Крива Река загадена со олово, цијанид и фосфор, тврди градоначалникот на Крива Паланка

Илустрација, архивска фотографија на загадена река

Илустрација, архивска фотографија на загадена река

Десеткратно поголемо присуство на олово, цијанид и фосфор во Крива Река што е опасно по животот на граѓаните во Крива Паланка откри на 28 март градоначаникот на Крива Паланка Сашко Митовски на вонредна прес конференција. Ова изјава доаѓа по две недели откако се случила хаварија во Рудник Тораница со кој стопанисува фирмата „Булмак 2016 ДООЕЛ“ од Пробиштип.

Според проверката од акредитирана лабоараторија за десет пати е зголемена концетрацијата на олово во реката, а за неколку стотици пати повеќе е зголемена концетрацијата на цијаниц и фосфор. Цијанидот е брзо дејствувачки отров кој може да биде смртоносен за луѓето, животните и рибите, дури и во мали количини.

Локалните власти соопштија дека дополнително загадена е и почвата околу реката, што претставува дополнителна закана. Општината ќе бара кривична одговорност од компанијата што стопанисува со рудникот.

„Во ризик е и стоката која исто така се напојува од овие реки и со тоа индиректно е загрозено здравјето на граѓаните што ги користат земјоделските и сточни производи, изјави градоначалникот Митовски.

Според соопштението на компанијата Булмак 2016 ДООЕЛ“ од Пробиштип на 14 март настанал дефект во водоводна цевка од каде истекла јамска(подземна) вода во Крива Река. Оттаму пак, велат дека благовремено и во детали преку соопштение ја известиле јавноста за ситуацијата, со потврда дека од дефектната цевка е истечена исклучиво атмосферска вода.

„Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошкиот процес од Флотацијата на Рудник “Тораница““, се вели во нивното соопштение.

Видете и ова: Опасен отпад се истурал на приватна депонија во Ѓорче Петров, општината демантира

Во меѓувреме по вонреден извршен надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина било утврдено прекршок од трета категорија за што е предвидена казна од 200 илјади евра.

Од Компанијата велат дека усогласиле спогодба со Министерството за животна средина со која, како што велат, се уредени сите идни чекори во смисла на мерки кои произлегуваат од овој случај и според која секако, очекуваат надлежното Министерство да се произнесе со финална потврда на утврдените параметри од Спогодбата.

Градоначалникот Митовски го обвини Државниот инспекторат за животна средина дека не реагирале навреме и не постапиле законски.

Од граѓанската иницијатива Зелен хуман град бараат истрага да спроведат Министерството за внатрешни работи и Обвинителство.

„За труењето предизвикано од рудникот Тораница знаеме само зашто се спротивставени политичките партии на локално и на централно ниво – градоначалникот на К. Паланка, Сашко Митковски е од СДСМ, Државниот инспекторат за животна средина е на коалицијата на власт – ВЛЕН и ВМРО ДПМНЕ. Вака не изгледа неселективна борба со корупција, вака изгледа меѓупартиска пресметка која продолжува да генерира невини жртви во Македонија и да се коцка со нашите животи!“, се вели во нивното соопштение.

Во него е посочено дека бараат јавно да се објави извештајот на Државниот инспекторат за животна средина и извештајот од ангажираната лабараторија од градоначалникот Митовски, и дополнително посочуваат дека со Спогодба компанијата може да избегне судски епилог за еко-инцидентот.

„Со искористувањето на можноста за спогодба од Законот за животната средина, сторителот ја избегнува судската постапка, секако во согласност со закон и со тоа ја елиминира можноста од членот 96-б од Кривичниот закон, според кој судот има надлежност да изрече трајна забрана за вршење одделна дејност или престанок на правното лице доколку оцени дека постои опасност сторителот во иднина да го повтори делото“, се вели во нивното соопштение.

Граѓанската иницијатива „О2“ предупредува дека и реката Пчиња е загрозена.

„Загрозени се бунарите, подземните води, живиот свет, загрозена е и почвата по текот на овие реки, земјоделските насади кои се наводнуваат од овие речни подрачја, сточниот фонд и ултимативно животот и здравјето на луѓето што ги конзумираат овие производи“, се вели во нивното соопштение.

Градоначалникот на Крива Паланка истакна дека во тек се анализи и за водата за пиење во општината.