Деканката на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ниш, Наталија Јовановиќ, била нападната на 30 март, потврди нишката полиција за Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Постои сомневање дека со нож била нападната деканката на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ниш. Ѝ се укажува помош во Клиничкиот центар и се работи на расветлување на сите околности за настанот“, велат за РСЕ од полициската управа во Ниш.
Деканката Јовановиќ и претходно беше цел на напади и закани, бидејќи ги поддржуваше студентските протести и блокадите на факултетите.
Таа била нападната во пресрет на протестот во Ниш, а нејзиниот сопруг за агенцијата Бета изјавил дека до понатамошна наредба ќе биде задржана во Ургентниот центар, не поради повредата, туку поради високиот притисок.
Тој исто така изјави дека „зад овој напад стои потписот на (српскиот претседател Александар) Вучиќ, бидејќи тој ја „посочил неа како едно од главните зла во Ниш“.
Јовановиќ беше меѓу првите раководители на факултет во Србија што ги поддржа студентските барања, а нејзиниот Филозофски факултет беше првиот во Ниш што ги отвори вратите за студентите од блокадата.
Од крајот на ноември, студентите блокираа десетици државни факултети на пет универзитети во Србија.
Бараат утврдување политичка и кривична одговорност за падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември кога загинаа 16 лица.
Бараат и санкционирање на напаѓачите на студентите на протестите по трагедијата и прекин на постапката против уапсените демонстранти.
Надлежните тврдат дека се исполнети сите барања на студентите, ги повикуваат да ги отворат факултетите, а академиците велат дека барањата не се исполнети и дека продолжуваат со блокирање на факултетите.
Студентските барања ги поддржаа организации на просветни работници, правници, универзитетски професори, земјоделци и други граѓани.
Протести предводени од студенти се одржаа во повеќе од 300 градови и населени места во Србија со учество на стотици илјади луѓе.