Судот во Париз ја прогласи екстремно десничарската француска политичарка Марин Ле Пен за виновна за злоупотреба на фондови на Европската унија ѝ и забрани пет години да се кандидира за јавна функција, јави Ројтерс.
Забраната за кандидирање стапува на сила веднаш, објави судијата на 31 март, откако Ле Пен и осум членови на нејзината партија „Национален собир“ беа прогласени за виновни за проневера на јавни пари.
Судијата ја осуди француската политичарка и на четиригодишна затворска казна, од кои две се во домашен притвор, а две се условни и на парична казна од 100.000 евра.
Речиси е сигурно дека пресудата ќе биде обжалена, а нема да се изрекуваат ниту затворска ниту парична казна додека не се исцрпи жалбениот процес. Тој процес во Франција може да трае со месеци, па дури и со години.
Но, нејзината петгодишна забрана да се кандидира за јавна функција стапува на сила веднаш, преку таканаречената мерка „привремено извршување“ што ја бараат обвинителите, а ќе биде укината само ако жалбата биде усвоена пред изборите, пренесува Ројтерс.
Сепак, Ле Пен ќе задржи пратеничкото место до крајот на мандатот.
Ле Пен веднаш не ја коментираше одлуката на судот.
Нејзината десна рака, Џордан Бардела, претседател на „Национален собир“, рече: „Денес не е само Марин Ле Пен која е неправедно осудена: француската демократија е убиена“.
Одлуката на судот е неуспех за Ле Пен, која во моментов, според анкетите на јавното мислење, е фаворит за следните претседателски избори во Франција.
Според судот, Ле Пен е виновна за проневера на 474.000 евра, поради фиктивно вработување на четворица помошници од нејзината партија во Европскиот парламент.
Ле Пен и 24 членови на нејзината политичка партија „Национален собир“ беа обвинети дека ги пренасочиле парите на Европскиот парламент за да ги платат партиските вработени.
Како што пренесуваат весниците „Монд“ и „Фигаро“, судот проценил дека вкупната штета изнесува 2,9 милиони евра, бидејќи претставниците на нејзината партија „вработувале во Европскиот парламент луѓе кои реално работеле за Национален собир“.
Ле Пен ја напушти судницата пред изрекувањето на пресудата. Се очекува таа да поднесе жалба на пресудата.
Ле Пен претходно најави дека 2027 година ќе биде нејзино последно учество на претседателските избори и дека ќе го задржи своето место во парламентот до крајот на мандатот.
Пристигнувајќи во судот во понеделникот, на 31 март, таа не сакаше да разговара со новинарите, а претходно ги обвини обвинителите дека бараат нејзина „политичка смрт“.
Обвинетите тврдеа дека парите на Европскиот парламент биле користени легитимно, но судијата Бенедикт де Пертуис во пресудата навел дека „сите овие луѓе всушност работеле за партијата и дека законодавецот на ЕУ не им дал никакви задачи“.