели од ДУИ.