Во Литванија пронајдено возило со четворица исчезнати американски војници

Литванија - потрага и извлекување на полигонот во Литванија каде исчезнаа четворица американски војници за време на вежба на НАТО.

Литванија - потрага и извлекување на полигонот во Литванија каде исчезнаа четворица американски војници за време на вежба на НАТО.

Спасувачките екипи извлекле потонато воено возило во Литванија, во кое се превезувале четворица американски војници кои се водат како исчезнати, јави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Оклопното возило М88 Херкулес беше пронајдено на 31 март, потопено во мочуриште, шест дена откако беше почната спасувачка операција на воениот полигон Пабрада, во близина на границата на Литванија со Белорусија.

Видете и ова: Литванскиот претседател „се надева на чудо“ додека потрагата по американски војници продолжува

Литванскиот министер за одбрана, Давиле Сакалиен, изјави дека допрва треба да се утврди што се случило со четворицата војници.

„Не можеме да зборуваме за тоа во овој момент, бидејќи, прво, сè уште нема информации, а дури и кога ќе добиеме информации, постои строг договор дека Американците први ќе излезат со каква било објава“, изјави Сакалиен за литванското државно радио на 31 март.

Литванија, членка на НАТО и на Европската унија (ЕУ), е домаќин на повеќе од 1.000 американски војници стационирани во неа на ротациона основа.

Американската армија за Европа и Африка претходно соопшти дека четворицата војници „вршеле планирана тактичка обука“ кога исчезнале на 25 март.

Во првите часови од операцијата за спасување, се појавија неколку спротивставени тврдења, вклучително и коментарите на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека четворица американски војници се мртви. Портпаролката на НАТО подоцна ги отфрли тие коментари.