Повеќе од илјада загинати во земјотресот во Мјанмар

Последици од земјотресот во Мјанмар, 29 март 2025 година.

Странски спасувачки тимови пристигнуваат во Мјанмар за да помогнат во потрагата по преживеани од земјотресот во кој загинаа повеќе од 1.000 луѓе во сиромашната југоисточна азиска земја, уништувајќи ја критичната инфраструктура во услови на граѓанска војна, јави агенцијата Ројтерс.

Бројот на загинати во Мјанмар досега е 1.002 лица, соопшти воената влада на 29 март, што е значително поголем од првичните извештаи на државните медиуми за 144 мртви во петокот, на 28 март.

Најмалку девет лица загинаа во соседен Тајланд, каде земјотрес со јачина од 7, 7 степени по Рихтер урна и облакодер во изградба во главниот град Бангкок, при што 30 лица останаа заробени под урнатините, а 49 се водат како исчезнати.

Проценките на Американскиот геолошки институт покажуваат дека бројот на загинати во Мјанмар може да надмине 10.000 лица.

Видете и ова: Земјотрес од 7,7 степени го погоди Мјанмар, се урна висококатница во Бангкок

Земјотресот во Мјанмар оштети патишта, мостови и згради, соопшти Воената хунта.

Русија, Индија, Малезија и Сингапур испратија авиони со хуманитарна помош и со персонал во Мјанмар. Јужна Кореја најави дека ќе обезбеди првични два милиони долари хуманитарна помош преку меѓународни организации.

САД, кои ги затегнаа односите со војската на Мјанмар и воведоа санкции за нивните официјални лица, вклучително и шефот на хунтата Мин Аунг Хлаинг, соопштија дека ќе обезбедат одредена помош.

Земјотресот на 28 март попладне погоди значителни делови од земјата, од централните рамнини околу Мандалеј до ридовите Шана, чии делови не се целосно под контрола на хунтата.