Нападите кон Сојузот на синдикатите на Македонија нема да го запрат синдикатот во барањата за повисоки плати и подобрување на животниот стандард на работниците - порача денеска (1 април) претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов во пресрет на утрешниот протест во Скопје.
Тој денеска потсети дека Советот, претседателството и надзорниот одбор на ССМ утре со почеток во 12:05 часот ќе одржат јавна седница пред Собранието, Стопанската Комора и Владата.
„Со нечовечкиот однос кон синдикалните претставници не само што е повреден Уставот и законите во Македонија, туку има повреда и на меѓународните конвенции на трудот и за тоа веќе се известени Меѓународната организација на трудот, Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати кои даваат целосна поддршка на ССМ“, истакна Трендафилов.
Тој ги повика функционерите да ги симнат, како што рече, „розовите наочари со кои гледаат во нивните скапи и луксузни кабинети“.
Според првиот човек на Сојузот, синдикалците се загрижени за состојбата во која 250.000 работници примаат плата до 32.000 денари, а 380.000 работници примаат плата под просечната плата во земјата.
Синдикална јавна седница против одлуката за поголем минималец
Појасни дека јавната седница е против одлуката на Владата да ја зголеми минималната плата за само 1.800 денари, што синдикатот го смета за незаконско и недоволно.
Видете и ова: Барањето за поголема плата ќе извади дел од администрацијата на протестССМ бара минималната плата да изнесува 30.000 денари, наместо предложените 24.300.
„На 2 април во 12:05 часот, Сојуз на Синдикати на Македонија (ССМ) излегува на улица, онака како што ветивме пред еден месец, затоа што 12 часот помина тогаш, кога Владата одлучи еднострано да утврдува износ на минимална плата на штета на работниците во Македонија, не прифаќајќи ги нивните предлози за утврдување на висината на износот на минималната плата“, порача Трендафилов.
Утрешната Јавна седница од пред ССМ ќе продолжи пред Парламентот, каде што синдикатот ќе порача дека не може да има подобрување на платите за пратениците без подобрување на платите за работниците. Пред Стопанската комора, ССМ ќе истакне дека поддршката на работниците е од суштинско значење за стабилноста на економијата. Завршниот дел од протестот ќе биде пред Владата, каде што синдикатот ќе побара и работниците да се вклучат во одлуките за нивните плати.
Манасиевски: Демаскирани се синдикалците на батерии
Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека луѓето од раководството на Сојузот на синдикати „дебело профитираат“ и ги нарекоа „синдикалци на батерии“.
„Дали Иван Пешевски е гласен синдикалец затоа што зема 80.000 денари плати? Според информациите, кои до нас ги доставија свиркачи од ССМ, на кои им е преку глава од злоупотребите на Трендафилов и Пешевски, овие двајца дебело профитираат. Имено, според информациите кои ги добивме, платата на Пешевски, кој деновиве глуми загрижен синдикалец е трипати поголема од минималната“ , рече на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој во 2024 и првите два месеци од 2025 година остварил и приходи по други основи со договори на дело и заедно со плата инкасирал 1.3 милиони денари. Демаскирани се синдикалците на батерии Слободан Трендафилов и Иван Пешевски. Нивните игри се прочитани и никој не им верува“, порача Манасиевски на денешната прес конференција.
Првиот човек на ССМ пак, Трендафилов денеска изјави дека битката со поединци од ВМРО-ДПМНЕ е да нема зголемување на платите и како што истакна, да ги држат во заложништво и сиромаштија работниците.
Видете и ова: ССМ најави протести на 2 априлТој обвини и за упади во синдикалните организации и за притисоци кон работниците да преминат во друг синдикат.
Тренчевска: Животниот стандард на граѓаните е на дното
Зголемување на минималната плата денеска на прес конференција побара и пратеничката Јована Тренчевска од редовите на СДСМ.
„На денешната собраниска седница е Законот за ослободување од плаќање придонеси за зголемени плати поднесен од СДСМ. Со оваа мерка платите може да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари, Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси за зголемениот дел, 400.000 работници со плата до 65.380 денари ќе добијат повисоки примања“, изјави Тренчевска.
Таа реагираше и дека две минимална плати не се доволни за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство потсетувајќи дека потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари, и за 100 евра е зголемена во споредба со лани.