Кина одржува голема воена вежба околу Тајван

илустрација

илустрација

Кинеската војска денеска (1 април) соопшти дека започнала воена вежба во која учествуваат различни родови на војската околу Тајван, „за да послужат како остро предупредување и моќно одвраќање за тајванската независност“ и го нарече тајванскиот претседател Вилијам Лаи „паразит“.

Кина, која го смета Тајван за своја провинција, го зголемува политичкиот и воениот притисок врз островот во последниве години.

„Фокусот на вежбите е на практикување борбено патролирање на море и во воздух, воспоставување сеопфатна контрола, удар на морски и копнени цели и наметнување блокада на стратешките области и рути“, напиша Источната команда на кинеската армија на својот официјален профил на WeChat.

Тајванската војска соопшти дека внимателно ги следи вежбите, во кои учествуваше и кинескиот носач на авиони „Шандун“.

Овие вежби се одржуваат само две недели по големите маневри во средината на март кога Пекинг испрати голем број беспилотни летала и бродови на островот.

Видете и ова: Кина започна нови вежби во близина на Тајван, за САД потегот е неоправдан

Кинеската канцеларија за прашања на Тајван објави дека вежбите биле насочени кон тајванскиот претседател Лаи Чинг-те.

„Лаи Чинг-те тврдоглаво инсистира на ставот за „независност на Тајван“, дрско нарекувајќи ја континенталната Кина „непријателска странска сила“ и ја претстави таканаречената „стратегија од 17 точки“ за да го поттикне антикинеското расположение“, соопшти кинеската канцеларија за прашања на Тајван.

„Нема да го толерираме или одобриме на кој било начин и мора одлучно да се спротивставиме и строго да ги казниме ваквите постапки“, додаваат од Канцеларијата.

Во средината на март, Лаи претстави стратегија од 17 точки чија цел е зајакнување на националната безбедност на Тајван.

Видете и ова: Кина ги предупреди САД да ја прекинат воената соработка со Тајван

Меѓу точките се дозволувањето случаи на шпионажа да се судат во воени судови, заострување на регулативите за имиграција за кинеските државјани кои бараат постојан престој.

Пекинг испраќа воени авиони и морнарички бродови кон Тајван на речиси секојдневна основа во обид да ја намали одбраната и моралот на Тајван, иако повеќето од 23-те милиони жители на Тајван го отфрлаат кинеското барање за суверенитет над островот.

Кина го зголеми опсегот на овие вежби во последниве години, од испраќање само борбени авиони до испраќање групи авиони, беспилотни летала и бродови.