Илјадници луѓе се собраа на протест пред зградата на провладината телевизија Информер во Белград и бараат забрана за работа на Информер поради начинот на известување за демонстрациите на студентите во Србија и кршење на новинарскиот кодекс.
Репортерите на Радио Слободна Европа (РСЕ) јавија дека полицијата го чува приодот до телевизијата, а пред зградата е подигната и ограда.
„Информаторот е директно во служба на власта. Политички билтен маскиран во медиум. Тука сме да покажеме дека вистината не се продава“, рече еден од студентите присутни на протестот и прочита извадоци од новинарскиот кодекс кој пропишува објективни информации.
Директна причина за протестот беше коментарот на Драган Ј. Вучиќевиќ, главен уредник на телевизијата Информер и на истоимениот дневен весник, кој во програмата на тој медиум зборуваше за приватниот живот на студентот Давуд Делимеѓац.
„Информер со ова уште еднаш покажа дека не е медиум, туку алатка на пропаганда која работи над законите без никакви последици“, соопшти на 18 март групата „Студенти во блокада“.
Студентите од 26 ноември лани блокираат повеќе од 60 факултети на пет универзитети во Србија и бараат кривична и политичка одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024.
Оттогаш, на покана на студентите, се одржаа десетици протести во повеќе од 400 градови и населени места низ земјата, на кои учествуваа стотици илјади луѓе.
Според извештај на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), против Телевизија Информер во 2025 година биле поднесени 20 претставки за ширење говор на омраза, отворена пропаганда, манипулации и дезинформации.
Прописите во Србија регулираат дека медиумот што добива дозвола за емитување е должен да ги почитува законите, да придонесува за плурализмот и да има содржини од јавен интерес за информирање на граѓаните.