Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Русија со нови царини за нафтените деривати доколку ги блокира неговите иницијативи за ставање крај на војната во Украина, посочувајќи и дека украинскиот лидер Володимир Зеленски се соочува со „големи проблеми“ доколку не го потпише клучниот договор за минералите со Вашингтон.
„Се договоривме и сега тој вели дека сака повторно да преговара за договорот. Тој сака да биде членка на НАТО, но тоа никогаш нема да се случи. Тој го разбира тоа“, им рече Трамп на новинарите на 30 март, мислејќи на украинскиот претседател Зеленски.
Украинската влада на 28 февруари соопшти дека сè уште го разгледува нацрт-договорот за минерални суровини на САД. Украинската министерка за економија Јулија Свириденко тогаш изјави дека Киев го формира својот став, но дека претставниците ќе го изнесат само кога ќе се постигне консензус.
Украина има значителни наоѓалишта на минерали, високо ценети поради нивната употреба во одбранбените технологии, како и во компјутери, паметни телефони и батерии.
Видете и ова: „Коалицијата на подготвените“ - Доведување на Украина во најдобра позиција за преговориМинатиот месец Украина и САД постигнаа сеопфатен договор за развој на виталните минерални ресурси на Украина.
Договорот беше дел од напорите на Трамп да стави крај на војната и да врати некои од десетиците милијарди долари што САД ѝ ги дадоа на Украина во финансиска и воена помош од почетокот на руската инвазија во 2022 година.
По средбата меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа на 28 февруари, обидите за финализирање на договорот пропаднаа.
Во меѓувреме, Трамп на 30 март рече дека ќе воведе секундарни царини од 25 до 50 отсто за целата руска нафта доколку се чини дека претседателот Владимир Путин ги блокира неговите напори да стави крај на војната во Украина.
Трамп во неделата рече дека е „многу лут“ кога Путин повика на формирање на преодна влада во Украина, која би можела да го собори украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Ако Русија и јас не успееме да постигнеме договор за прекин на крвопролевањето во Украина, а верувам дека е виновна Русија, да воведеме секундарни царини за целата нафта што излегува од Русија“, рече Трамп во интервју за американската телевизиска мрежа Ен-Би-Си.
Тој рече дека трговските мерки ќе бидат воведени во рок од еден месец доколку нема договор за прекин на огнот.
„Тоа би значело дека ако купувате нафта од Русија, не можете да работите во САД“, рече Трамп.
Овие најави доаѓаат откако Белата куќа на 25 март објави дека и Русија и Украина се согласиле на прекин на огнот и да дозволат пловидба во Црното Море, како и договор да не се таргетираат енергетски објекти.
Сè уште има проблеми со спроведувањето на договорот. Киев вели дека ќе стапи на сила веднаш, а Москва дека ќе стапи на сила по делумното укинување на санкциите за руските компании и банки вклучени во меѓународната трговија со храна.
Коментарите на Трамп означуваат поместување од мекиот пристап што Белата куќа го зазеде кон Русија откако американскиот претседател го назначи завршувањето на војната во Украина како приоритет на надворешната политика, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Во меѓувреме, Зеленски на 30 март рече дека беспилотните летала, бомбите и гранатирањето се одговор на Русија на предлогот на САД за безусловен прекин на огнот.
„Путин покажува дека не му е грижа за дипломатијата. Потребни ни се поостри санкции против Русија, повеќе капацитети за воздушна одбрана за Украина и повеќе единство меѓу нашите партнери“, додаде Зеленски.
Во услови на дипломатски напори предводени од САД да се постигне прекин на огнот, Киев ја обвини Москва за „воено злосторство“ на 30 март, откако руските беспилотни летала нападнаа воена болница.