Украина ја обвини Русија за „воено злосторство“ по напад на воена болница

Украина - украински пожарникар гасне пожар по напад на руски дрон во Харков, 29 март 2025 година.

Украина - украински пожарникар гасне пожар по напад на руски дрон во Харков, 29 март 2025 година.

Украина ја обвини Москва за „воено злосторство“ во неделата, 30 март, откако руски беспилотни летала нападнаа воена болница во Харков, вториот по големина град во Украина, во напади во кои властите соопштија дека загинале две лица.

Во нападите во Харков беа погодени и трговски центар, станбен блок и други цели.

Генералштабот на украинската армија ја обвини Русија за „прекршување на нормите на меѓународното хуманитарно право“ за време на нападот и го осуди како „намерно, насочено гранатирање“.

Во соопштението се наведува дека меѓу жртвите има и војници кои се на лекување во медицинскиот центар, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: Зеленски повика на „силен одговор“ од Западот на руските напади

Еден час пред нападот на Харков, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Киев очекува силен одговор од западните земји на речиси секојдневните напади од руски беспилотни летала.

„Нашите партнери треба јасно да разберат: овие напади не се само напади врз украинските цивили, туку и врз сите меѓународни напори - врз самата дипломатија што се обидуваме да ја искористиме за да ставиме крај на оваа војна“, рече Зеленски во видео обраќање доцна ноќта во саботата.

Украинските власти соопштија дека, покрај нападот на Харков, Русија истрелала балистичка ракета и лансирала беспилотни летала кон градовите Дњепар, Криви Рих и Полтава.

Најмалку две лица загинаа во нападите во текот на ноќта, а 26 лица се повредени низ целата земја, соопштија украинските власти.

Украинскиот претседател рече дека „Русија ги удира позициите на сите што сакаат да ја прекинат оваа војна“, додавајќи дека „невозможно е да се игнорираат стотиците ирански беспилотни летала Шахед што Русија ги лансира секоја вечер.

Белата куќа на 25 март објави дека Русија и Украина се согласиле на прекин на огнот и да дозволат пловидба низ Црното Море.

Сепак, се уште има проблеми со спроведувањето на договорот. Киев вели дека стапува на сила веднаш, додека Москва рече дека ќе го следи делумното укинување на санкциите за руските компании и банки вклучени во меѓународната трговија со храна.