Мелони: Пресудата на Ле Пен оневозможува претставување на милиони граѓани

Италијанската премиерка Џорџа Мелони

Италијанската премиерка Џорџа Мелони

Италијанската премиерка Џорџа Мелони го изрази своето незадоволство поради привремената забрана за вршење на јавна функција со која се соочува екстремно десничарската француска политичарка Марин Ле Пен која вчера (31 март) беше осудена за проневера.

Мелони за италијанскиот весник „Il Messaggero“ изјави дека не знаела ниту за обвинувањата против Ле Пен, ниту за причините за како што вели „толку острата одлука“.

„Не верувам дека секој што ја цени демократијата може да биде задоволен од пресудата што влијае на лидерот на голема партија и им оневозможува на милиони граѓани нивно претставување“, изјави Мелони.

Националистичката политичарка Ле Пен во понеделникот (31 март) беше прогласена за виновна за проневера на јавни средства. Дел од казната е петгодишна забрана за вршење јавна функција.

Видете и ова: Францускиот суд ја осуди Марин Ле Пен и ѝ забрани да се кандидира за јавна функција

Пресудата најверојатно ги уништува плановите на Ле Пен да се натпреварува на претседателските избори во 2027 година, бидејќи долгиот правен процес веројатно нема да заврши пред гласањето.

Ле Пен ја осуди пресудата, која се фокусира на злоупотребата на средствата од Европската Унија од страна на нејзината партија, како „политичка“ и планира да поднесе жалба.

Судијата ја осуди француската политичарка и на четиригодишна затворска казна, од кои две се во домашен притвор, а две се условни и на парична казна од 100.000 евра.

Речиси е сигурно дека пресудата ќе биде обжалена, а нема да се изрекуваат ниту затворска ниту парична казна додека не заврши жалбениот процес. Тој процес во Франција може да трае со месеци, па дури и со години.