Шест пациенти од пожарот во Кочани се враќаат од странски болници

Северна Македонија - запалената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17 март 2025 година.

Северна Македонија - запалената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17 март 2025 година.

Шест пациенти денеска се враќаат од странство, пет од Србија (тројца од КБЦ Ниш и двајца од ВМА Белград) и еден од Италија, соопшти Министерството за здравство. Тие ќе бидат примени во здравствени установи од кои биле испратени и согласно повредите.

Во однос на останатите пациенти во странство, кај дел има подобрување, а неколкумина се уште се интубирани и во потешка здравствена состојба.

Пациентите беа повредени во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, при што загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени. Повеќе од половина од повредените беа испратени на лекување во странски медицински центри.

Видете и ова: Двајца пациенти се враќаат од Литванија и Шведска, четворица се во критична состојба

Во здравствените установи во државава остануваат 16 пациенти во добра општа состојба - по шест во Св.Наум Охридски и ГОБ 8 Септември и четири во приватните болници.

„И понатаму внимателно ја следиме состојбата на повредените пациенти и остануваме во постојана комуникација со медицинските тимови во земјата и странство, посветени на обезбедување најдобра можна нега за повредените од несреќата во Кочани“, соопштија од Министерството за здравство.

Трагедијата во Кочани предизвика низа протестни собири на граѓаните во Северна Македонија кои бараат правда и одговорност за пожарот во дискотеката.