Светската здравствена организација предлага намалување на буџетот и на бројот на вработени

Швајцарија - Логото на Светската здравствена организација (СЗО) пред седиштето во Женева, Швајцарија, 11 јуни 2009 година.

Светската здравствена организација (СЗО) предлага да го намали персоналот и обемот на работа, а притоа да го намали својот буџет за нешто повеќе од една петтина поради кратењата на финансирањето од Соединетите Американски Држави (САД), јави Ројтерс, повикувајќи се на интерен меморандум во кој новинската агенција имала увид.

По преземањето на функцијата во јануари, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од СЗО, наведувајќи дека глобалната здравствена агенција постапила неправилно за време на пандемијата со Ковид-19 и во други меѓународни здравствени кризи.

САД обезбедуваат најголема финансиска поддршка за СЗО, покривајќи околу 18 отсто од вкупното финансирање на организацијата.

„Најавата на САД, во комбинација со неодамнешните кратења на официјалната развојна помош за некои земји за финансирање на зголемените трошоци за одбраната, ја направи нашата ситуација многу поакутна“, се вели во меморандумот на СЗО, датиран на 28 март и потпишан од генералниот директор на организацијата, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Видете и ова: СЗО вели дека ќе ги преиспита приоритетите пред излегувањето на САД од организацијата

Повлекувањето на САД од СЗО ја влоши финансиската криза бидејќи членките ги намалија трошоците за развој. Соочена со празнина во приходите од речиси 600 милиони долари оваа година, СЗО предложи помал буџет за 2026-2027 година за 21 отсто -односно од 5,3 милијарди долари на 4,2 милијарди долари.

Во февруари, извршниот одбор на СЗО првично го намали предложениот буџет за периодот 2026-2027 година од 5,3 милијарди долари на 4,9 милијарди долари, се вели во документот.

„И покрај нашите најдобри напори, сега сме до точка каде немаме друг избор освен да го намалиме опсегот на нашата работа и работна сила“, пишува во меморандумот во кој Ројтерс имал увид.

Документите на СЗО покажуваат дека повеќе од една четвртина од 9.473 вработени се во Женева.

Според Ројтерс, во внатрешен меморандум од 10 март, исто така, се вели дека СЗО почнала да поставува приоритети и објавила едногодишно ограничување на договорите на вработените.

Во меморандумот се вели дека персоналот работи на обезбедување дополнителни средства од земјите, приватните донатори и филантропите.